Вчера во Македонија пристигна првата пратка со 3.000 дози од вакцината Спутник Ви


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


Вчера, во Македонија, пристигнаа првите 3.000 дози од руската вакцина против Ковид-19, Спутник V (Спутник Ви). Од оваа вакцина државата има нарачано вкупно 200.000 дози. Надлежните уверуваат дека вакцините се безбедни и ќе обезбедат континуитет на процесот на имунизација.

Првите што ќе се вакцинираат со неа, согласно со националниот план, се граѓани со хронични болести и луѓето сместени во домовите за стари лица.

За начинот како ќе се одвива вакцинацијата, министерот за здравство Венко Филипче вчера при приемот на пратката објасни дека сите ќе бидат известени преку своите матични лекари и повикани на пунктовите кои ќе им бидат најблиску, додека во делот на старечките домови, вакцинирањето ќе се спроведе во домовите.

„Станува збор за вакцини кои што се различни во делот на вакцинацијата и ревакцинација, што значи дека сите овие дози ќе се користат за прва вакцина. Продложува процесот на имунизација во доменот на здравствените работници и според индикацијата и на граѓани и онака како што е предвидено во националниот план за вакцинација“, рече Филипче.

Вакцината Спутник V е замрзнат раствор од 0,5 милилитри, за еден корисник, а ќе се чува во фржидерите во пунктот во „Јане Сандански“. Пратката е преземена преку службата на DHL од Москва во Белград каде стигнале и одредени количини за Србија, заедно со овие 3.000 за нас.

Во однос на тоа кога ќе пристигне втората пратка, Филипче посочи оти и руската компанија, како останатите, во однос на испораката е под голем притисок од сите земји во светот. Затоа, во текот на следните денови ќе се знае кога ќе пристигнат останатите 200.000.

„Преку личниот ангажман на амбасадорот кој зема обврска да го забрза целиот процес и во директни разговори со претставници на Рускиот инвестициски фонд кој ја менаџира дистрибуцијата на вакцините, не само што имаат обврска да ги пратат и другите 3.000 вакцини, туку зборуваме и за останатата динамика. Кога ќе дојдат оние 200.000 веројатно ќе знаеме во некој од следните денови. Како и за другите производители и тука важи тоа дека се под огромен притисок од сите земји во светот“, истакна министерот.

Од вакцината Спутник V нема контраиндикации, уверува Филипче. Постои само препорака за претпазливост кај трудниците и доилките.

Сепак, до овој момент, за ниту една вакцина нема сериозна контраиндикација, ниту е регистриран некаков несакан ефект за време на клиничките студии и потоа, а тимот експерти ги прати буквално сите публикации.

Според амбасадорот на Руската Федерација во земјава, Сергеј Баздникин кој лично се ангажираше овие количини во земјава да стигнат побрзо, оваа вакцина ќе биде од голема важност за спасување на човечките животи, но и за враќање на македонската економија во траекторијата на раст.

„Ние секогаш сме подготвени да им помогнеме на македонските граѓани со кои уживаме во вековните традиции на пријателство и споделуваме заеднички вредности. Имаме многу конструктивна соработка со Владата на РСМ и сме спремни да ја прошируваме врз нови области на основа на еднаквост и взаемно почитување на интереси“, рече амбасадорот.

Според Баздникин, „Спутник“ е првата регистрирана вакцина против ковид-19 во светот. Тој е дециден дека вакцината е апсолутно безбедна и ефикасна и сега станува со право светски „бестселер“.

Со Македонија, оваа вакцина е регистрирана во 46 земји во светот вклучувајќи неколку држави во Европската Унија.

Амбасадорот вчера изјави дека е во тек забрзана постапка во Европска агенција за лекови за да ја испитува делотворноста на вакцината врз основа на резултати од досегашните лабораториски испитувања и истражувања.

Во Светската здравствена организација (СЗО) се разгледува барањето за „Спутник“ да се вклучи во листата на лекови одобрени од СЗО, да се користат за во вонредни ситуации.

Во нашата земја не се намалува бројот на новозаболени од ковид-19. Вчера беа регистрирани нови 333 случаи на ковид-19 во земјава. Оздравени се вкупно 268, а починаа 10 лица.

Досега во земјата од почетокот на пандемијата се направени вкупно 543.254 тестирања на ковид-19, а дијагностицирани се 107.163.

Вкупната бројка на оздравени пациенти е 94.729, а на починати е 3.195. Бројот на активни случаи изнесува 9.239.