Температури од 45 Целзиусови: Пекол ја зафати и буквално запали Европа – има и починати лица


Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


Рекордни пеколно жешки температури ја зафатија Европа поради кои веќе се починати најмалку седум лица, а за време на минатиот викенд делови од Франција и Шпанија беа опустошени од пожари.

Температурите во јужниот француски регион Гард во петокот достигнаа дури 45,9 Целзиусови степени, што е повисока температура отколку во калифорниската Долина на смртта. Топлотниот бран предизвика бројни пожари во кои изгореа околу 550 хектари земји и беа уништени куќи и возила.

Маж умре за време на велосипедска трка во југозападниот француски регион Аријеж, во подножјето на Пиринеите, а една педесет и тригодишна жена починала откако се пожалила на омалаксаност, јавија француските власти, додавајќи дека полицијата ја истражува точната причина за смртта.

Метеоролозите велат дека ослабувањето на висинските струи предизвикува сѐ поголем застој на временските системи и доведува до раст на летните температури. Петте најтопли лета во Европа во последните 500 години се евидентирани во овој век.

Во Шпанија во 40 од 50 региони е издадено предупредување за вонредни временски услови, а во седум покраини владеат екстремни услови.

Температурите во Жирона, на североистокот на Шпанија, во петокот достигнале 43,9 Целзиусови степени, што е највисоката температура регистрирана досега во тој каталонски град.

Поголемиот дел од пожарите, кои во последните неколку дена ја погодија Шпанија, се изгасени и сега се под контрола, но пожарникарите се борат да го зауздаат пожарот кој пустоши по централните покраини Толедо и Мадрид, а кој од петокот уништи повеќе од 30 квадратни километри.

Иако температурите од вчера благо се намалија, шпанската национална метеоролошка агенција во некои делови од земјата предвидува задржување на температурите до 40 Целзиусови степени. Тоа особено се однесува на североисточниот дел на земјата.

Во последните неколку дена се забележани седум смртни случаи поврзани со топлотниот бран – освен двајца француски велосипедисти, две лица умреа од последици на жештината во Шпанија, а уште три во Италија.

Светската метеоролошка организација (ВМО) извести дека 2019 година би можела да биде меѓу најтоплите години кога станува збор за температурните рекорди, а периодот од 2015 до 2019 би можел да биде најтоплиот петгодишен период.