119.000 дози од вакцината на Фајзер се обезбедени за Македонија од страна на Австрија


Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


Со почеток од мај до август, 651.000 доза од вакцината на „Фајзер-Бионтек“ ќе бидат испорачани во шест земји од Западен Балкан, како дел од механизмот на Европската Унија за помош на соседните земји и Африка, обезбедени од страна на Австрија.

Најголем дел од вакцините се наменети за Босна и Херцеговина – 214 илјади дози, додека во Македонија се очекува да пристигнат 119 илјади вакцини. Во Албанија треба да бидат испорачани 145 илјади, во Косово 95 илјади, Црна Гора ќе добие 42 илјади вакцини, а со планот е опфатена и Србија каде ќе бидат дистрибуирани 36 илјади вакцини.

„Со оваа иницијатива покажуваме дека не го оставаме регионот зад нас. Австрија лично преговараше со ‘Фајзер/Бионтек‘ за овие земји да добијат вакцини“, изјави австрискиот министер за надворешни работи, Александер Шаленберг.

Американскиот претседател Џо Бајден во јануари ја прими втората доза вакцина од Бионтек/Фајзер. До средината на април, според податоците на Американските центри за контрола и превенција од заразни болести, во САД најмалку 120 милиони граѓани примиле прва доза вакцина, а преку 70 милиони се целосно имунизирани.

Вредноста на пратката вакцини е 11 милиони евра, коишто ќе бидат покриени од европските фондови за помош на земјите-кандидатки за членство во ЕУ. „Овие дози не се од националната квота. Ова се вакцини што Европската Унија од старт ги намени за своите партнери“, вели Шаленберг.