Русија ќе ја крене горната старосна граница за служење воен рок


Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


Рускиот парламент изгласа денес закон кој предвидува кревање на старосната граница за задолжително служење војска од 27 на 30 години, во време кога оружениот конфликт во Украина влегува во 18 месец.

Пред стапувањето на сила текстот треба да го одобри Советот на Федерацијата, горниот дом на парламентот и да го потпише претседателот Владимир Путин, што обично е формалност.

„Од 1 јануари 2024 година граѓаните постари од 18 до 30 години ќе бидат повикани на отслужување на воениот рок“ според законот усвоен во второто и третото читање во руската Дума, долниот дом на рускиот парламент, што е најважната етапа за законодавниот процес на земјата.

Оваа мерка дозволува значително да се зголеми бројот на активни руски војници без прибегнување кон нова мобилизација на потенцијални резервисти. Москва веќе мобилизираше речиси 300.000 војници во септември 2022 година за својата офанзива во Украина.

Според законот им е забрането на воените обврзници да ја напуштат руската територија од моментот кога бирото за регрутација ќе им испрати наредба за регрутирање.

Вториот денес изгласан закон ги зголемува казните на до 30.000 рубли (околу 300 евра) за непријавување во војска без веродостојна причина по добивањето известување на регрутација.

Рускиот парламент уште во април го усвои законот кој ја олеснува мобилизацијата на Русите со зголемување на начините за испраќање повик.

Тој закон им го отежнува животот на оние кои одбиваат да се одзват, оневозможувајќи им да работат како претприемачи или независни, да добиваат кредити или да имаат свој стан или возила.

Многу Руси кои требало да го отслужат воениот рок од една година досега ги избегнувале повиците со тоа што повеќе не биле на својата официјална адреса, или со подмитување на оние кои регрутираат или лекари.

Кремљ со месеци демантира дека сака да почне нов бран мобилизација за офанзивата во Украина. претходниот поттикна егзодус на десетици илјади Руси во странство.