За една недела од банкарски сефови во Македонија биле ограбени од 2 до 3 милиони евра


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


Сефовите на богатите Македонци, ги испразнила добро позната банда составена од Руси, Украинци и Молдавци лани во ноември, а македонската полиција до денеска упорно одбиваше да ја потврди оваа информација, објавува Мкд.мк. Парите и златото кои биле украдени исчезнале без трага.

Одговор конечно е добиен, од кој како што се наведува меѓу редови може да се прочита дека полицијата го потврдува настанот и дека во тек е истрага.

Се одело според шема. Добро организирана група од неколку странски државјани кон крајот на ноември успеала да украде милиони евра и уште којзнае колку килограми злато. Цел на бандата биле сефовите на бизнисмени и лица чии имиња ѝ се добро познати на македонската јавност.

Според сознанијата операцијата за ограбување на сефовите од банките почнала со закуп на сефови од банките. Секој член на групата ограбувачи сосема легално закупил сефови во неколку различни банки во Скопје.

Операцијата на криминалната банда траела само пет дена, а по неа со торби полни пари и злато заминале од земјава. Од тогаш за нив нема ни трага, ниту глас, ниту од нив, ниту од парите.

Полицијата најверојатно има податоци за тоа за кои лица се работи, но не и за тоа каде побегнале и каде сега се кријат. Од МВР во врска со овој настан одговараат дека преземените дејства се тајни.

„Во врска со Вашeтo барање за кражби во банки, Ве известуваме дека согласно извршените проверки во 2017 година евидентирани се пет кривични дела и тоа „затајување” и четири „тешки кражби” извршени во сеф од банка. Во врска со прашањата за истрагата по горенаведените кривични дела, Ве известуваме дека согласно член 51 став 1 – „правосудната полиција работи по налог на надлежните јавни обвинители” и согласно член 289 од Законот за кривична постапка во Република Македонија – „сите дејства преземени во предистражната постапка од страна на јавниот обвинител или полицијата се сметаат за тајна”, поради што не сме во можност да Ви доставиме податоци.

Ве известуваме и дека овие предмети се во надлежност на Јавното обвинителство”, се вели во одговорот од МВР до редакцијата на МКД.мк.

Во банките сѐ течело според законската процедура и никој од вработените, ниту одговорните за безбедноста и сигурноста на парите, не се посомневал дека се работи за организирана банда што ќе им направи милионски суми штети на клиентите што своите пари им ги довериле на банките во Скопје..

Со уредна документација за закупен сеф и со клуч од него, членовите на бандата влегувале во банката, ги минувале безбедносните проверки и биле спроведувани до сефот во кој наводно ги заклучувале вредните работи. Но наместо во своите сефови, тие со клуч, кој според нашиот извор не оставал никаква трага, ниту сомнеж за насилно отворање на сефот, ги отворале сефовите на бизнисмени и сопственици на фирми. Тие ја имале и информацијата кои броеви на сефови може да им бидат интересни. Дали имале крт во банките со кои соработувале или пак преку други методи и извори со кои располагале ги добивале податоците, засега е непознато.

Во делот во кој се отвораат сефовите, безбедносни камери во банките нема поради заштита на приватноста. Камерите ги снимиле разбојниците кога влегувале и излегувале од просторијата, но сѐ течело според законска процедура, оти тие легално си закупиле сеф во банката. Никој не се посомневал дека, наместо својот, отвораат туѓ, полн сеф и од него си земаат пари и злато и си заминуваат.

Неофицијално штетата што до сега била пријавена изнесува од 2 до 3 милиони евра. Но можно е дел од оштетените и да не пријавиле ништо поради можноста за проверка на потеклото на парите.

Македонската полиција за оваа голема операција на организираната група странски државјани помош побарала и од Интерпол. Од таму добиле известување дека се работи за позната банда, која вакви и слични акции вршела насекаде по светот. Полицијата веќе ги знае и имињата на сите можни осомничени, но трага од нив и од парите нема.

Нема ниту директен снимен доказ што ќе покаже како ги отворале сефовите и ги ваделе парите. Но постојат снимки од влегувањето и излегувањето со пленот од трезорот од банките.Во Министерството за внатрешни работи ваков случај бил пријавен лани во декември.

Во Македонија најголемиот грабеж што ќе остане запаметен е оној во НЛБ Тутунска банка. За овој случај им се судеше на вработени во банката, меѓу кои и на Бобан Смилевски, главниот осомничен за украдените 2,4 милиони швајцарски франци и 645.000 евра од сефот од НЛБ Тутунска банка. Четворицата обвинети за грабежот во НЛБ Тутунска банка добија вкупно 20 години затворска казна. Вината ја признаа, но никој не кажа када се украдените пари.

Нив до денес сè уште ги нема.