Благодарение на пчелите, утврдена староста на абориџински цртежи во Австралија


Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


Според првичните експертски мислења, се сметаше дека цртежите на кои се претставени човечки фигури кои ги украсуваат камените засолништа на Западна Австралија, во регионот Кимберли, датираат од пред 17.000 години или се дури и постари. Но, според резултатите од истражувањата во рамки на новата студија направена за овие цртежи, се дојде до поинаков заклучок.

Според последните податоци добиени од научниците, овие цртежи би можеле да бидат нешто понови и веројатно биле направени пред 12.700 до 11.500 години, пишува Science News.

Многу е тешко да се утврди од кој период потекнуваат камените цртежи во Југоисточна Азија, Австралија и други места во светот. Геологот Дамијан Финч од универзитетот во Мелбурн и неговите колеги се обидоа да ја утврдат возраста на 24 кошници од пчели изработени од кал, кои биле зацврстени под или над карпите со цртежи од Абориџините, користејќи го радиокарбонскиот метод.

Овие цртежи биле пронајдени на 14 карпи и прикажуваат човечки фигури и предмети како што се бумеранзи и копја.

Повеќето од испитуваните куќишта укажуваат дека овие цртежи биле направени пред 12.000 години, барем 5000 години подоцна отколку што се мислело. Доказите обезбедени со методот на радиокарбон доведуваат до заклучок дека еден од цртежите, сепак, е направен пред 17.000 години или дури порано, утврдиле истражувачите.

Претходно, една студија од 1997 година открила дека овие цртежи биле стари 16.400 години, исто така, врз основа на возраста на калта што ја користеле пчелите за правење кошници.