Актуелно

Поволни кредити и зголемен интерес за станови, градежништвото во подем

И покрај политичката криза, градежништвото во Македонија бележи подем. Останува двигател на економскиот раст и, според најновите проекции, очекува раст од 5,2 отсто. Посебно стабилна е состојбата во високоградбата и пазарот на недвижности. Компаниите нудат висок квалитет по светски стандарди, а банките исклучително поволни кредити поради што е зголемена и побарувачката на станови.

Како што беше истакнато по денешното отворање на 14. Саем за градежништво и недвижности кој нуди производи и услуги за работа, поповолни банкарски услови за кредити за станови и за деловни простори во последниве 15 до 20 години немало.

Во овој момент е најповолно да се инвестира во недвижност, во стан или деловен простор во Скопје, зашто се нудат висок квалитет на градба и најповолни банкарски кредити со камати од 2,9 до 4 проценти. Многу луѓе кои имаат скромни плати, сега се задолжуваат за следните 10 до 12 години да имаат свој дом, изјави сопственикот на Адора инженеринг Ванчо Чифлиганец.

Негова оценка е дека во однос на претходните пет до шест години, сега се гради поквалитетно, согласно стандардите за енергетска ефикасност и асеизмичност, но со македонски цени. Проектот „Купи куќа, купи стан, пак, укажа, беше многу успешен и треба да продолжи поинтензивно во наредниот период.

Според Фатмир Етеми од компанијата ЗСФ, која две децении се занимава со градежништво, побарувачка на станови има зашто луѓето повеќе сакаат да инвестираат во недвижен имот, отколку парите да ги чуваат во банките.

Во однос на лани, побарувачката на станови е зголемена, посебно овој месец. Луѓето се најзаинтересирани за станови од 50 квадрати. Цените на становите нема да паднат бидејќи нема многу фирми кои градат во Македонија, максимум се четири или пет, а потреба за станови секогаш има, нагласи Етеми.

И од Елена лука хоум потврдуваат дека цените на становите ќе останат исти, а побарувачката е зголемена.
Бараме од нашите архитекти да проектираат трособни станови од 50 до 60 квадрати кои ќе бидат многу функционлни и истворемено ќе го задоволат потребите и финансиските можности на граѓаните. Исто така бараме материјали кои ќе ни овоможат да се вклопиме во поволните цени зашто некако се стабилизиравме економски и гледаме дека таквите цени им одговараат на граѓаните. Практично градиме со европски квалитет и македонски цени, цени соодветни за овој пазар, напомена Елена Пандева од Елена лука хоум.

Во овој контекст, Шпаркасе банка промовира нова, ревидирана понуда за станбени кредити со фиксна камата пет години од кои првите три години 3,25 отсто, а вторите две 4,4 отсто.

Излегуваме со нова, ревидирана, атрактивна понуда за станбени кредити со фиксна камата пет години од кои првите три години 3,25 отсто, а вторите две 4,4 отсто. Се надеваме дека со оваа понуда ќе овозможиме поширок дел од граѓанството да стекне станови и да реши исклучително важно животно прашање. Ова воедно има и поширока општествна добивка, потенцира Викторија Јовановска од Шпаркасе банка.

Според неа, бројот на станбени кредити континуирано се зголемува, а доколку банките нудат поволни услови, таквиот тренд ќе продолжи.

На новинарски прашања, сопствениците на градежните компании оценија дека секторот оди во нагорна линија. Политичката криза, пак, се уште не влијае на деловната клима, но ако продолжи и не се реши во догледно време, последиците ќе бидат неизбежни.

Ако политичката криза продолжи, поволната деловна клима брзо ќе се наруши и бизнисот тоа ќе го почувствува директно или индиректно. Граджениот сектор во 2015 и 2016 учествуваше со 16 отсто во БДП. Приходите пред десет години беа 268 милиони евра, а во 2015 достигна 700 милиони евра. Тоа е невиден импут во вкупната македонска економија. Ако кризата се почувствува во недвижностите, во градежништвото, тоа ќе удри и по банкарскиот сектор, посочи Чифлиганец.

Пандева дополни дека и покрај состојбата во државата, економијата не застанува, а градежништвото е во подем зашто цените се стабилни.

За Етеми, секоја компанија што ќе се посвети на работа, нема многу да ја почувствува кризата.

Саемот за градежништво годинава првпат на едно место ги собра градежните фирми, градоначалниците, банките и државните институции.

Advertisements
To Top