Тинејџерската лага која доведе до брутална смрт со обезглавување на париски професор


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Не е ништо ново и непознато за образовниот систем, професорите и родителите децата во средно училиште да бегаат од часови. Но, кога ќе се направи такво нешто, ученикот треба да е искрен кога треба и пред кого што треба едноставно да си ја признае вината и да си преземе одговорност за стореното дело.

Како и многу други ученици кои бегаат од часови, 13-годишната девојка не сакала нејзиниот татко да дознае дека е суспендирана затоа што не се појавила на настава. Така, смислила приказна. Тинејџерката кажала дека нејзиниот учител по историја Самуел Пати им рекол на учениците муслимани да ја напуштат училницата за да може на другите да им покаже „фотографија од голиот Пророк”. Се чинело како безопасна лага, но таа предизвикала низа настани што завршиле со незамислив ужас, пишува Гардијан.

Десет дена подоцна учителот е мртов – обезглавен од исламистички терорист. Семејството на Пати уништено, Франција трауматизирана, а девојчето и нејзиниот татко се соочуваат со кривични обвиненија. Под истрага се и двајца тинејџери кои добиле пари од убиецот на Абдулах Анзоров.

Во неделата, францускиот дневен весник Ле Паризиен откри дека девојчето, познато само како З, признало дека лажно го обвинила Пати. Таа признала пред истражниот судија за борба против тероризмот дека лажела и дека не била во одделението на кое Пати на учениците им покажувал контроверзни карикатури од сатиричниот весник Шарли Ебдо. Ле Паризиен напиша дека девојчето лажело затоа што сакало да му угоди на нејзиниот татко.

„Таа не се осмелувала да му ги каже на својот татко вистинските причини за своето суспендирање непосредно пред трагедијата што всушност е поврзана со нејзиното лошо однесување“, пишува Ле Паризиен.

На 6 октомври минатата година, наставникот по историја и географија Пати одржал лекција на тема дилема. Тој го поставил прашањето „Да се биде или не Чарли?“ мислејќи на хаштагот „Јас сум Чарли“ (#JeSuisCharlie) со кој се изразува поддршка за овој весник по терористичкиот напад во нивните простории во јануари 2015 година во кој беа убиени 12 лица.

Пати ги повикал муслиманските ученици кои сметаат дека можат да бидат шокирани да ги затворат очите или накратко да излезат во ходникот додека на останатите им покажувал карикатури на муслиманскиот пророк Мухамед. Два дена подоцна, девојчето му рекла на својот татко дека Пати (47) барал од учениците муслимани да ја напуштат училницата пред да ја покаже карикатурата. Таа кажала дека се спротивставила на наставникот кој потоа ја суспендирал од настава два дена.

Откако ја слушнал оваа приказна, револтираниот татко, 48-годишниот Мароканец Брахим Чина, објави видео на Фејсбук во кое го осудува Пати и повикува на негово отпуштање од средното училиште во Конфланс-Сант-Онорин. На друго исто толку жестоко видео на социјалните мрежи, Пати е обвинет за дискриминација. Чина им се обратил на училиштето и полицијата, тврдејќи дека Пати е виновен за ширење порнографски фотографии, обвинувајќи го училиштето за поддршка на исламофобијата.

Започната лавина на социјалните мрежи наскоро пристигнала до 18-годишниот Анзоров, радикализиран чеченски имигрант кој живеел во Нормандија и на интернет барал повод за акција. Анзоров пристигнал во Конфланс-Сант-Онорин на 16 октомври, им платил на двајца тинејџери од училиштето да го идентификуваат Пати додека го напуштал својот дом во петокот вечер и го обезглавил. Лагата довела до убиство на човек и татко на петгодишно момче.

Девојчето наводно се држело до својата приказна сè додека полицијата не ѝ соопштила дека неколку нејзини соученици потврдиле дека таа не била присутна на часот и дека Пати не им кажал на муслиманските ученици да го напуштат часот како што тврдела таа.

Истражителите, наводно, утврдиле дека страда од комплекс на инфериорност и била лојална кон својот татко. Адвокатот на девојчето Мбеко Табула инсистира на тоа дека товарот на оваа трагедија не треба да падне врз грбот на 13-годишното девојче.

„Токму прекумерното однесување на таткото, снимањето и објавувањето на видеа во кои се обвинува професорот, доведе до оваа спирала. Мојата клиентка излажа, но дури и да е тоа вистина, реакцијата на нејзиниот татко е непропорционална“, изјави Мбеко Табула за Ле Паризиен.

Чина, кој е под истрага за учество во терористичко убиство, и соопштил на полицијата дека бил „глупав идиот“.

„Не можев ни да помислам дека моите објави ќе бидат видени од терорист. Не сакав никого да повредам со мојата објава. Тешко е да замислиме како дојдовме до ова, дека изгубивме професор по историја и дека сите ме обвинуваат мене“, Рече Чина.

Извор: МКД.мк