Освен Спутник V, Русите развија уште две вакцини против КОВИД-19 – еве што се знае за нив


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


Освен Спутник V, Русите развија уште две вакцини против коронавирусот– ЕпиВакКорона и КовиВак. Но, за овие вакцини сѐ уште не е завршена третата фаза од клиничките студии. Очекувањата на научниците се големи., пренесува Дојче Веле.

Официјална Москва има намера до есеноска да го вакцинира поголемиот дел од населениет. Според плановите, Русија до мај би можела да произведе педесет милион домашни вакцини. Сите три вакцини веќе имаат одобрување за употреба пред да биде завршена третата фаза од клиничките студии во кои вакцината се испитува на десетици илјади доброволци. Така Спутник V во август минатата година беше првата одобрена вакцина во светот. Дури откако беше одобрена вакцината била испитана и тестирана на 40.000 луѓе.

Пред корона-пандемијата, вакцините или лековите се пуштале во употреба дури по завршување на третата клиничка фаза од студиите и откако независни експерти ќе ги анализираат резултатите. За време на оваа пандемија, многумина се одлучија за паралелно спроведување на втората и третата фаза со цел да го забрзаат процесот. По третата следи и четврта фаза: подолг период се следат ефектите од вакцината кај општата популација.

Во Русија исто како Спутник V, пред да биде завршена третата фаза се одобрени и вакцините ЕпиВакКорона (во октомври) КовиВак (во февруари). Судејќи според сѐ, ќе има уште вакцини на пазарот. Според извештаите, вакцината наречена Мир-19 веќе ја помина првата фаза од испитувањата.

ЕпиВакКорона

Оваа вакцина се базира на хемиски синтетизиран антиген, што значи дека не содржи жив вирус. Антиген е супстанца која го поттикнува организмот да произведе антитела. Според одредени извори, оваа руска вакцина би требало најрано во мај да ја заврши третата фаза од клиничката студија. Според државната новинска агенција, оваа вакцина е одобрена во Русија каде веќе ја примиле дури 45.000 лица, како и во Туркменистан.

Пред неколку дена Светската здравствена организација соопшти дека се уште чека рускиот државен институт Вектор, кој ја создаде ЕпиВакКорона, да им ги испрати документите за да може експертите од СЗО да ја оценат вакцината.

Оваа вакцина инаку се чува во обични ладилници. Руските власти тврдат дека во првите испитувања таа покажала стопроцентна ефикасност.

КовиВак

Оваа вакцина ја разви Центарот „Чумаков“, огранок на руската Академија на науки. Но, вакцината не се споменува во СЗО, ниту на clinicaltrials.gov, официјалниот американски портал кој ги следи сите клинички испитувања во светот.

Дополнителна забуна може да произлезе и од фактот што американските експерти од Кодегеникс работат на вакцина со речиси исто име Кови – Вак (иако името на руската вакцина се пишува споено).

Според достапните информации, рускиот КовиВак се базира на стандардна технологија – неактивен вирус кој не може да го зарази пациентот, но може да поттикне создавање на антитела. Руските научници се надеваат дека оваа техника ќе се покаже ефикасна против сите мутации.

Руската новинска агенција Тас пренесува дека КовиВак може да биде поволна особено за постарите и хронично болни бидејќи наводно утврдените нуспојави се поблаги отколку кај другите вакцини.

Во центарот „Чумаков“ се вели дека вакцината може да се складира на температура од два до осум степени, што значи во обичен фрижидер.

Споредба со Спутник V

Првата руска вакцина против корона се базира на сосем друг начин – тоа е таканаречена векторска вакцина. Векторите се вируси изманипулирани на таков начин да не може да се умножуваат, ниту да го заразат телото, но може да поттикнат имунолошки одговор. Во двете дози на Спутник V се користат различни вектори кои, како што велат научниците, може да ја направи оваа вакцина многу ефикасна на долг рок.

Од одобрувањето, Спутник V веќе помина низ најмалку шест големи клинички испитувања во Русија, Индија, Венецуела, Белорусија и Обединетите Арапски Емирати. Вакцината има одобрување во повеќе од четириесет земји. Во ЕУ е одобрена само во Унгарија. Се вели дека ефикасноста на Спутник V е над 90%.