Празнувајте одговорно – носете маска и почитувајте ги пропишаните мерки за заштита


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Празнувајте одговорно – носете маска, не се групирајте, не славете, туку скромно одбележете, е пораката што последните денови, па и недели постојано ја упатуваат здравствените власти и државниот врв.

Тие апелираат максимално да ги почитуваме заштитните мерки и со нашето однесување да ги поддржиме оние што се на првата борбена линија против корона вирусот – лекарите, медицинските работници, Армијата, полицијата и инспекциските служби.

Слична порака упатуваат и верските заедници. Порачуваат да бидеме во кругот на семејството и да избегнуваме собири.

Министерството за внатрешни работи најави посебен оперативен план за вечер, 31 декември, кога треба да ја испратиме старата и да ја дочекаме новата, 2021 година, но и за утрешниот ден, први јануари. Државниот пазарен инспекторат, пак, предупреди дека контролите ќе бидат засилени, како досега, за да се спречи секое евентуално прекрушување и непочитување на протоколите.

-Ве повикувам, огромната поддршка и почит кон лекарите, кон медицинските работници, кон полицијата и Армијата, да ја изразиме со најодговорно однесување и со целосно почитување на мерките во периодот пред нас. Еве ги новогодишните и божиќните празници. Да си посакаме здравје, но пред сѐ да придонесеме со нашето однесување кон здравје. Ако имаме здравје, ќе можеме да работиме, да заработиме, да се дружиме, да живееме и да се сакаме во кругот на семејството и блиските. Затоа, празнувај одговорно – носи маска, не се групирај, не слави, туку скромно одбележи. Мораме така додека не се спроведе вакцинацијата. Апелирам уште еднаш, да се грижиме за сопственото здравје, за здравјето на блиските и за јавното здравје. Да ги почитуваме мерките – да ги поддржиме сите кои се на првата линија на борбата, рече премиерот Зоран Заев во видео обраќањето до граѓаните на 27 декември.

Според него, годинава што изминува ќе остане запамтена по здравствено-економската криза предизвикана од коронавирусот, кај нас и во целиот свет.

– Беше и сѐ уште е многу тешко. Но, сите сме ангажирани, секој од нас е загрижен и придонесува со помош и поддршка, бидејќи се работи за сопственото здравје, за здравјето на најблиските и за јавното здравје. Во оваа борба, во првите редови сте вие, лекарите и целиот медицински и помошен персонал во болниците. Сите вие изминативе месеци сте на првата линија во борбата со опасниот вирус – го штитите нашето здравје, а тоа значи дека сопственото го ризикувате, заради сите нас. На првата линија сте и вие, припадниците на полицијата, на Армијата и сите останати ангажирани за време на оваа кризна состојба. Сите вие на првата борбена линија сте нашите херои, нагласи Заев, искажувајќи јавна благодарност.

И министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски во повеќе наврати апелираше на совесно прославување за новогодишните и верските празници – без големи групирања и загрозување на јавното здравје. Тој потсети дека ако некој директно го загрозува здравјето на граѓаните, ќе мора да сноси одговорност.

-Полициското присуство секогаш било засилено околу Нова Година и другите празници во текот на јануари затоа што е важно да се одржи јавниот ред и мир, а тоа го покажува ланскиот мал број пријави и инциденти. Имаме посебен оперативен план за ноќта на 31 декември, како и за утредента на први јануари, затоа апелирам за совесно прославување, без големи групирања и загрозување на јавното здравје, ако некој директно го загрозува здравјето на граѓаните ќе мора да си сноси одговорност, напиша викендов Спасовски на својот фејсбук профил, додавајќи дека исчезнаа објавите за групни прослави по викендици за Нова Година откако почнаа проверките преку Секторот за превенција при МВР.

Инспекторите и вечерва ќе бидат постојано на терен. Ќе работат со ист или со уште позасилен интензитет од претходните денови ако е потребно.

-Контролите и за новогодишната ноќ ќе продолжат исто како до сега. Инспекторите се на терен седум дена во неделата, а не како порано што кажуваа 24/7, но има инспектори кои и по 12 или 14 часа се на терен. Толку имаме луѓе, сите се ангажирани. Верувам дека и новогодишните празници најголем дел од нив ќе ги поминат на терен. Затоа упатувам апел до сите што мислат да ги нарушуват протоколите, да се воздржат, бидејќи тоа е во интерес на сите граѓани, рече директорот на Државниот пазарен инспекторат, Стојко Пауновски пред три дена.

Поглаварите на црквите и верските заедници во земјава по вчерашната средба уште еднаш порачаа, да се почитуваат мерките и да се празнува одговорно.

-Граѓаните да не го губат трпението зашто во пресрет на имунизацијата, одговорноста за контролата над вирусот е кај секој од нас. Да празнуваме одговорно, да бидеме во кругот на семејството и да избегнуваме собири, освен кога е неопходно, но со доследно почитување на обврската за одржување дистанца и носење заштитна маска, апелираа верските лидери.

Владата која им ги честита претстојните празници на граѓаните, потсетува дека од 18 декември до 20 јануари постои ограничување на работното време за угостителските објекти до 18:00 часот. Во сила е и забраната за организирање предновогодишни и новогодишни прослави на отворен и затворен простор за сите граѓани, за општините, работните организации, како и забрана за работа по 21:00 часот на рестораните во хотелските објекти.

Забрането е собирање во групи (групирање) на повеќе од четири лица на јавен простор, во паркови, на јавни површини или на некој друг отворен простор во текот на целиот ден.

Секој граѓанин, потенциараат од Владата, мора да носи заштитна опрема на лицето со која ќе бидат прекриени устата и носот при излегување надвор од својот дом, односно при движење на јавни места и површини од отворен и затворен тип: на пазари, во јавен превоз и при влез во затворени простори каде се собираат повеќе лица.

-Според препораките, апелираме да не се излегува од дома без некоја голема потреба по 18:00 часот за да се избегнат ризиците од формирањето групи на граѓани. Во домовите, по повод празниците и семејните прослави, да ги почитуваме и препораките кои налагаат во рамките на еден дом да нема присутни повеќе од четири лица како гости, истакнуват од Владата.

Прекршувањето на задолжителните мерки, правила, рестрикции и протоколи за спречување и заштита од коронавирусот, потенцираат, е казниво заради загрозување на животот и здравјето на граѓаните.

-Со своето одговорно однесување да покажеме почит и благодарност и кон претставниците на министерствата за здравство, внатрешни работи и одбрана, припадниците на Црвениот крст и Противпожарната бригада, како и кон медиумските работници кои се во првите борбени редови, велат од Владата.