Бил Гејтс: Јас не сум како Илон Маск – „не сум паднат од Марс“


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Технолошките могули и милијадери Илон Маск и Џеф Безос вложија милијарди долари во приватно финансирани вселенски патувања, со цел да формираат човечки колонии надвор од Земјата.

Но, за разлика од нив, технолошкиот иноватор и милијардер Бил Гејтс е повеќе загрижен околу локалните проблеми, тука на Земјата.

Коосновачот на Мајкрософт објасни зошто не се вклучил во вселенската трка на Безос и Маск.

„Не, не сум паднат од Марс. Но знам многу луѓе од Марс“, кажа тој на шега. „Мислам дека ракетите не се решение. Но, можеби таму нешто ми недостига“, додаде Гејтс за подкастот Свеј на Кара Свишер.

Гејтс, кој се појави на подкастот за да ја промовира својата нова книга „Како да се избегне климатска катастрофа“, кажа дека е заинтересиран за користење на своето богатство за директно решавање на некои од најголемите предизвици на човештвото. Ѝ кажа на Свишер дека не е премногу заинтересиран да купи билет за вселената.

„Нема да платам многу пари, бидејќи мојата фондација може да купи вакцини против сипаници и да спаси живот за 1.000 долари. Сè што правам, секогаш помислувам: Во ред, би можел да ги потрошам тие 1.000 долари купувајќи вакцини против сипаници“.

Кога станува збор за долготрајното решавање на климатските промени и сузбивањето на емисиите на штетни гасови, кажа Гејтс, луѓето би требало да обратат повеќе внимание на индустриите кои тешко можат да се направат позелени, како тие за челик, цемент и месо.

„Но компаниите како Тесла постигнаа голем напредок во тие сфери, како автомобилите“, призна тој.

„Важно е да се истакне дека она што Илон го направи со Тесла е еден од најголемите придонеси на климатските промени кој некој некогаш го дал. Затоа потценувањето на Илон не е добра идеја“, напомена основачот на Мајкрософт.

Меѓупланетарните амбиции на Маск се однесуваат на ракетите кои ги разви Спејсекс, компанијата за истражување на вселената која ја формираше во 2002 година, за до 2050 да превезе милион луѓе на Марс.

Маск кажа дека сака да формира самоодржлив град на Црвената планета за човештвото да може да ја преживее претстојната апокалипса на Земјата.

Во меѓувреме, основачот на Амазон Џеф Безос сака неговата компанија Блу ориџин да постави база на Месечината, заедно со вселенски колонии во кои би можеле да бидат сместени до милијарда луѓе. И Спејсекс и Блу ориџин работат на развој на ракети за повеќекратна употреба кои драматично би ги намалиле трошоците за патување во вселената.