Филм / ТВ

Сите зборуваат за него: Овој е еден од најморничавите документарци на годината

“True Crime” документарците уште пред неколку години доживеаја големо враќање на екраните и тоа не само на телевизија, туку и во светот на специјализираните подкастови. НВО ја лансираше неверојатната приказна за Роберт Дарст, The Jinx: The Life and Deaths of Robert Durst, а Netflix пред две години светот го воодушеви со документарецот во десет продолженија Marking a Murderer.

Оваа година сето внимание повторно е насочено кон Netflix, кој го лансираше новиот документарен серијал на Рајан Вајт, The Keepers, морничава приказна за нерешеното убиство на младата чесна сестра и учителка Кети Сесник, која исчезна кон крајот на 1969 мгодина, за само два месеци подоцна нејзиното измачено мртво тело полицијата да го пронајде на ѓубриште во Ленсдаун.

Предупредуваме: Во продолжение на статијата се наоѓаат „спојлери“ за филмот

50 години стар случај

Ова е морничава и морбидна приказна за убиство, насилство, силување и вина која во иста мера паѓа грбот на речиси лудата незаинтересираност и опструкционизам на римокатоличката црква и протекциите на владините структури кои таа ги ужива во поголемиот број католички делови од САД, како Балтимор и Мериленд, во кои се случил и споменатиот злостор.

Документарецот го следи педесет години стариот случај на убиство и настојувањето на две бивши ученички на сестрата Сесник (Гема Хоскинс и Аби Шауб) да го решат случајот и да го направат она кое полицијата и црквата педесет години не биле во состојба да го направат, а според двете жени, немале ниту волја да го направат.

Злостор зад злосторот

Веќе во втората епизода ја запознаваме Џин Харгадон Вехнер, ученичка во истото средно школо каде Сесник предавала англиски јазик и драма и жена чија приказна е подеднакво шокантна, ако не и пошокантна од онаа за Кети Сесник. Имено, Вехнер е повеќекратно сексуално злоупотребувана од страна на свештеникот Џосеф Маскел, кој во средното школо Keough работел како советник, но користејќи ја својата позиција и влијание, со години ги силувал и физички злоупотребувал не само Вехнер, туку и многу други ученички.

Сестрата Сесник одлучила да го разоткрие Маскел, но набрзо после тоа е пронајдена мртва.

И колку сето ова на прв поглед да изгледа како случај во кој е јасно кои се жртвите, а кои извршителите, ова е само почеток на приказната, кој се занимава со моќниците кои на секој можен начин се обидуваат да ги спречат, па дури и да им наштетат на оние кои се дрзнале да ги доведат во прашање злосторите и неспособноста на поединци кои се наоѓаат во клучни институции.

Секако, многумина ова без сомнение ќе ги потсети и на одличниот филм Spotlight, но овој филм, по многу параметри, е многу потежок бидејќи пред камерите немаме актери и актерки, туку вистинските жртви.

Ова не е филм против католичката црква

Филмот е преполн со неверојатно потресни приказни од жртвите на Маскел, кои на моменти делуваат просто надреално, но во исто време предизвикуваат бес кај гледачите, бидејќи понекогаш е тешко да се поверува дека постојат такви луѓе кои би ги заташкувале овие стравични случувања. Но, Вајт, кој со оваа приказна се зафати на наговор од својата тетка, која исто така учела во Keough, тврди дека The Keepers не би требло да го доживуваме како филм насочен против католичката црква.

„Израснав како католик и имав само позитивни искуства во црква. Исто така, верувам дека приказните за сексуалната злупотреба и затајувањата на истите во овој момент се добро познати. За мене ова не беше документарец против католичката црква. Вистина, бев разочаран од реакцијата на надбискупијата која одби да учествува, бидеќи очекував сочувство и разбирање, но наидов на уште напади. Тоа ме разочара како католик, бидејќи филмот не го сметам како антикатолички, туку како филм против злупотребата на деца и прикривањето на тие злосторства“, вели Вајт за Fox News.

Откако документарниот серијал беше емитуван, полицијата од Балтимор одново ја иницираше истрагата, а одобрена беше и ексхумација на телото на отецот Маскел, за неговата ДНК да се спореди со онаа пронајдена на местото на злосторот. Резултатот покажа дека Маскел не е убиецот, но според она што имавме можност да го видиме во документарецот, тоа е само една опција, а режисерот го радува фактот дека сето ова може да ја иницира заспаната истрага и да донесе некои нови сознанија, бидејќи полицијата брзо отвори и форум на кој сите кои имаат било какви информации за убиството можат да помагаат во истрагата.

„Се надевам дека еден ден ќе дознаеме кој ја убил сестрата Кети. Не мислам дека е предоцна да се дознае тоа. Кога започнав со овој проект, верував дека е предоцна, но веќе не мислам така. Мислам дека нејзиното семејство ја заслужува правдата, а дел од тоа е и можноста да се именува убиецот“, вели Вајт.

Непријатен потсетник на тажната вистина

Од друга страна, бискупот Малули, кој во филмот се прикажува во прилично негативно светло бидејќи некои сведоци тврдат дека знаел за злосторствата на Маскел и се обидел да ги затаи нудејќи им мито на сведоците за да не говорат ништо за тоа, неодамна се огласи и ја разјасни својата вмешаност во приказната.

Малули тврди дека не знае за случаите со силување сè до 1992 година, а кога две години подоцна се појавија нови обвинувања, Маскел бил трајно отстранет. Додава и дека се сретнал со сведоците, но не и дека им нудел мито. Разјаснува дека во времето кога се појавиле овие обвинувања против Маскел (1967 година), тој бил студент.

„Злосторството на сексуална злоупотреба на дете или млада личност е непростиво, особено ако е извршено од член на клерот, лице кое би требало да се грижи за доброто на сите луѓе, посебно младите. Жртвите на сексуална злоупотреба од клерот заслужуваат наша почит, бидејќи токму поради нивната храброст вистината за овие тешки злосторства излезе на виделина. Ние, како црква, мораме да продолжиме да ги помагаме жртвите кои се носат со тешките последици од сексуалната злоупотреба“, стои во соопштението на Малули.

Тоа, секако, не ја менува значително приказната, бидејќи периодот од 1967 до 1994 година е непростиво долг и доколку надбискупијата реагирала навремено, ќе се избегнеле натамошните силувања, а можеби и убиството на сестрата Кети.

Во секој случај, оваа потресна приказна е само една во долгата низа слични и непријатни потсетници на многубројните жртви кои уште не го доживеале и можеби никогаш нема ни да го доживеат денот кога нивните силувачи ќе бидат казнети.

Advertisements
To Top