Еден верски фестивал, еден фудбалски натпревар и политички избори ја фрлија Индија во очај со пандемијата од КОВИД-19


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Пандемијата на КОВИД-19 буквално ја порази Индија и здравствено и системски, фрлајќи ја на колена и во очај. Болниците се полни, нема кислород, починатите масовно се кремираат. Пред само три месеци ситуацијата беше сосема поинаква.

Во јануари премиерот Наренда Моди ја посочи Индија како пример за земја што успешно ја контролира коронакризата. Во тоа време, бројките тоа и го покажуваа – во просек се бележеа околу 130 смртни случаи, што се чинеше малку за земја со скоро 1,4 милијарда жители. Што се смени од јануари до април и зошто Индија потклекна пред короната?

Во саботата, Индија забележа рекордни 340.000 заразени за 24 часа и дури 2.600 починати, со што вкупниот број на заразени премина 16,9 милиони, а на починатите 192.000. Рамките на печките во крематориумите се топат од деноноќната употреба, а здравствените работници остануваат без енергија бидејќи се борат со голем прилив на пациенти и недостиг од кислород.

Сепак, експертите посочуваат дека најлошото допрва доаѓа. Вирусологот Шахид Џимел вели дека новите варијанти на коронавирусот покажуваат дека врвот на пандемијата се очекува за две недели и дека бројот на заразени лица веројатно ќе биде поголем од 500.000. Една студија на списанието Лансет предвидува дека секој ден до почетокот на јуни би можеле да умираат повеќе од 2.300 луѓе.

Како Индија се најде во толку лоша ситуација?

Постојат три причини – хиндуистичкиот фестивал Кумб Мела, на кој присуствуваа 3,5 милиони луѓе, десетици илјади луѓе на мечот Индија – Англија, а ништо помалку луѓе беа присутни и на неодамнешните предизборни митинзи во Западен Бенгал.

Ваквите масовни митинзи станаа можни откако мерките беа одеднаш олабавени во почетокот на годината. Во тоа време, на Светскиот економски форум, Моди восхитено прогласи триумф на Индија над коронавирусот.

„Го победивме вирусот“, рече тој.

Карантинот и епидемиолошките мерки стануваа сè поблаги, беа затворени привремените коронацентри, угостителските објекти и трговски центри продолжија со работа, а се одржаа и голем број свадби што минатата година беа одложени. И покрај предупредувањата на здравствените експерти за можен нов бран и повеќе смртоносни соеви на коронавирусот, огромното мнозинство граѓани беа убедени дека вирусот е поразен и му се вратија на нормалниот живот.

Фестивали, натпревари, избори, никој не ги слушаше критичарите

Набргу потоа, со дозвола на индискиот премиер, се одржа хинду-фестивалот Кумб Мела, како и „фестивалот на љубовта“ во главниот град на индиската држава Западен Бенгал, кој ја слави вечната и божествена љубов кон Радха и Кришна.

Стадионите беа полни, натпреварите се играа во присуство на публика.

Не недостигаа ни предизборни активности. Четирите големи федерални држави во Индија продолжија со предизборните митинзи, а кризниот штаб на оваа земја не се состана ниту еднаш во февруари и март.

Критичарите со неверување гледаа во владата, која со своето лежерно однесување ја доведе земјата во пропаст.

„Се чувствуваше ентузијазам. Некои мислеа дека сме постигнале имунитет на стадо и сите сакаа да се вратат на работа. Многумина поверуваа во тој победнички наратив, никој не ги слушаше тие малку попретпазливи гласови“, изјави за Би-би-си Сринат Реди, претставник на јавното здравство во Индија.

Економистот Михир Шарма, критичар на Моди, смета дека колапсот се должи на несовесниот начин на однесување.

„Типично за Индија, официјалната ароганција, хипернационализмот, популизмот и бирократската неспособност создадоа криза“, рече Шарма.

„Во февруари реков дека вирусот не е поразен и дека ќе нè погоди цунами ако не ги заостриме мерките. Сепак, меѓу луѓето се вовлече илузија на нормалност и никој не презеде ништо за да го запре вториот бран. За жал, сега навистина нè погоди цунами“, заклучи тој.

Кога реагираше владата?

Кон средината на март, Индија откри нова варијанта на вирусот, „двојно мутиран сој“. Се покажа дека оваа варијанта е позаразна, посмртоносна и поотпорна на вакцините. Дури тогаш, на 20 март, премиерот Нарендра Моди излезе во јавноста и ги молеше граѓаните да останат во своите домови за да не мора владата повторно да воведува карантин.

Тогаш ситуацијата достигна критична точка и Индијците почнаа да ја молат Владата да стори нешто за да ги спаси нивните семејства и најблиските пријатели.

Владата прво ги обвинуваше федералните држави во кои на власт не е Модиевата партија Бартија Јаната парти (БЈП), но потоа Моди му нареди на Индискиот институт за серуми, најголемиот светски производител на вакцини, да престане да извезува и да се фокусира на дистрибуција на вакцините во Индија. До март беа произведени околу 130 милиони вакцини за извоз, а помалку од 1,5 процент од населението ги прими обете дози.

Сепак Институтот призна дека до јуни нема да може да го зголеми бројот на вакцини поради недостиг од финансии и ограничувањата на САД за извоз на суровини што се користат во производството на опрема за вакцини. Една функционерка од Белата куќа изјави дека Соединетите Држави наскоро ќе им испратат дополнителна поддршка на Владата и на медицинските работници во Индија и посочи дека тие веќе ѝ обезбедиле на Индија здравствена помош од околу 1,6 милијарда долари.

Болниците немаат основна медицинска опрема, кревети и персонал. Во државните болници, на еден кревет доаѓаат двајца или дури тројца пациенти. Оние пациенти што не се во критична состојба се сместуваат во ходниците и им се дава кислород. Оние што немаат толку среќа чекаат во амбулантни возила пред болницата.

Некои државни болници почнаа да одбиваат да примаат пациенти, а во приватните болници доаѓаат луѓе со поблаги симптоми.

Светот ѝ помага на Индија

Помошта за Индија доаѓа од сите страни.

„ЕУ подготвува итна помош за Индија, која се соочува со растечка криза поради епидемијата на коронавирусот, во која инфекциите и смртните случаи достигнаа рекордни нивоа“, изјави шефицата на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

Германската канцеларка Ангела Меркел изјави дека нејзината влада подготвува итна помош за Индија. Официјално не е објавено како ќе помогне Германија, но неделникот Шпигл објави дека вооружените сили на земјата добиле барање за помош при организирање на снабдувањето со кислород.

Франција, исто така, наредниве денови ќе испрати респираторна опрема за кислород во Индија, објави канцеларијата на францускиот претседател Емануел Макрон.

Американскиот претседател Џозеф Бајден синоќа изјави дека Соединетите Држави се решени да ѝ помогнат на Индија да се справи со масовниот скок на случаи со коронавирусот, исто како што Индија им помагаше на Американците кога американските болници беа во неволја во почетокот на пандемијата.

„Исто како што Индија испрати помош до Соединетите Држави, кога нашите болници беа преполни во почетокот на пандемијата, ние сме решени да ѝ помогнеме на Индија во неволја“, напиша Бајден.

Британската влада во неделата објави дека ќе испрати повеќе од 600 парчиња опрема како итна медицинска помош во Индија.

„Важна медицинска опрема, стотици резервоари со кислород и респиратори се на пат од Велика Британија до Индија“, рече британскиот премиер Борис Џонсон.

Извор: Мкд.мк