I AM BACK: „Терминаторот“ стабилен по операцијата на срцето


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


На холивудска ѕвезда и бивш гувернер на Калифорнија, Арнолд Шварценегер, му беше извршена итна операција на отворено срце поради компликациите во текот на операција на срцев залисток, наведе во петокот TMZ.

Операцијата траела неколку часа, наведува порталот кој е добро известен и најчесто прв објавува за новостите кај славните личности, и додава дека во моментот состојбата на пациентот се стабилна.

Седумдесетгодишниот Арнолд Шварценегер во четвртокот бил примен во болницата „Седарс-Синај“ на операција на срцев залисток. Според TMZ, во текот на оваа операција настанале компликации.

Ова не е прва операција на срцето на главниот актер во акционите филмови „Конан“ и „Терминатор“. Порталот, исто така, наведува дека неговите проблеми со срцето не се поврзани со земањето стероиди во текот на кариерата на бодибилдер, туку се наследни.

Во својата биографија издадена во 2012 година под насловот „Тотално отповикување: неверојатната и вистинска приказна на мојот живот“, Шварценегер открива дека не сакал на тогаш бремената сопруга Марија Шривер да ѝ каже дека заминува на првата операција на срцето, па ѝ кажал дека оди на одмор во Мексико. Лекарот тогаш му кажал дека е луд, рече подоцна во интервју за телевизискиот канал CBS.

Шварценегер е роден на 3-ти јули 1947 година во Австрија, а во 2003 година стана гувернер на Калифорнија и во 2006 година доби нов мандат. Таа должност ја напушти во 2011 година и оттогаш е истакнат активист против климатските промени.