22 години од потпишувањето на Рамковниот договор во Охрид


Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


На денешен ден, 13. август, во 2001 година, во Охрид беше потпишан Рамковниот договор со кој беше ставен крај на неколкумесечниот конфликт во Македонија.

Охридскиот рамковен договор беше потпишан во претседателската резиденција на Водно во Скопје од страна на тогашниот претседател на државата Борис Трајковски, тогашниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Љубчо Георгиевски, како и тогашните лидери на СДСМ, Бранко Црвенковски, на ПДП, Имер Имери и на ДПА, Арбен Џафери. Свои потписи на договорот ставија и специјалните претставници на ЕУ и на САД, Франсоа Леотар и Џејмс Пердју. Во разговорите што започнаа во јули во Скопје, а потоа продолжија во Охрид, беа консултирани повеќе советници и експерти.

Повеќе од 130 закони, законски измени и дополнувања се донесени во изминатите години од имплeментацијата на Охридскиот рамковен договор, од кои најголем дел – 59 се закони за недискриминација и правична застапеност, 40 се во сферата на идентитет, култура, образование и децентрализација на власта.

За успешна имплементација на договорот, беше формиран Секретаријат за спроведување на Охридскиот рамковен договор, кој во 2019 година се трансформираше во Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците.

Во основните принципи на документот се наведува дека „целосно и безусловно се отфрла употребата на насилство за остварување политички цели“. – Само мирни политички решенија можат да ја загарантираат стабилната и демократска иднина на Македонија. Суверенитетот и територијалниот интегритет на Македонија, и унитарниот карактер на државата се неповредливи и мора да се сочуваат. Не постојат територијални решенија за етничките прашања. Мултиетничкиот карактер на македонското општество мора да се сочува и да најде свој одраз во јавниот живот. Една современа демократска држава, во природниот тек на својот развој и созревање, мора постојано да обезбеди нејзиниот Устав целосно да ги исполнува потребите на сите нејзини граѓани во согласност со највисоките меѓународни стандарди, коишто и самите постојано се развиваат. Развојот на локалната самоуправа е од суштествено значење за поттикнување на учеството на граѓаните во демократскиот живот, и за унапредување на почитувањето на идентитетот на заедниците, се додава во документот. Потоа следуваат точки што се однесуваат на прекин на непријателствата, развој на децентрализирана власт, недискриминација и правична застапеност, посебни собраниски процедури, образование и употреба на јазиците, изразување на идентитет и имплементација.

Договорот содржи и три Анекси: А.Уставни амандмани; Б. Измени во законодавството и Ц. Имплементација и мерки за градење доверба, како и завршни одредби.