Во последниве години посветуваме сè поголемо внимание на цревниот микробиом, пробиотиците и здравјето на дигестивниот систем. За вагиналниот микробиом, пак, се зборува значително помалку, иако тој претставува една од важните природни заштитни бариери на женското тело. Станува збор за заедница од микроорганизми, главно бактерии, кои природно живеат во вагината и помагаат да се одржи здрава средина. Кога оваа заедница е во рамнотежа, најчесто преовладуваат бактериите од родот Lactobacillus. Тие создаваат млечна киселина, која ја одржува природната киселост на вагината. Кај повеќето жени во репродуктивна возраст, pH-вредноста е под 4,5. Таквата средина го отежнува размножувањето на одредени потенцијално штетни микроорганизми.
Составот на вагиналниот микробиом не е постојан. Тој се менува под влијание на хормоните, во текот на менструалниот циклус, во бременоста, по породувањето, за време на доењето и во менопаузата. Затоа интимното здравје не може да се разгледува одвоено од состојбата на целиот организам.


Што може да ја наруши рамнотежата?
Како и кај другите микробиоми во телото, целта не е да се отстранат сите бактерии, туку да се зачува нивната соодветна рамнотежа. Некои секојдневни навики можат да ја нарушат, дури и кога ги сметаме за дел од добрата хигиена.
Меѓу нив е прекумерната употреба на препарати за интимна нега. Вагиналните испирања, парфимираните гелови, интимните дезодоранси и агресивните средства за миење можат да ја нарушат природната заштитна средина. Вагината има сопствен механизам на чистење и не бара сложена рутина. За надворешниот интимен предел, односно вулвата, обично се доволни млака вода и благи средства без мирис.
Влијание имаат и антибиотиците: покрај бактериите што предизвикуваат инфекции, тие можат да ги погодат и корисните микроорганизми. Затоа кај некои жени по антибиотска терапија се појавува вагинална кандидијаза. Значајни се и хормоналните промени. На пример, намалувањето на естрогенот во менопаузата може да ја промени вагиналната pH-вредност, да го намали бројот на лактобацили и да доведе до сувост и иритација.
Сексуалната активност, новите сексуални партнери и незаштитените односи исто така можат да влијаат врз вагиналната средина. Сепак, не секоја промена во микробиомот значи инфекција или е последица на недоволна хигиена.
Кои знаци можат да укажат на нарушена рамнотежа?
Промените понекогаш не предизвикуваат никакви симптоми, но телото може да испрати сигнали дека нешто е поинаку од вообичаеното. Изменетиот мирис на вагиналниот секрет, особено ако е силен и потсетува на риба, може да биде знак за бактериска вагиноза. Може да се појави и поредок, сивкаво-бел секрет, а мирисот понекогаш е поизразен по сексуален однос.
Силното чешање, црвенилото, чувството на печење и густиот белузлав секрет, пак, можат да упатуваат на вагинална кандидијаза. Иако овие две состојби често се споменуваат заедно, бактериската вагиноза и кандидијазата не се исто и се лекуваат на различен начин.
Не треба секоја промена во секретот да се смета за причина за загриженост. Неговата количина и густина природно се менуваат во текот на менструалниот циклус. Проѕирен, белузлав или растеглив секрет, без непријатен мирис, чешање и иритација, најчесто е нормална појава. Но, ако невообичаените промени траат, се повторуваат или се придружени со болка, најдобро е да се побара совет од гинеколог, наместо самостојно да се избираат препарати за лекување.
Едноставната нега е подобар избор
За зачувување на вагиналниот микробиом, помалку навистина може да биде повеќе. Не се потребни многубројни нови производи ниту целосна промена на секојдневните навики. Поважно е да се избегнува она што ја нарушува природната заштита на телото.
Тоа подразбира избегнување вагинални испирања и парфимирани производи, земање антибиотици исклучиво по лекарска препорака и следење на промените што се јавуваат во периодите на хормонални промени. Удобната долна облека и облеката што не задржува влага подолго време можат да придонесат за попријатно чувство, но сами по себе не гарантираат здрав микробиом.
А каква е улогата на пробиотиците, кои сè почесто се споменуваат кога станува збор за интимното здравје? Оралните и вагиналните препарати со лактобацили привлекуваат внимание поради можноста да помогнат во одржувањето поволна бактериска рамнотежа. Сепак, нивната ефикасност зависи од конкретните бактериски соеви и од здравствениот проблем. Научните докази засега не се доволно усогласени за нивната редовна употреба да им се препорача на сите жени. Тие не можат да ја заменат ниту терапијата за бактериска вагиноза или за други инфекции.

Зошто е важно да го познаваме сопственото тело?
Една од најважните промени во односот кон интимното здравје е да престанеме секоја природна појава да ја доживуваме како нешто што мора да се исправи. Вагиналниот секрет, благите промени во текот на циклусот и разликите во составот на микробиомот се дел од индивидуалната биологија. Грижата за вагиналниот микробиом не значи стремеж кон совршено чист или стерилен интимен предел. Таа подразбира разбирање на природните процеси, повнимателен избор на производи и барање стручен совет кога ќе се забележат промени. Понекогаш најдобрата рутина е онаа што ни помага подобро да го разбереме телото, наместо постојано да се обидуваме да го менуваме.
Фото: kaboompics.com, cottonbro studio / Pexels
Извор: Lepota i Zdravlje