Кога некој минува низ тежок период, повеќето луѓе сакаат да помогнат, но често првите зборови што излегуваат се погрешни.
Во желбата да утешат, многумина посегнуваат по реченица која звучи убаво, но знае да заболи повеќе отколку што делува: „Ти си толку силен/a.“
На прв поглед тоа звучи како комплимент. Како поддршка. Како признание за нечија сила. Но, на лицето чиј свет токму што се распаѓа, тие зборови често звучат како дополнителен товар. Како порака дека мора да продолжи да биде силно, дека нема право да се распадне, да плаче, да каже дека веќе не може.
Затоа стручњаците често предупредуваат дека ваквите фрази, иако добронамерни, знаат да ја промашат суштината. Наместо да го признаат болот, тие ја наградуваат маската зад која се крие болката. Наместо да отворат простор за емоции, го затвораат.
Кога некому ќе му кажеш дека е силен, тој може да почувствува дека мора да продолжи да глуми стабилност. Дека не смее да покаже колку му е тешко. Дека мора да биде „оној кој држи сѐ под контрола“, дури и кога внатре се распаѓа.
Многу понежен и поискрен пристап е поедноставен од тоа што изгледа. Понекогаш е доволно да се каже: „Не знам што да кажам, но тука сум.“ Или: „Како си денес?“ Дури и тишината, искрено присуство и порака без големи зборови честопати вредат повеќе од било каков совет.
Луѓето кои страдаат обично не бараат совршена реченица. Тие бараат чувство дека немаат потреба ништо да глумат. Дека смеат да бидат лоши. Дека некој ќе ги види баш такви какви што се тој ден.
А ако вие сте таа личност која минува низ тежок период и некој ви каже нешто што ве гуши наместо да помага, сосема е во ред да кажете: „Тоа во моментов не ми помага.“ Тоа не е непристојно. Тоа е граница.
Зашто вистинската поддршка не изгледа секогаш како мудра реченица. Понекогаш изгледа како некој кој ќе остане, ќе слуша и нема да се обиде да го поправи она што не може да се поправи преку ноќ.