Се уште го боли отказот: Мурињо не пропушта прилика да го „пецне“ Јунајтед


Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


Поранешниот тренер на Манчестер јунајтед, Жозе Мурињо, е подготвен да се врати на работа, но за да се случи тоа треба да се исполнат одредени услови.

„Специјалниот“, кој во декември доби отказ од кормилото на Манчестер Јунајтед истакна дека сака да работи некаде каде што сите структури на клубот имаат исти идеи и наместо конфликт меѓу нив, има разбирање и доверба.

Секако, со оваа негова изјава индиректно упати порака до својот бивши клуб.

„Не сакам да работам во клуб без амбиции. Јас одбив дарежлива понуда, бидејќи сакам да учествувам во фудбалот од највисоко ниво и моите амбиции се многу високи. Ова е второ барање“, изјави Португалецот за англиските медиуми.

„Првото е, во тимот да имам истомисленици. Сакам да работам со луѓе што ги сакам, со оние со кои уживам да работам и да споделувам идеи. Не сакам да бидам во постојан конфликт на мислења“, јасен беше Мурињо.

Запрашан дали постои таков клуб, тој одговори:

„Да. Така беше во Интер. Постојат такви клубови. Ова е многу важно за успех. Не сакам внатрешен конфликт. Сакам внатрешно разбирање. А конфликтот е во недела на теренот кога играте против некој кој сака да ги украде вашите три бода. Тоа е моментот на конфликт. Сакам да работам во клуб каде има вистинска структура. Не сакам да работам во структура која не мисли единствено“.

„Луѓето понекогаш зборуваат „тој тренер не сака да работи со спортскиот директор“, „тој тренер не сака да работи со главниот скаут“, „тој тренер не сака да работи со сопственикот“, „тој тренер не сака да работи со претседателот“. Во текот на мојата кариера сум работел во секакви можни ситуации. Најуспешните ситуации не се поради структурата, туку поради разбирањето во структурата“, истакна „Специјалниот“ јасно алудирајќи на Манчестер Јунајтед.