536 година е најлошата во историјата на човештвото – не се случило ништо посебно, освен…


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


А бе каква 2020 најлоша година, се направи мала дигресија во ионака разузданиот колективен начин и стил на живот и одма да се плачело, да се кукало, демек вакво нешто не било. Во суштина, кога ќе се споредиме со дел од нашите претци кои доживеале и преживеале, да речеме, бубонска чума од 1346 до 1353 година (кога половина население од Европа било збришано од Земјата), да можат тие да ѕирнат што доживеавме ние, веројатно ќе ни се смејат.

Е, според научникот Мајкл МекКормик, историчар и археолог кој раководи со иницијативата за наука за човечкото минато на Универзитетот Харвард, дури ни оваа фатална и кобна 1346 година не се смета за најлоша во историјата на човештвото. Според него и истражувањата кои ги води тој, најлоша година во досегашната историја на човештвото била 536-та. Бројка која генерално не асоцира на ама баш ништо посебно.

Неговите аргументи се следни: таа година над Европа, Блискиот Исток и Азија надвиснала мистериозна магла, која го претворила денот во ноќ. И тоа траело не една година, туку цели 18 месеци. Византискиот историчар Прокопиј напишал: „Сонцето се мачеше да ја истури својата светлина без да свети, а истото го правеше и месечината“. Температурите летото 536-та изнесувале 1.5-2.5 степени Целзиусови, означувајќи ја најстудената декада во последните 2300 години. Во Кина тоа лето паднало снег; биле уништени приносите; завладеала масовна глад. Ирските хроничари бележат рекорден недостаток на леб од годината 536-539.

Како капак на целата ситуација, во 541, бубонската чума го зафатила римското пристаниште Пелусиум во Египет. Она што подоцна било наречено „Јустинијанова чума“ се ширело брзо, збришувајќи една половина од тогашното население на Источното римско царство и поттикнувајќи го неговиот пад.

Иако историчарите одамна знаат дека средината на шестиот век било мрачно доба, изворот на мистериозните облаци до скоро било енигма. Сега со ултрапрецизна анализа на мраз од швајцарски ледник, со која раководеле МекКормик и глацеологот Пол Мајевски од Институтот за климатски промени на Универзитетот во Мејн, е откриено дека во тоа време се случила катаклизмична вулканска ерупција на Исланд. Пепел од вулканот се проширил низ целата северна хемисфера, а следеле уште две ерупции. Ова, заедно со чумата, предизвикало економска стагнација во Европа, која траела до 640-та.

Деталниот преглед на природните катастрофи и загадувањето преку истражување на мразот обезбедува нов извор за разбирање на комбинацијата на природни катастрофи и такви предизвикани од човекот. Ова се прави со нов метод со ултра-висока резолуција – ласер кој зема парчиња мраз од длабоките слоеви, со димензии од само 120 микрони, кои преставуваат само неколку денови или недели на снежни врнежи. Секој од примероците, околу 50,000 од секој метар на јадрото – е анализиран, а во него е трагано по десетина елементи. Овој пристап му овозможил на тимот да детектира бури, вулкански ерупции и загадување со олово со прецизност од плус-минус еден месец.