Реакција на Институтот за македонски јазик по повод контроверзната книга на БАН – „За официалния език на Република Северна Македония“


Уствари викендов е затишје пред бура! ↓↓↓


Македонскиот јазик со целата своја многуфункционалност на стандарден јазик, силата на зборовите и граматичките парадигми ги црпел и сè уште ги црпи од дијалектната разновидност, односно од богатството на дијалектите, вели Институтот за македонски јазик во реакцијата на најновите напади од Бугарската академија на науките врз македонскиот јазик.

На 7 мај 2020 година беше промовирано најновото издание на БАН со наслов „За официалния език на Република Северна Македония“ потпишано од 12 автори и 6 надворешни консултанти, а под раководство на проф. д-р Васил Николов, заменик-претседател на Бугарската академија на науките.

Главните тези на оваа книшка ни се добро познати зашто претставуваат официјален став на бугарската лингвистичка наука за наводното „непостоење“ на македонскиот јазик, кој е побиен повеќепати со научни аргументи (Конески Б. По повод најновиот напад на нашиот јазик, Скопје 1948; За македонскиот јазик, Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“, Посебни изданија, кн 11, Скопје 1978; Стаматоски, Т. Борба за македонски литературен јазик, Скопје 1986; Минова-Ѓуркова Л. Македонски јазик, Ополе 1998.).

По брзиот прочит (се работи за книшка од вкупно 68 страници со многу фотографии), може да се забележи дека информациите главно се паушални и тенденциозни, без цитирање соодветна литература, направен е избор на „подобни“ личности од Македонија што се анализираат, се обвинуваат познати македонски лингвисти за плагијат и ненаучни толкувања без соодветна поткрепа, се воспеваат потпросечни македонски писатели како прочуени зашто имале пробугарски ставови, па дури и се даваат насоки за македонските научници како треба да пишуваат и каков треба да биде македонскиот јазик во иднина. Згора на сè, се промовира и ново име на македонскиот јазик, а тоа е северномакедонски бугарски јазик.

Во вкупно 11 поглавја, поголемиот дел насловени како „Вистината за…“, ни се нудат искривени факти за историјата на македонскиот јазик, за имињата, за „бугарските“ книжевници од преродбата, за создавањето на книжевната норма, за „бугарската“ природа на македонските дијалекти итн. Книшката започнува со тезата дека „официјалниот јазик на Република Северна Македонија по своето потекло и структурно-типолошки карактеристики е југозападна писмено-регионална форма на бугарскиот јазик“ (с. 7), термин што не постои во лингвистиката како наука, и понатаму се дадени „аргументите“ што, според нив, ја докажуваат таа теза. Овде накратко ќе се осврнеме на ненаучноста на тие „аргументи“.

За историјата на македонскиот јазик

Старословенскиот, најстариот словенски книжевен јазик има огромно значење за развојот на словенските јазици. Во основата на старословенскиот јазик е солунскиот говор, односно говорот на македонските Словени од околината на Солун, врз основа на кој е создадено првото словенско писмо глаголицата. Глаголските старословенски ракописи (на пр. Зографско, Асеманово и Мариинско евангелие и др.), според локалните особености, ја потврдуваат поврзаноста со македонската територија.

Во современата палеославистика за јазикот на словенските ракописи од IX до XI век (познат како канонски) е прифатен терминот старословенски / староцрковнословенски, а терминот „старобългарски“ е единствен термин употребуван од бугарските слависти. Неосновано е укажувањето за употребата на старо/ и новомакедонски (с. 11), зашто во македонската лингвистика воопшто не е позната употреба на терминот старомакедонски за јазикот од IX до XVIII век, ниту пак терминот новомакедонски за периодот од XIX век.

Во врска со средновековното ракописно наследство поврзано со дејноста на Охридската и на Кратовската книжевна школа, се употребува терминот црковнословенски јазик од македонска редакција. За словенската писменост веќе од XII век станува збор за црковнословенски јазик (во бугарската славистика „среднобългарски) во кој навлегуваат голем број локални особености – се изделуваат одделни редакции, меѓу кои покрај бугарската се изделува и македонска редакција, пред сè, врз основа на правописните, фонетските и лексичките и др. особености.

На македонските особености на одделни црковнословенски ракописи се укажува одамна, на пр. во студиите за Добромировото евангелие (Jagić 1898), Болоњскиот псалтир (Щeпкин 1906), Охридскиот апостол (Кульбакин 1907). Во МАНУ, Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ и др., издадени се повеќе ракописи во коишто е одразена македонската редакција на црковнословенскиот јазик, на пр. Струмички апостол, Григоровичев паримејник, како и Вранешнички апостол, Радомирово евангелие, Радомиров псалтир, Загрепски триод, Орбелски триод, Македонско четвороевангелие, Карпинско евангелие и др., со јазична анализа што го потврдува нивното македонско потекло.

Неоспорен факт e дека за македонската средновековна писменост е карактеристична конзервативноста, верноста кон кирилометодиевската традиција – глаголицата подолго се одржала, за што сведочат глаголските вметнувања во кирилските ракописи (Охридски апостол, Битолски и Шафариков триод и др.).

Ако доказ за „бугарскиот карактер“ на старословенскиот јазик се открива во двотомниот „Старобългарски речник“, потврда за посебноста на македонската редакција претставува „Речникот на црковнословенскиот јазик од македонска редакција“, меѓународно координиран проект преку Комисијата за црковнословенски речници при Меѓународниот славистички комитет. Речникот ја опфаќа лексиката нa македонската писменост од XII дo XVI вeк, а методолошки се надоврзува на четиритомниот „Речник на старословенскиот јазик“. За редакциските речници се оформени посебни правила за правописно-фонолошка и граматичка презентација, а иако основниот лексички фонд има општословенски карактер, голем број ретки лексеми, временски или регионално обележани, одразуваат карактеристики на одделни словенски средини, па и на македонската.

Во рамките на Комисијата за црковнословенски речници при Меѓународниот славистички комитет се работи на „Споредбен индекс кон речниците обработувани во рамките на Комисијата за црковнословенски речници при Меѓународниот славистички комитет“.

За преродбениците

При истражувањето на јужномакедонските дијалекти од страна на Ватрослав Облак во 1891 и 1892 год., авторот ја одбележува на неколку места важноста на проучувањето на овие дијалекти за старословенските проучувања: „Без вистинско познавање на јужномакедонските дијалекти, особено на дијалектот кој се зборува во околината на Солун, не е можно конечното разрешување на прашањето на старословенскиот. Во врска со македонските дијалекти во поново време на преден план стои пред сè нивниот однос кон бугарските и српскохрватските дијалектни групи. Се работи за тоа во последно време многу спорно прашање, дали словенските жители на Македонија се Бугари или Срби. Од филолошка гледна точка прашањето се постави така: дали повеќе карактеристични особености на различните македонски дијалекти зборуваат во прилог на потесна врска со бугарските или српскохрватските дијалектни групи? Дали жителите ќе се декларираат како Бугари или Срби, нека одлучат самите, испитувањето на ова прашање не е предмет на словенската филологија“ (В. Облак, Македонски студии, 1994). Значи, се застапува за научен пристап во своите истражувања и не дозволува пропагандите на кои е сведок да влијаат на оформувањето заклучоци за македонските дијалекти.

В. Облак преку своите истражувања ја потврдил македонската теорија на Јагиќ за основата на старословенскиот, одбележувајќи дека: „мислењето за македонскиот извор на старословенскиот јазик се потпира врз сочуваните носни самогласки, на изговорот на Ѣ, на ШТ, ЖД (tj, dj) и О и Е за ъ и ь“ (Облак, Македонски студии, 1994: 6). Во својата студија Облак терминолошки балансира меѓу бугарската наука во тоа време, која делумно и ги финансирала неговите проекти, и научните факти во истражувањето, така што е видливо разликувањето на македонски и бугарски дијалекти. Примери: при коментарот за развитокот на старословенските полувокали (ь и ъ) Облак забележува: „Бојата на тонот во македонските и бугарските дијалекти не е насекаде иста како, на пример, во редуцираните вокали на меѓусебно сродните германски дијалекти“; „Како воопшто во јужнословенското јазично подрачје, така и во македонските дијалекти загубена е секоја разлика меѓу ь и ъ кај р и л.“; „Консонантскиот систем на македонските и бугарските дијалекти има посредничка положба помеѓу консонантскиот систем на јужнословенските дијалектни групи…“; во писмата упатени до Јагиќ, Облак ги споменува пропагандите од страна на Србите и Бугарите во врска со македонските дијалекти и одбележува: „многу тешко ми падна на срцето што во мојата расправа за македонските дијалекти…во предговорот треба свечено да изјавам дека научните резултати нема да бидат користени за политички цели. Не треба да се споменува ни зборот „српски“ ни „бугарски“. Тука мора да се оперира конечно само со Х и У.“

Првата половина на XIX век на територијата на Македонија постои поделба во социолингвистички контекст: како престижен јазик во јужните области се јавува грчкиот, додека во останатите делови улогата на престижен јазик ја има црковнословенскиот, поради што овој јазик вршел влијание врз новите форми на писмениот јазик засновани на народните говори. Со појавата на дамаскините во периодот од XVI до XIX век (во Македонија биле создадени околу 200 дамаскини) – зборници со морално-поучна содржина во кои навлегуваат јазични елементи од народните говори, во Македонија започнува употребата на народните говори во приватното и во официјалното општење. Во однос на структурата на населението, при користењето на именувања на етницитети во Османската Империја се користи терминот „милет“, кој означува „националност определена од религиозно дефинирана заедница“, па така со зборот „Турчин“ се означувал муслиман без оглед на јазикот, додека со „Рум“ (односно Грк) се означувал православен христијанин, но не задолжително гркофон. Терминот „Бугарин“ (Болгарин) бил употребуван за луѓето што зборувале јужнословенски дијалекти од Црно до Јадранско Море. За овој период е особено карактеристично тоа што во Македонија се води борба од една страна против грчката доминација во црквата и училиштата и, од друга, за употреба на народните говори и избор на дијалектната основа за литературниот јазик.

Дополнително, грчкото влијание се огледува и во фактот дека разни преводи на евангелија, авторски дела и сл. биле пишувани на народен говор, но со грчки алфавит. Особено важно во овој период е објавувањето на Четиријазичникот на Хаџи Даниил од Москополе во 1802 год., кој е првиот објавен текст што опфаќа македонски дијалект – се работи за охридскиот говор; намената на овој речник била да се елинизираат Албанците, Власите и Словените. Именувањето, пак, на јазикот како „бугарски“ (болгарски) кај пишувачите и составувачите на зборници никако не може да се интерпретира во современ контекст, односно како што потенцира П. Хил (Hill P. “Language Standardization in the South Slavonic Area”. Sociolinguistica 6. Tuebingen, 1992) терминот веројатно означува само народен јазик. Овде треба да се спомене еден сличен ракопис насловен како „Македонски лексикон од 16 век“ (Un Lexique Macédonien du XVIe siécle) кој е издаден во 1958 год. од Ч. Џанели, професор на Римскиот универзитет и од А. Вајан, професор на Школата за високи студии во Париз. Според Вајан во материјалот е претставен говор од Костурско, а се смета дека авторот е некој школуван Грк.

Јоаким Крчовски (по потекло од Кичево, с. Осломеј, починал 1820) живеел во североисточна Македонија и е автор на пет книги со религиозно-поучна содржина; од јазичен аспект во основата се поставени североисточните македонски говори, но во неговиот говор не биле потиснати сите западномакедонски особености. Како една индикација е неговото акцентирање на сопственото име „ дáскала Крчóвскаго“ или на името „Димúтриа“ на насловната страница на „Митарства“ и на „Слово за страшниот суд“.

Кирил Пејчиновиќ (с. Теарце, Тетовско околу 1770 – 1845 Лешок), игумен на Марков манастир, Скопско, и на Лешочкиот манастир; се посветил на книжевната работа и ги издал книгите „Огледало“ во Будим 1816 год. и „Утешение грешним“ во печатницата на Теодосиј Синаитски во Солун во 1840 год. и Житие на кнез Лазар. Како основа во книгите е земен тетовскиот говор со елементи од централните македонски говори, сепак, со значително присуство на црковнословенскиот, кој ја претставува црковната традиција.

Отпорот кон грчката црква силно ја одбележал дејноста на Константинов-Џинот (1820–1882) од Велес, којшто во своите дела употребува словенска книжна лексика и интернационализми, додека присуството на србизми во неговиот јазик сведочи за влијанието на српскиот фактор. Својот јазик го именува како „славено-болгарски“ или „болгарски“, а во граматичка смисла се застапува за архаизација на писмениот јазик. Интересна е една реакција на уредникот на „Цариградски вестник“ од 1851 год. кој го напаѓа јазикот на Џинот: „…секој може да види дека тој е различен од нашиот пишан и говорен јазик…Нека ни простат жителите на Скопје, заедно со сите оние кои зборуваат сличен јазик, бидејќи тие не го разбираат нашиот јазик, не можат ниту да го зборуваат.“ (Димитровски и др. За македонскиот јазик, 1978: 23).

Партениј Зографски (1818 – 1875) е еден од оние што се застапува за заеднички македонско-бугарски јазик, под влијание на идејата на илиризмот, која имаше своја паралела во идејата за обединување на Словените во Турција. Тој во „Мисли за болгарскиот јазик“ од 1858 се изјаснува дека македонското наречје не само што не треба да биде исклучено од општиот писмен јазик, туку „ќе беше подобро ако се примеше за главна негова основа“, затоа што е пополнозвучно и побогато, а претставници се југозападните делови на Македонија. Всушност, неговата концепција се јавува како една форма на македонска опозиција кон бугарскиот јазик, за што како показател се јавуваат негативните реакции на бугарските учители кон становиштето на Зографски, како и на Кузман Шапкарев (1834 – 1908) кој објавува во 1874 учебник насловен „Мајчин јазик“.

Со ова Шапкарев предизвикува реакција од редакцијата на весникот „Ден“ (1875) за што еден читател охриѓанец напишал дека Шапкарев само настојувал книгите „што се назначуваат за нашите краишта да се напишани по тукашното наречје, зашто децата полесно можат да ги разбираат и нема да си губат толку време како сега со бащинъ язикъ“, по што од весникот реагирале со зборовите: „каква полоша мисла од таа треба да има г. Шапкарев? Тој знае каде цели. Денес букварче, утре други учебни книги и туку ќе видиш ти извадил и ти составил и некоја историја на македонскиот народ и др.“ (Ристовски Бл. Македонија и македонската нација, Скопје, 1995).

Димитар Миладинов, учител од Струга (1810 – 1862) се истакнува во борбата за изгонување на грцизмот во училиштата и црквите; тој, заедно со својот брат Константин (1830 – 1862) по советот на В. Григорович, кој престојувал во Македонија, се занимава ревносно со собирање македонски народни песни, кои ги објавуваат во Загреб во 1861. Застапени се 600 македонски песни, а вклучени се и 70 бугарски песни запишани од В. Чолаков, по барање на ѓаковскиот бискуп. Биле подготвени и богослужбени слова, како и нотни записи на песните од Наум Миладинов, но подоцна биле исфрлени. Преку македонската народна песна се придонесе многу за развојот на македонската национална култура, а Константин истакнува дека: „свекој род саде со својот јазик можит побрго да се просветит“.Преку своите песни напишани на струшки говор Константин Миладинов го покажува стремежот кон употреба на народниот говор како основа за литературниот јазик.

Григор Прличев од Охрид (1830 – 1893) како исклучителен поет се истакнува со својата поема на грчки „Арматолос“, со која победил на поетскиот конкурс во Атина 1860 год.; на грчки ја пишува и поемата „Скендербеј“ (1862), а ги преведува и хомерските епови „Илијада“ и „Одисеја“ од старогрчки, „Орландо Фуриосо“ од италијански и др. Во врска со преводот на Илијада, кој Прличев го правел по покана на списанието „Читалиште“, печатен во 1871 год., кн. 11–16, како пресудна за неговата судбина е критиката на Н. Бончев во „Периодическо списание“ (1871) за лошиот јазик и прекумерните скратувања. Всушност, самиот Прличев во своите белешки пишува дека преводот ќе биде скратен, дека преведува во десетерец, а за бугарскиот вели дека не го познава добро. Преводот го има како основа црковнословенскиот со употреба на бугаризми и русизми. Прличев покрај својата дејност како учител, се истакнал и како исклучителен оратор со беседите кои ги изрекувал по разни поводи во училиштата, одбележувањето на Св. Кирил и Методиј, Св. Климент и др. секогаш со стремежот за искоренување на грцизмот и воведување настава на мајчин јазик. Карактеристично е дека во беседите се служи со охридскиот говор, како на пример во „Чувај се себеси“ (1866), во „Беседата за современата настава во училиштата“ (1883), „Беседата за жртвите“, „Говор одржан на 28 мај 1867“ и др. Во „Беседата за Кирил и Методиј“ истакнува: „ – О колко бехме за окајание ние Македонци! Милиони души от стотини години напред празнуваха денот на Св. Кирил и Методиј а ние едва сега скоро започнахме да ги празнуваме. Православни и Католици празнуваха денот на Македонските свјатии, а ние Македонци не знаехме ни делата, но нито имената на македонските свјатии…“ Во својата „Кратка словенска граматика“ (1868) во која се застапува за еден општословенски јазик базиран на старословенскиот се служи и со избрани примери од македонските народни говори, поточно од с. Бобошчица, со упатувања „во Македонија“ итн.

Димитар В. Македонски (с. Емборе, Кајларско, починал 1898) меѓу 1867 и 1868 објавил три учебника, а неговиот јазик бил близок до западномакедонскиот на Зографски, со тоа што вклучувал и особености на неговиот егејско-македонски дијалект (редуцирање на неакцентираните самогласки е>и, о>у); тоа претставува еден од обидите за синтетизирање на македонските дијалекти во литературен јазик.

Најраниот печатен израз на посебен македонски идентитет е изразен од Ѓорѓија Пулевски од Галичник (1838? – 1895), кој во еден од своите учебници наведува: „Наше отачество се велит Македонија и ние се именуваме Македонци“; „македонскијот јазик је најсроден со црковно-славјанските книги и тој је старославјански“. Во 1878 ја објави првата македонска револуционерна поема „Самовила Македонска“, а во 1880 во Софија е објавена неговата граматика „Славјанско-населенска-македонска слогница речовска“ која претставува стремеж за еден македонски литературен јазик. Во 1892 е објавена првата историја „Славјанскомаќедонска општа историја“; со своите дела Пулевски се истакнува со македонистички идеи во поглед на јазикот и на националното чувство.

Овде треба да се спомене и Темко Попов, претставник на тајниот Македонски комитет во Софија, кој во текстот „Кој е крив“ и во писмото до Д. Баџовиќ од 1887 се застапува за воведување македонски јазик во училиштата и изразува македонска национална свест: „Националниот дух у Македониа до такво дередже денеска је стигнал, штото ни сам Исус Христос да слезит од небоно не можит да уверит Македонеца оти тој е блгарин или србин“ (цитирано во Македонски јазик 1998).

Марко Цепенков од Прилеп (1829-1920) како извонреден раскажувач има голема заслуга за собирање на македонски народни умотворби и приказни. Неговите собрани материјали излегуваат во 1888 во „Зборник на народни умотворения, наука и книжнина“, понатаму во 1900 до 1906 во истиот Зборник (Цепенков, М. Одбрани творби. Скопје, 1974). Покрај оваа дејност, тој се јавува како автор на драмата за Спиро Црне објавена во в. „Автономна Македонија“ во 1903, Автобиографијата, Записките за македонските војводи, неколку песни во в. „Глас македонски“ во 1896, чиј редактор бил К. Шахов претседател на Младата македонска книжовна дружина и пријател на Гоце Делчев; потоа, песната „Мајка Македонија ги советува своите чеда да востанат против тиранијата на Турците“ во в. „Автономија“ во 1899, весник на македонската емиграција во Софија. На последно споменатата песна се потпишува со псевдонимот Еден прост Македонец, а првите нејзини стихови гласат: „Чеда жални, вие Македонци, до кога ќе лежите под Турци?“.

Со дејствувањето на младата македонска книжовна дружина во Софија започнува и издавањето на списанието „Лоза“ од јануари 1892, во кое се употребувала реформирана македонска ортографија и азбука, како и ’македонизми‘ во фонетиката, морфологијата и лексиката(употреба на апостроф ’ кај палаталните консонанти, членска форма –от, дифтонзите се пишуваат како диграфи ю – я – iа, употреба на предлозите восо наместо във, със, предавање на групата dj со гi наместо со жд и др.). Во бугарската јавност се огласиле негативни реакции за „Лоза“ со коментар дека тие сметале дека нивна татковина е Македонија, дека е таа населена со посебно словенско племе наречено Македонци. Лозарите извршиле значајно влијание врз Крсте Мисирков (1903), кој самиот ги карактеризира како основа на новото движење во Македонија, движење што има цел да се одделат македонските интереси од бугарските со воведување на едно македонско наречје на степен на литературен јазик за сите Македонци. Бугарските власти го забрануваат печатењето на Лоза и ги прогонуваат македонските сепаратисти.

За македонските имиња

Македонскиот топономастикон, по својата генеалогија, главно, има словенски карактер, покрај помал процент на адаптирани топоними од турско, грчко, латинско и супстратно потекло. Споредбата на истородни топоними што се наоѓаат на територијата на Бугарија и на Македонија што се претставуваат во книгата како „чисто“ бугарски е апсолутно неодржлива. Македонските ономастичари имаат голем број студии посветени на топонимиски паралели меѓу македонските топоними и топонимите од други словенски топонимиски системи, како на пр.: хрватски, српски, словенечки, чешки, полски итн., но ниту еден не се произнесол дека сите топоними што се семантички и структурно идентични или слични „се присвоени“ или „украдени“ од македонскиот топономастикон од страна на јужнословенските, западнословенските или источнословенските народи. Напротив, секој сериозен ономастичар што се занимава со проучување на словенските топономастикони ги третира како општословенски, т.е. како заеднички за сите Словени.

Во однос на презимињата неодржлива и ненаучно е фундирана тезата дека сите презимиња во Македонија на завршок -ов се бугарски, а презимињата на -ски со декрет им се наметнати на Македонците за да се разликуваат од бугарските. Презимињата на -ов/-ев во македонскиот антропономастикон во својата основа имаат лично име, додека оние образувани со суфиксот -(-ев/-ов)ски во основата имаат фамилијарни имиња, како што се: Петревци, Стојановци, Драгановци, Воденичаровци, Рибаровци и др. И двата суфикса имаат словенско потекло и се карактеристични за образувања презимиња и кај другите словенски народи: Руси (Ана Павлова, Горбачов, Рахмањинов, Достоевски и др.); Полјаци (М. Склодовска, З. Тополињска, Вроцлавски, Соколовски итн.); Чеси (Навратилова, Хауптова); Срби, најчесто од Војводина (Јован Ќирилов, Васиљев и др.). Неверојатно ни се чини дека сиве овие претходно наброени презимиња, според бугарските лингвисти, се, исто така, – бугарски?!

За македонските дијалекти

Во делот посветен на македонските дијалекти (с. 40‒50), изнесени се невистинити искази, кои методолошки ниту се издржани ниту пак прифатливи за која било наука. На самиот почеток од овој дел како доказ за „бугарскиот“ карактер на дијалектите од „географската област Македонија“ авторите наведуваат дека населението во Албанија го определува својот говор како „нашенски“ кога општат со гости од Бугарија. Тоа не е никаков научен доказ дека се Бугари, а пак уште помалку дека јазикот им е бугарски. Само како пример, ако се истражувачите од Србија или од Русија, тогаш како ќе се толкува поимот „нашински“?! Во последниве 10 години и македонски и странски слависти во своите истражувања на овој терен имаат забележано дека се користи терминот „наш(инс)ки“, но со оглед на деценискиот недостиг од општествена поврзаност со матичната земја, тоа е вообичаена реакција на говорителите, а за несомнениот македонскиот карактер на тие дијалекти зборуваат фактите изложени во дијалектолошките монографии за овој регион. Затоа, пак, бугарските експлоратори што биле на терен во Албанија, не познавајќи ги добро тамошните дијалекти (разбирливо, не се нивни!) даваат погрешни транскрипции на примери во книшката каде што и акцентирањето и предавањето на гласовите е погрешно. Пр.: „Мòйте децà_ги растèла мàйка ми до тригодùшни …“ „Шò к’е зàзборвит джагỳрин’а (децата)…“ (с. 41).

Во продолжение на тезите го вметнуваат и името на познатиот руски истражувач Афанасиј Матвеевич Селишчев, притоа селективно ги даваат неговите научни мисли и ги ставаат во сосема друг контекст. Еве што вели самиот тој во Очерки по македонской диялектологии: „Славянскіе говоры Македоніи въ теченіе послядних 50 лятъ были объектомъ политическихъ и публицистическихъ споровъ и кровавыхъ распрей, но не были въ полномъ ихъ объемѣ предметомъ научнаго изслѣдованія. Все то, чѣмъ мы располагаемъ для изученія современныхъ македонскихъ говоровъ, заключается въ записяхъ и немногихъ описаніяхъ.“ („Словенските говори во Македонија во текот на последните 50 години биле предмет на политички и новинарски спорови и крвави пресметки, но не биле во полн обем предмет на научни иследувања. Тоа со што располагаме за изучување на современите македонски говори се состои од записи и неколку описи.“)

Точно е тоа дека има труд од него „Полог и его болгарское население“, но има и „Славянское население в Албании“. Прашање до колегите од Софија: Зошто не и бугарско население во Албанија? Впрочем, неговиот ученик Бернштејн, кој се смета за основач на проучувањата на современиот македонски јазик во Москва, има запишано дека токму Селишчев во својот курс по словенска филологија одржан во 1938 година во Москва го споменал и македонскиот јазик и ја одобрил статијата на Бернштејн посветена на македонскиот јазик. Имено, Бернштејн (С. Б. Бернштейн. Зигзаги памяти, Москва 2002: 228) пишува: „В предисловии переводчика было написано, что Селищев „един от най-авторитетните защитници на българските права над Македония“. Это вызвало страшный гнев Афанасия Матвеевича… „Это дело болгар, и нам не следует вмешиваться в их дела, – говорил Селищев. Формирование национального сознания – сложный процесс… это дело политиков, а не учёных“. “.(„Во Предговорот од страна на преведувачот беше напишано дека Селишчев ‘е еден од најавторитетните заштитници на бугарските права во Македонија‘. Ова предизвика страшен гнев кај Атанасиј Матвеевич… ‘Ова е работа на Бугарите, и нам не ни треба мешање во нивните работи‘ – велеше Селишчев. ‘Создавањето на национална свест е сложен процес… тоа е работа на политичарите, а не на научниците‘.“).Околу состојбата со картографирањето на дијалектните пројави, авторите се повикуваат само на Бугарскиот дијалектен атлас, заборавајќи дека постои Општословенскиот лингвистички атлас со меѓународна славистичка редакција, во која се застапени и пунктови од македонската јазична територија.

За создавањето на македонскиот литературен јазик

На 2 август 1944 г., на Првото заседание на АСНОМ, се воведува македонскиот јазик како службен во македонската држава и се започнува со работата на македонската азбука и правопис. Исто како и при реформите на бугарската азбука и правопис, имало повеќе различни ставови како тие да изгледаат и затоа се смениле 3 јазични комисии. Самата кодификација во 1945 г. е поставена врз идеите на Крсте Петков Мисирков изложени во книгата „За македонцките работи“, објавена во Софија во 1903 г., само 3 години по кодификацијата на бугарскиот јазик од страна на М. Дринов. Тоа се: централното македонско наречје како народна основа, фонетскиот правопис и лексички фонд што вклучува избор од сите македонски дијалекти.

Од литературнојазичен, нормативен аспект, „јазикот секогаш има политичка димензија, бидејќи него ќе го нема без политичка одлука.“ (Babić S. Hrvanja hrvatskoga, Zagreb 2004: 122). Познат е цитатот на социолингвистот Макс Вајнрајх (Max Weinreich) ‒ мисла слушната како коментар на едно од неговите предавања, дека „јазикот е дијалект со армија и морнарица“. Впрочем, реформата на бугарската азбука и правопис од 1945 г. е спроведена според Лениновата реформа на рускиот јазик од 1918 и реформата од 1921 година.

Македонскиот јазик со целата своја многуфункционалност на стандарден јазик, силата на зборовите и граматичките парадигми ги црпел и сè уште ги црпи од дијалектната разновидност, односно од богатството на дијалектите. Македонските дијалекти имале свој спонтан развој во којшто внатрешните јазични можности, поттикнати од ситуацијата на многујазичност на Балканот, ги доразвиле и ги прераспределиле на начин што е уникатен за македонскиот јазик во рамките на целиот словенски јазичен свет.

Без да навлегуваме во детали, тука ќе ги наведеме прво фонетските особености, како што е затврднувањето на меките согласки, сосем малата фонетска адаптација на гласовите во гласовната низа, фиксираниот акцент на третиот слог од крајот на зборот и акцентските целости, особини со коишто македонскиот јазик во голема мера се разликува од бугарскиот на фонетско рамниште.

Од друга страна, македонскиот јазик развил морфосинтаксички особености што во голем степен го оддалечиле од другите словенски јазици, а го разликуваат и од бугарскиот, а кои се предмет на истражување на домашни и странски македонисти, како што се: различната употреба на л-формата во двата јазика, комплетното изградување на парадигмите со ќе за изразување на нефактивност (ќе паднев ‒ буг. щях да падна), македонското што наспроти бугарското че, употреба на дека наместо бугарското да во декларативни реченици, начинот на искажување на прекажаноста во двата јазика и низа други особености.

Ако кон тоа се надоврзе балканскиот има-перфект, чиј зародиш е забележан во ракопис од Крнино (Кичевско) од 1706 година, ќе се сфати дека разликите меѓу двата словенски балкански јазика, македонскиот и бугарскиот, се големи, системски и иреверзибилни, резултат на вековни дивергентни процеси што се непобитна реалност.

Употребата на еден јазик како официјален од страна на повеќе држави, што е потенцирано во публикацијата на БАН, каде што се наредени редица примери од ист тип, на пр. случаите со англискиот, германскиот итн., не ја одразува светската лингвистичка реалност и не може да се употреби како аргумент дека македонскиот јазик е во основата бугарски и дека треба да се признае дека еден ист јазик се употребува како официјален во двете држави. Зошто не се споменати случаите кога една иста национална заедница употребува повеќе јазици, како на пр. Евреите? Зошто не се споменати случаите кога од еден дијасистем се добиваат повеќе стандардни јазици, како што е примерот со српскохрватскиот, од кој сега функционираат четири засебни стандардни јазици: српскиот, хрватскиот, босанскиот и црногорскиот? Во науката не е дозволено да се прикажуваат само ситуациите што ѝ одат во прилог на определена теза, туку треба објективно да се прикаже реалноста.

 Заклучок

Она што може да се заклучи од првиот поглед на оваа книшка е дека ставовите на авторите не се научно базирани. Македонскиот јазик функционира како стандарден јазик веќе 75 години, рамноправен во рамките на Обединетите нации, со испишани илјадници страници во сите функционални стилови. Вештачките јазици, оние што немаат жива основа, не успеаја да го поминат тестот на времето. Таков беше случајот со есперантото, на пр. Македонскиот јазик кодифициран на народна основа го нема тој проблем. Тој е предмет на интерес на повеќе странски научници, како на пр., на Хорас Лант, професор на Универзитетот Харвард и студент на Роман Јакобсон, кој во 1952 г. објави „Граматика на македонскиот литературен јазик“ на англиски, потоа Гард, Миниси, Пјанка, Хил, Лубаш, Фридман, Усикова, Крамер и др.. Застапен е во Општословенскиот лингвистички атлас (ОЛА), Европскиот лингвистички атлас (ЕЛА) (Atlas Linuarum Europae ‒ ALE), Малиот балкански атлас. Mакедонскиот јазик се изучува и се изучувал на различни нивоа на повеќе од 30 универзитети во: Австралија (Мелбурн, Сиднеј), Австрија (Виена), Албанија (Тирана), Италија (Неапол), Канада (Торонто), Полска (Варшава, Краков, Катовице, Сосновјец), Романија (Крајова, Букурешт), Русија (Москва, Перм), САД (Чикаго, Чапел Хил, Портланд), Словенија (Љубљана, Марибор), Турција (Истанбул), Унгарија (Будимпешта), Франција (Париз), Хрватска (Загреб, Риека), Чешка (Прага, Брно) и др., а за научни проучувања бројката е многу поголема.

Тоа е реалноста. Секој што претендира себеси да се смета за научник мора да биде во согласност со времето. Основно човеково право е правото на употреба на мајчиниот јазик и на самоопределување. Секој обид да се постигне тоа со сила или уцена ќе биде неуспешен. Македонците не можат да се чувствуваат како Бугари, ниту да го сметаат бугарскиот јазик за мајчин. Впрочем, во последните 100 години, само за време на окупацијата од 1941 до 1944 година, во поголем дел на Македонија службен бил бугарскиот јазик, така што двата јазика се развивале одделно и притоа доста се оддалечиле.

Заедничката иднина треба да се гради со меѓусебна доверба и пријателство. Тоа ќе се постигне само доколку се прифатиме и вистински се почитуваме.

Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“

10.5.2020, Скопје

Извор: МКД.мк