Дел од Европа ги отвора границите за сите кои имаат примено вакцина против КОВИД-19


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


На прагот на овогодинешната летна сезона, шпанските, италијанските и грчките плажи, како и градовите како Париз, Рим и Берлин, ќе можат да ги примат патниците што се целосно вакцинирани против ковид-19, пишува Блумберг.

„Време е да го оживееме туризмот во Европската Унија и да ги обновиме прекуграничните пријателски врски – безбедно“, напиша на Твитер претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

Фон дер Лајен препорача добредојде за гостите од земјите со релативно ниска стапка на инфекција, како и на оние што биле целосно вакцинирани против ковид-19.

„Ова може да се прошири и на вакцините што се наоѓаат на списокот за итна употреба на Светската здравствена организација.“

Покрај тоа, Комисијата предлага да се крене границата на бројот на нови случаи на ковид-19 што се користи при одлучувањето за списокот на земји од кои е дозволено патување, соопшти извршното тело на ЕУ.

За овие предлози е потребно одобрување од мнозинството од 27 земји-членки на блокот и може да бидат усвоени до крајот на мај.

Ограничувањата за патување се во сила веќе една година и претставуваат горчлив удар за Унијата, која инаку се гордее со своите отворени граници меѓу членките.

Од земјите-членки ќе се бара да ги примат сите патници што биле вакцинирани со вакцина одобрена од ЕУ, вклучително и Фајзер, Астразенека, Модерна и Џонсон & Џонсон.

Ова значи дека вакцинираните со руски Спутник или кинески Синофарм или Синовак нема да можат слободно да патуваат низ Европа само врз основа на статусот на примената вакцина.

Кому ќе му биде дозволено да патува без карантин во Европа:

– граѓаните на сите земји-членки со зелен пасош – документ што докажува дека сте вакцинирани со две дози, имате антитела од неодамна прележана болест или неодамна сте тестирани негативно;

– жителите на неевропски земји што имаат доказ за вакцинација со вакцина одобрена во ЕУ;

– жители од „белата листа“ – неевропски земји што имаат мал ризик од ширење на инфекцијата со оглед на моменталната епидемиолошка состојба, што ќе се ажурира на секои две недели (бројот на нови случаи мора да биде помал од 100 на 100.000 жители).

Со цел да се ограничи увозот на нови соеви на коронавирусот, Комисијата предлага и „рачна сопирачка“, што ќе овозможи брзо воведување ограничувања за патувања доколку се влоши здравствената состојба во некои земји.

Во тој случај, само неопходните работници, како што се дипломатите или медицинскиот персонал, ќе можат да ги преминат границите, но и тогаш тие ќе бидат подложени на тестирање и строг карантин.

Членките на ЕУ во вторник ќе разговараат за својот одговор на предлогот на Комисијата.