За Венгер пензијата значи умирање: Кога дојдов бевме 70 луѓе и една акција чинеше 400 фунти – видете каде сме сега!


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Уште никој не се огласил и рекол – останува. Или – заминува. Иако, судејќи според тоа како последниве недели се однесува и како настапува во јавност Арсен Венгер, изгледа дека и после оваа сезона ќе остане на клупата од Арсенал.

Уште пред англиските медиуми да ја пренесат информацијата дека Топџиите се согласуваат, тимот го извести дека се согласува да му го продолжи договорот до 2019 година. Додека чекаме потврда на тие вести, јасно е дека францускиот експерт не се предава и дека, било на Емирати, или на некоја друга адреса, ќе продолжи да се занимава со фудбалската менаџерска професија.

„Нема да се пензионирам. Пензијата е за млади луѓе. За старите таа значи умирање“, изјави Венгер во освртот за дербито на 30-то коло во Премиер лигата, во кое неговиот тим од 17 часот го дочекува Манчестер Сити.

Ситуацијата во Арсенал во најмала рака е панична, кога станува збор за резултатите. Екипата е елиминирана од Лигата на шампионите, бидејќи Баерн од Минхен им спакува 10 „парчињ“ во мрежата, во вкупно два натпревари, а во првенството заостанува зад водечкиот Челзи дури 19 бода, моментално наоѓајќи се на место од табелата кое води во Лига Европа, па единствена утеха им останува полуфиналето во ФА купот, каде за ривал, исто така, ќе ги имаат Граѓаните.

„Секако дека и понатаму останувам со ист глад за победи, како и кога дојдов во овој клуб. Сега, меѓутоа, имам поголем притисок на рамената од оној пред дваесет години, но гладот и копнежот за победа и понатаму се исти. Кога ќе видите каде беше клубот кога дојдов јас, а каде е денес, сè е јасно. Кога дојдов да го работам ова бевме вкупно 70 луѓе, а денес сме 700. Една акција во Арсенал вредеше 400 фунти, денес вреди 18.000 фунти. Само да ви кажам, јас не поседувам ниту една единствена акција“, изјави францускиот стратег.

На навивачите, пак, не им е гајле за финансиите. Тие бараат добри резултати. А нив одамна ги нема. Само два ФА купа во последните 13 години се малку за клубот од северен Лондон.

„Дали чувствувам страв? Не. Подготовките за следните натпревари се базираат на копнеж и надеж. Мразам пораз. Работам како тренер 34 години и уште не сум сретнал некој кој ми рекол: можеш да си дозволиш себеси да загубиш дуел во ова коло. Тоа не постои, ниту себеси смеете да си дозволите такви размислувања. Дури и кога станува збор за контролни натпревари пред почетокот на сезоната. Напротив, морате да бидете посветени во тоа што го работите и да го добиете следниот натпревар“.

Венгер, за крај, имаше порака и до оној дел на навивачи на Арсенал кои бараат да го напушти клубот.

„Можам да ги разберам навивачите кои не се среќни поради поразите, но единствен пат до триумфот е да се држиме заедно со публиката и да дадеме апсолутно сè од себе до крајот на сезоната. Тоа е сè што можеме да направиме“, убедува Професорот.