ПРЕКРАСЕН ТЕКСТ: Божикен пост – две лепти од душата и телото


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


Започна Божикниот пост. Намерата го осветува делото. Каква е користа од промената на трпезата од месна на посна, или од другите нешта, ако Христос не е во центарот на намерите? Еве, апостолот Павле вели: „Јадете ли, пиете ли, или нешто друго правите, сето тоа правете го за слава Божја“ (1Кор. 10,31). Без да згрешиме, да ги парафразираме неговите зборови: „Доколку не јадете, доколку не пиете, или доброволно се лишувате себеси од било што, воздржувајте се во слава на Бога“.

Храната не нè приближува кон Бога, и не нè оддалелечува од Него, туку намерата нè приближува, а надворешното дело добива внатрешна сила од Оној Кому Му е посветено. Значи, подготвувајќи се да постиме, воздржувањето да го посветиме, колку што можеме, на Оној Кој од Дева во пештера недалеку од Витлеем е роден. Со ова посветување и најскромното воздржување нема да остане бесплодно, а со лажните цели и најголемото испосништво ќе биде или штетно, или бескорисно. На Запад постот пред Божик се нарекува „Адвент“, што значи „посветен на доаѓањето“. Затоа, малку значи да им се вели на луѓето: „Не јадете месо. Не пијте млеко.“ Треба да им се вели: „Подготвувајте се за пречекот на Христа. Разбудете ги мислите и поитајте на средба со Господа. Сеќавајте се поради Кого го поедноставувате животот и се вежбате во скромноста“.

+++

Се зборува дека кога во Рим се градела црквата на свети Петар, едно исто прашање им било поставено на двајца различни луѓе кои носеле камен за градбата. „Што правите?“, ги прашале. Едниот рекол: „Се договорив да носам камен, за да го прехранам семејството“. „Јас пак, – одговорил другиот, – градам црква во чест на апостолот Петар.“ Очигледно е дека покрај еднаквиот труд и плата, овие луѓе обавувале потполно различна работа. И, ако една црква опстои со векови, тоа е благодарение на работниците слични на вториот, а не на првиот работник. Ајде и ние да видиме какви ни се намерите.

+++

– Што правиш, докторе? – Учам да Му служам на Христа преку болните, и да го олеснувам човечкото страдање
– Што правиш, учителе? – Им ја откривам вратата во светот на знаењето на децата, за да им биде интересно да живеат, и подоцна да може да им користи
– А што правиш ти, испоснику? – Се сеќавам на Господа, и сакам со сета Црква да Него Го пречекам во божикните денови.
– А, можеби само сакаш да ослабеш, да го подобриш здравјето? – Не, ова не се денови на гладување. Тоа е жртва, колку што може да биде. Тоа се моите две лепти, од душа и тело.

+++

Човекот е незаштитен, како вдовицата, но и тој треба да принесе жртва. Лептите што се принесуваат треба да бидат токму две, како што биле и двата динарија што Добриот Самарјанин му ги дал на гостилничарот (сп. Лк. 10, 35). Во приказната имаме два динарија – Стариот и Новиот Завет од кои човекот може да вади и да го лечи пребиениот човек (Адам) во гостилницата (Црквата) додека Господ не дојде. А двете лепти во жртвата на вдовицата се знак на нашето двоединство. По една лепта треба да принесеме на жртва и од душата, и од телото, т.е. и од внатрешниот, сокриен човек, и од надворешниот. Од телото – воздржување од храна. Од душата – гладување со очите, мирување на јазикот, затворениот слух.

Втората лепта е дури и поважна од првата. Живееме во информациско време. И кој не јаде колбаси, но умот го пушта на телевизиска или компјутерска промаја, сомнително пости. Ваквата промаја ќе му ја „издува главата“ додека не добие духовен менингитис, и додека не му биде потребно носење во болница. Но, потребна ни е слободата, и тоа пред сè – внатрешната, потребна ни е лесноста од помислите и чистота на намерите. Прозорите од душевната куќа треба да се затворат така што во неа нема да се слушаат повиците и вревата од улиците вавилонски.

+++

Во текот на целата внатрешна историја на Израилот и сета надворешна историја на светот се подготвувало Рождеството Христово. Заедничката праведност на чедата Авраамови го овозможила, прво – раѓањето на Мајката, а потоа од неа – Новиот Адам. Но и надворешниот свет, не размислувајќи за тоа, бил вовлечен во голема работа.

Така, пописот (наложен) од Август ги приморал Марија и Јосиф да тргнат кон Витлеем, за да се исплни пророштвото на Мијхеј: „И ти, Витлееме Ефратов, иако си најмал меѓу илјадниците Јудејци, од тебе ќе ни излезе Оној, Кој треба да владее во Израилот и чие потекло е од почетокот, од вечноста“ (Мих. 5,2). Значи, и семоќниот кесар, обоготворен преку робовските улизувања, служел на Христовата на цел, ни самиот не сфаќајќи го тоа.

Треба да бидеме уверени дека и денес, и до свршетокот на светот, сè што се случува е на таинствен начин поврзано со Господа Исуса и Неговата Промисла. Само што ние, имајќи помрачен разум, ја делиме сликата на светот, припишувајќи им власт и слобода на стихиите, и не забележувајќи го Божјото присуство. На суетниот човек и верата му е суетна. Лажливецот има лажна надеж. Постот ни е потребен токму за преку Божјата помош да се доведеме, релативно кажано, во ред, да го очистиме окото на умот. Двосилен е постот – душевен и телесен – каков што е и човекот.

Тешко е да процениме колкумина ќе започнат со одврзување на внатрешните чворови, водејќи и тајна борба за верата. По дефиниција, таквите се немногу. Но, присуството макар и на немногрубројни такви луѓе историјата ја прави жива, претежнувајќи кон Бога. Значи, да си ги провериме намерите и – со Бога!

Протопрезвитер Андреј Ткачјов
Извор