Во 8 часот утрово земјотрес од 2,8 степени според Рихтер со епицентар во битолско – досега регистрирани 25 потреси


Уствари викендов е затишје пред бура! ↓↓↓


Утрово во 8.01 часот земјотрес со јачина од 2,8 степени според Рихтеровата скала повторно ги вознемири битолчани.

За разлика од синоќешните земјотреси со епицентар кај Лерин и кон границата со Македонија, утринскиот земјотрес бил со епицентар на 15 километри југоисточно од Битола. Општина Битола денеска одржува итна седница на која се расправа за штетите предизвикани од синоќешниот земјотрес со сила од 5.6 степени по Рихтер.

По информациите дека има напукнати ѕидови и фасади во повеќе постари куќи, но и во станбени згради, како резултат од синоќешниот земјотрес со сила од 5,6 степени по Рихтер, по иницијатива на градоначалникот на Битола денеска се одржува седница на Советот на општината на која се расправа за две точки од дневниот ред – состојбите во градот по земјотресот, како и за состојбите со ковид-19, имајќи предвид дека по Скопје, во Битола последниве денови има најмногу случаи на болни од оваа болест.

Синоќа голем дел битолчани беа вознемирани и исплашени поради двата посилни земјотреси кои со татнеж ги стресоа зградите и куќите, па ги напуштија своите домови, а некои студената ноќ ја минаа во своите автомобили. Во високатниците кај техничкото училиште во Битола регистрирани се оштетувања во неколку станови, како и на некои постари куќи.

Синоќа беа регистрирани два посилни земјотреса од 5,6 степени според Рихтеровата скала (22,43 часот) и 5,3 степени во 22,53 часот со епицентар кај соседниот град – Лерин, на неколку километгри североисточно од овој северен град во Грција.

Инаку, Битола и Лерин се одалечени само 24 километри.

И по полноќ повторно имаше посилен земјотрес со јачина од 3,9 степени според Рихтеровата скала. До утрово регистрирани се над 25 земјотреси.