Виенскиот новогодишен концерт прослави 80. роденден


Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


Со вчерашното првојануарско издание на новогодишниот концерт на Виенската филхармонија, овој новогодишен музички настан кој прерасна во елитистички настан кој го збира кремот од цел свет го прослави своето 80-годишно постоење.

Првото издание на овој сега светски музички настан се одржало на 31 декември 1939 година под диригентска палка на Клеменс Краус. По вториот концерт одржан во 1941 година, официјален датум станал 1 јануари.

Шеесет години поминаа од првото телевизиско емитување на овој музички спектакл, кое било на 1 јануари 1959 година под диригентска палка на Вили Босковски.

Иако традиционално Виенскиот новогодишен концерт се поврзува со музиката на семејството Штраус, сепак во неговата програма не се застапени само делата на Јохан, Јозеф и Едвард Штраус. Во една од најпрестижните светски концертни сали „Музикферајн“, која е дом на Виенската филхармонија, на сцената украсена со цвеќиња, се изведуваат музички дела од Јозеф Ланер, Емил Валдтојфел, Карл Михаел Цирер, Јозеф Хелмесбергер, Јозеф Хајдн, Волфганг Амадеус Моцарт, како и Рихард Вагнер. Секој од диригентите се избира со гласање меѓу музичарите од оркестарот. Оваа година таа чест му припадна на германскиот диригент Кристијан Тилеман, кој е еден меѓу најбараните диригенти во светот.

Познатиот валцер „На убавиот син Дунав“ и „Маршот Радецки“ се двете композиции со кои традиционално завршува секој новогодишен концерт на Виенската филхармонија.

Оваа година се прославува уште еден јубилеј, а тоа е 150 години од основањето виенската Штатсопера. Во чест на оваа извонредна годишнина, во периодот меѓу двата дела на концертот, каде по традиција веќе 27 години се прикажуваат специјално подготвени филмови, телевизиските гледачи ќе погледнат 24-минутно музичко патување зад сцената на Виенската државна опера.

Еве десет интересни факти поврзани со оваа веќе елитистичка манифестација.

1.Концертот го пренесуваат повеќе од 90 земји во светот, а во музиката уживаат милиони гледачи, а не само среќниците кои ќе „уловат“ билет за Златната сала.

2. Виенската филхармонија секоја година изведува три концерти на оваа локација. Првиот се одржува на 30 декември, вториот на Стара нова година, а третиот е овој најпознатиот, кој се пренесува на телевизија, на први јануари.

3. Ако сакате да присустувате на еден од овие концерти, мора да учестувавате во лотаријата за да дојдете до билет. Уште во февруари се отвораат пријавите за концертите. Пријавите се собираат до 28 февруари, а извлекувањето на среќните добитници е во март. За новогодишниот концерт може да добиете по два билети за човек, а цената се движи од 25 до 1039 евра.

4. Концертот првпат бил изведен на 31 декември 1939 година.

5. Од 1941 година концертот се изведува првиот ден во новата година. Се изведуваат валцери, полки, чардаши…

6. Диригентот Вили Босковски го водел оркестарот 25 папти до 1979 година.

7. Кога во 1980 година тој го откажал учеството поради здравствени проблеми, Филхармонијата направила голема промена. За диригент бил избран Лорин Мацел до 1986 година. Потоа, секоја година се бирал нов диригент.

8. Со концертот се испраќаат новогодишни пораки за надеж, пријателство и мир низ целиот свет.

9. Златната сала традиционално се украсува со раскошни цветни аранжмани.

10. Во 2017 година оркестарот настапи во нови костуми кои ги дизајнираа светски познатите Вивен Вествуд и Андреас Кронтале.