Соиграч на Џордан од шампионските денови во Булс тврди: „Последниот танц е една голема лага“


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


Корпулентниот, висок Хорас Грент, кој заедно со кошаркарската легенда Мајкл Џордан освои три титули Чикаго Булс, вели дека актуелната планетарно популарна документарката посветена на Џордан, „Последниот танц“ (The Last Dance) е монтирана за да го направи Џордан подобар.

Оваа теорија ја лансираа и некои критичари кои тврдат дека The Last Dance била во ко-продукција со една од компаниите на Џордан.

Но од друга страна, пред неколку дена, новинарот кој беше главен за настаните во Чикаго Булс во ’90-те, Сем Смит, откри неверојатни работи. Тој како близок пријател на Хорас Грент раскажа дека Џордан толку многу мразел да губи, што се случувало да му го земе оброкот на Грент од маса и да им наредува на стујардесите во авион да го изостават оброкот за Хорас: „Не му давајте, тој не заслужува да јаде“, после лош натпревар на Грент, пренесува ОфНет.

Дали од таа или од некои други причини, Хорас распали по Џордан:

„Би рекол дека (документарецот) е забавен, но ние, кои бевме таму како соиграчи, знаеме дека 90% од тоа е срање во смисла на вистинитост. Не беше реално затоа што многу од работите што Џордан ги кажа на некои од соиграчите, тие му возвраќаа. Но сево ова е тргнато од документарецот, ако сакате да го наречете документарец“, жустро распали Хорас Грент во радио-емисијата Kap and Co токму на ЕСПН.

Во документарката која руши рекорди, најголемиот на сите времиња е претставен како човек кој е страшно посветен да победува, па дури и по цена на неговата лична популарност.

Грент, легендарниот центар кој седум години играше за Чикаго вели дека Мајкл понекогаш знаел да ги премине границите.

„Мислеше дека може да ме доминира, но за жал грешеше. Зошто кога и да тргнеше накај мене за нешто, јас тргнував кон него веднаш. Но во однос на Вил Пердју, Стив Кер и младите како Скот Барел, тоа беше навистина жално да се гледа. Да се гледа како еден тип, лидер, тргнува на нив така. Разбирам јас дека на тренинг мора да нагазиш вака или онака, но да ги удираш соиграчите и да ги викаш глупаци, не беше во ред“, продолжува Хорас Грент.

Во The Last Dance („Последниот Танц“) Џордан вели и дека верува дека Хорас Грент со кого освоија три шампионски титули, бил „кртицата“ која раскажувал инсајдерски приказни од соблекувалната за книгата „The Jordan Rules“ во која најголемиот на сите времиња понекогаш е прикажан како не баш пријатна личност.

„Лага, лага, лага! Ако Мајкл Џордан ме мрази, дај да го решиме тоа како мажи! Ајде да зборуваме за тоа. Или да го решиме на друг начин.

Тој и натаму излегува со таа лага дека јас сум бил изворот на информации (за книгата „Правилата на Џордан“). Сем Смит (авторот на книгата) и јас бевме одлични пријатели. И уште сме одлични пријатели. Но светоста на соблекувалната е таква што никгоаш не би извадил нешто од таму. Сем беше истражувачки новинар. Тој имал два извори од кои ја напишал книгата. Зошто Мајкл Џордан покажува во мене?

Затоа што ме мрази, човеку. Ви кажувам, омраза е. И мислам дека го докажа тоа во овој таканаречен документарец. Ако кажеш нешто за него, ќе те пресече, ќе ти го уништи карактерот“, револтирано заклучува Хорас Грант.

Токму Сем Смит го „пушти црвот“ откако откри неверојатна сторија неделава. Според него, Мајкл Џордан толку многу мразел да губи што не им давал на соиграчите да јадат после лоши натпревари. Така еднаш му го земал оброкот на Хорас Грент од пред нос во ’90-те години.

Џордан наводно барал од стјуардесите во авион да го прескокнат оброкот за Хорас Грент кога се враќале од натпревар на кој изгубиле а Грент играл лошо.

„Играчите на Чикаго (наводно двајца) доаѓаа кај мене низ годините и викаа: ‘Знаеш што направи (Џордан) еднаш? Му ја зема храната на Хорас во авион зошто овој одигра лошо. Им викаше на стјуардесите: ‘Не му давајте не заслужува да јаде!“.

Инаку пред извесно време и Скоти Пипен реагираше дека непријатно бил изненаден што во документарецот Џордан во една рана епизода за него вика дека е скржав.

„Никогаш не сум видел човек број два во екипата, каков што беше Скоти Пипен, да биде опишан така лошо“, додава Грент.