Адреналинска пасија: Вртоглаво одење по „хајлајн“ меѓу демиркаписките карпи


Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


Тенка трака со ширина од само 2,5 сантиметри, оптегната меѓу две раздалечени карпи над демиркаписката клисура, со вртоглава провалија под нозете, е адреналинскиот предизвик кој во светот е познат како „хајлајн“ („висока линија“) кој го исполнува авантуристичкиот дух и порив на Мартин Георгиевски од Скопје кој одлучно и бескомпромисно ја практикува оваа дисциплина.

Овој млад човек во разговор за МИА вели дека со опасниот спорт активно се занимава трета година. Веќе има поставено неколку високи линии за поминување по тенка трака или јаже и тоа две на оваа клисура и на неколку други локации во државата.

Со секој ден напредува се повеќе. Овој спорт е поврзан со оние со кои и досега се занимавал. Во земјава сеуште е реткост, вели тој.

„Ризично е, да. Страшно е. И покрај тоа што сум осигуран со безбедносен појас и ако паднам, ќе висам на два метра под јажето или траката. И ми се случило да паднам. Потребна е сепак и среќа во овој спорт кој е еден од најекстремните во светот. Сепак е ризично, особено на почетокот и крајот на патот бидејќи ако се падне таму, можни се повреди од околните карпи. Но, што поопасно, тоа повозбудливо и поадреналински. Едноставно не можам без ова“, нагласува Георгиевски.