33 години од издавањето на „Мизар“ – култниот прв албум на легендарните Мизар


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


На денешен ден, 1988 година, издаден е истоимениот епохален и култен деби албум на македонскиот бенд Мизар.

Македонскиот музички хроничар Тошо Филиповски забележува дека „сосема случајно, албумот се печати на денот кога осум години претходно (1980 година) ќе се самоубие Ian Curtis фронтменот на „Joy Division”, бендот кој претставува едно од најголемите влијанија на најдобриот балкански (а зошто не и европски) готик/дарк вејв бенд, скопјаните Мизар“.

Деби албумот го објавува словенечката издавачка куќа „Helidon”. „Helidon“ нема да ги испорача првите примероци за предвидената концертна промоција на 21 мај, на новото издание на фестивалот во Суботица, „Omladina ’88“. Мизар ќе настапи, но плочата нема да ја има на промоцијата. По еден месец, во јуни, ќе започне дистрибуцијата низ музичките продавници во Југославија. Отпечатена во скромен тираж од само 5.000 примероци, плочата ќе ја снема од продавниците веќе со крајот на летото. „Helidon“ никогаш нема да ја допечати.
Единственото реиздание на овој албум е направено по 15 години, од страна на домашната издавачка куќа „Litium Records“, на цеде-формат.

На почетокот на 1989 година, целокупниот релевантен југословенски печат, ќе го нотира деби-албумот на Мизар во првите три најдобри албуми на југословенско ниво за таа година. Според многумина, и најдобар. Многу списанија во своите годишни пресеци, Мизар и неговиот деби-албум ќе ги окарактеризираат со изразот „godfathers of dark in Yugoslavia“.