Џо Бајден е 46. претседател на САД, Трамп не се предава – „јас победив на овие избори“


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Откако Пенсилванија ја прогласи неговата изборна победа во оваа сојузна американска држава, Џо Бајден е прогласен за новиот, 46. претседател на САД.

Иако неколку сојузни држави сѐ уште ги немаат објавено резултатите од гласањето, победата во Пенсилванија му носи 20 електорални гласови, доволно за да го надмине прагот од потребните 270. На национално ниво, тој има освоено над четири милиони гласови повеќе од Доналд Трамп. На Твитер се огласи Бајден кој напиша дека му е чест да ја води државата.

„Америко, чест ми е што ме избравте да ја водам нашата голема земја. Пред нас е тешка работа, но ветувам дека ќе бидам претседател на сите Американци, без оглед дали гласале за мене или не“ – напиша Бајден.

Непосредно пред медиумите да ги објават проекциите со кои Бајден е победник, актуелниот претседател Доналд Трамп на Твитер напиша дека ги добил изборите и тоа со голема разлика во гласовите. Трамп тврди дека изборите се наместени во корист на демократите и најави тужби. Во првата реакција откако американските медиуми објавија дека Бајден е избран за претседател, Трамп преку соопштение вели дека овие избори не се готови и дека од понеделник ќе почне правната разврска.

„Нема да се смирам сè додека американскиот народ не добие чесно броење гласови кое го заслужува и кое го бара демократијата“ – напиша Трамп.

Инаку, Бајден ќе има 78 години на инаугурацијата, со што ќе биде најстариот претседател во историјата на САД. Тој се враќа во Белата куќа по четири години, откако претходно беше потпретседател во двата мандата на Барак Обама.

Истовремено, Камала Харис ќе биде прва жена на функцијата потпретседател. Од најсиромашен сенатор до прв човек на САД, Бајден неговиот успех го градеше со напорна работа и стана милионер. Досегашните негови изјави и интервјуа укажуваат на тоа дека тој ќе се стреми кон „соработка со останатите држави кои ги споделуваат американските вредности и цели, а тоа ја прави Америка побезбедна и поуспешна.

Бајден најави дека во текот на првата година од неговиот мандат во Белата куќа, ќе биде домаќин на голем самит за демократија, а ќе бара од владите да се обврзат на нови акции во борбата за човековите права, против корупцијата и авторитарните режими.

Посветеноста на Бајден на интеграцијата на Западен Балкан и на Северна Македонија во ЕУ, ја потврди и Хојт Ји, поранешен заменик помошник државен секретар, кој е дел од изборниот штаб на демократскиот претседателски кандидат. Прв со честитки за победата на Бајден се огласи канадскиот премијер Џастин Трудо.