Професор по физика стана YouTube ѕвезда со предавањата кои ги објавува

Павел Виктор, 64-годишен професор по физика од Одеса, стана интернет ѕвезда со објавите на YouTube.

Тој има пракса да ги снима сите свои предавања и експерименти од часовите. Снимките потоа ги објавува на YouTube за да им бидат достапни на учениците кои не биле на час.

За пет години, период во кој овој професор, за учениците од седмо до единаесетто одделени ги снима, а понекогаш и во живо ги пренесува предавањата, овој професор стекна верни следбеници на YouTube.

„Децата се разболуваат, зима е. Па, ме прашаа: Павел Андреевич, дали може да ги следиме вашите предавања преку Skype? Им кажав дека може. Едноставно, не можете да отсуствувате од часовите по физика еден месец, а потоа лесно да го надополните пропуштеното. Па, затоа морав да ги снимам најкомплексните лекции во празна училница“, објаснува овој професор.

Според него, сето ова започнало со часови за болните ученици преку Skype. Подоцна, со цел да се прошири обемот на следбеници на предавањата, YouTube била најдобра опција за тоа.

Интернет слава

Како што минувало време, и самото училиште во кое работи Виктор ја увидело корисноста од овој метод. Оттука, тие на професорот му купиле комплет опрема за во живо да ги пренесува лекциите. Снимките тој потоа ги објавува на YouTube.

„Среќа е да се биде сфатен. Во коментарите од моите снимки со предавањата често можете да прочитате: Сфаќаме за што зборувате. Ако другите ве разбираат, тоа е причина да бидете среќни“, вели Виктор, кој одговара на секое поставено прашање во коментари од учениците и останатите следбеници.

Популарноста на овој професор порасна до таа мера, што неговите предавања се пренесуваат ширум цел свет. Неговиот канал моментално има над 80.000 следбеници. 40.000 од нив се од руско говорно подрачје. Снимките од неговите предавања имаат над 8 милиони прегледи.

Одбива заработка од YouTube

Павел Виктор во ниту еден момент не помислува да заработи на неговата популарност на оваа видео-платформа.

„Постојано добивам понуди, но сите ги одбивам. Сметам дека две нешта во животот треба да бидат бесплатни: образованието и здравствената заштита. Ако можам да придонесам за тоа, зошто да не го направам на овој начин“, објаснува тој.

Омилениот украински професор доживеа и еден инцидент, кога на 25 октомври беше нападнат на враќање од работа. Во нападот му беше скршен колкот. Напаѓачите го турнале од велосипед додека се враќал од настава.

„Фала богу што носев заштитен шлем, па не ја повредив главата. Ги прашав: Што ви треба? Ми рекоа: Твојот телефон. Не бев ниту збунет, ниту уплашен. Само многу се изнервирав. Бев уморен и се враќав дома од предавања. Им реков: Јас сум наставник. Да ме ограбите е грев кој ќе ве прогонува. Ми го зедоа велосипедот, но ми го оставија телефонот“, раскажа тогаш за немилиот настан професорот.

Поради технички причини после овој инцидент, снимањата на предавањата моментално се во прекин.