Практични картонски и еколошки биоразградливи дронови за една употреба


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Во регионите во развој каде што недостатокот на патна инфраструктура влијае во испорачување на разни продукти, дроновите се од огромна помош. Но проблематичен е фактот што оние кои ги испраќаат дроновите, си ги сакаат назад – што често пати не се случува. За тие потреби, со помош на DARPA е развиен нов картонски дрон кој исчезнува и лесно се распаѓа откога ќе си ја заврши работата.

Уште во 2015 DARPA имаат развиено програма наречена ICARUS, чија намена е развивање на малечки летала за една употреба, способни за пренос на разни материјали до изолирани локации, кои би биле лансирани од поголеми летала, и по завршената работа би се самоуништувале. Во оваа програма е вклучена технологија од претходната наречена VAPR, која била развиена за создавање на самоуништувачка електроника како начин да се спречи користењето на воената опрема доколку падне во погрешни раце.

Со цел да ги „удоми“ достигнувањата од овие програми, DARPA го финансирала истражувачкиот тим од компанијата Otherlab да создаде најтехнолошки развиен „хартиен авион“ досега.

Наречени APSARA (воздушна платформа за поддршка на автономни акции), овие системи се картонски летала кои можат да бидат лансирани од авиони како товарниот C-1, и тоа стотици одеднаш. Можат да летаат до 88km пред да започнат да кружат за прецизно да слетаат и го испорачаат товарот. При тестирањата, тие биле испуштани од 300m височина и успевале да ги завршуваат мисиите.

По завршената мисија, дроновите би се биоразградиле за неколку дена, бидејќи се работи за уреди без мотори и ротори.

Товарот би можел да содржи крв, вакцини и останати медицински течности, а леталата би се користеле во зони погодени од некоја катастрофа, како и во воени сценарија. Сегашните модели можат да носат 1kg товар, но се верува дека тој би можел да се зголеми до 10kg. во иднина.