Прашање кое ги засега многумина: Дали од понеделник ќе отворат угостителските објекти?


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Терминот за отворањ на угостителските објекти и почнување на градинките со работа зависи од препораките на здравствените власти.

Од нив се чека конкретна и конечна одлука како и од кога постепено треба да се враќаат на старо компаниите и субјектите кои беа затворени, а на работа треба да се врати и администрацијата. Угостителите велат дека не се запознаени што треба да прават, чекаат на официјални информации, а стравуваат дека новите обврски дополнителни ќе чинат пари, пренесува Слободна Европа.

Во понеделникот министерот за здравство Венко Филипче рече дека верува оти до крајот на неделава ќе бидат завршени сите протоколи врз кои ќе се олеснуваат мерките и дека тие ќе може да се пременуваат од почетокот на следната недела. Тој рече дека рестораните и кафичите за почеток ќе работат само надвор, со одржување дистанца. Угостителските објекти кои имаат тераси ќе може да отворат по повеќе од месец и половина откако беа затворени поради коронавирусот. Маси на растојание, келнери со заштитна опрема, а претходно задолжителна дезинфекција на целиот објект, се дел од мерките кои ќе треба да се почитуваат.

Повеќе од половина од угостителите се подготвени да почнат со работа со преполовен капацитет, односно со скратено работно време и ограничен простор, покажало истражувањето на Туристичко-угостителската комора.

„Од угостителите, 59 отсто одговориле потврдно дека се подготвени, додека 41 одговориле дека не се подготвени за делумно функционирање. На прашањето дали се информирани за безбедносните мерки кои треба да ги применат при почнување со работа, а поврзани со превенција на вработените и гостите од КОВИД-19, вкупно 78 отсто одговориле дека досега не добиле, односно немаат информации за посебни безбедносни мерки за работа, а 22 одговориле потврдно“, вели Мартин Ангеловски, потпретседател на Туристичко-угостителската комора.

И министерот за економија Крешник Бектеши вели дека не се знае дали од понеделник угостителските објекти ќе се отворат.

„Што се однесува до отворањето на кафулињата, рестораните, угостителскиот сектор во нашата држава, секако дека е формирана работна група, истовремено се консултираат и стопанските комори, особено коморите кои ги претставуваат угостителите и мислам дека за кратко Владата, по препорака на Комисијата за заразни болести ќе донесе одлука, во моментот не можеме да прејудицираме каква одлука ќе биде донесена од страна на владата и која би била препораката од Комисијата“, рече Бектеши.

Од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) велат дека пред отворање на рестораните треба да се спроведе целосната дезинфекција.

Што се однесува, пак, на отворањето на детските градинки, од Министерството за труд велат дека градинките ќе бидат отворени кога ќе биде безбедно, и дека приоритет е зачувување на здравјето на децата и на вработените во градинките. Во меѓувреме се работи на протокол со кој ќе се овозможи повторно отворање на градинките и нивно безбедно функционирање, одговори дополнителната заменик министерка, Санела Шкријељ. Доколку не се донесе одлука за скоро отворање на истите, ќе се продолжат мерките за оправдано отсуство од работа на еден од родителите кој ќе се грижи за децата.