Пригожин објави дека неговите платеници се повлекуваат од Бахмут


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


Основачот и лидер на руската платеничка милитантна група „Вагнер“ најави дека неговите платеници почнале да се повлекуваат од украинскиот град Бахмут и да ги предаваат своите позиции на редовните руски трупи.

„Ги повлекуваме нашите единици од Бахмут. Од денеска од пет часот на 25 мај до 1 јуни, повеќето единици ќе бидат прераспоредени во задните кампови. Ги предаваме нашите позиции на руската армија“, рече тој во видеообраќање објавено на Телеграм.

Ројтерс пишува дека видеото во кое се обраќа Пригожин е објавено на апликацијата Телеграм од страна на неговата прес-служба, а на него се гледа како шефот на „Вагнер“, облечен во борбена опрема, стои до станбен блок оштетен од воените напади.

Во обраќањето тој посочил дека неговите сили се подготвени повторно да се вратат во Бахмут доколку редовната руска армија не може да управува со ситуацијата.

Во саботата, руските сили објавија дека по неколкумесечни тешки борби целосно го зазеле Бахмут.

Украина, пак, го негира ова и вели дека нејзината армија напреднала во северниот и во јужниот дел на уништениот град и дека се надеваат оти ќе го опколат.