Како е да се биде професионален Counter-Strike играч! ↓↓↓
Автобусот кој утрово целосно изгоре на автопатот „Струма“ во Бугарија, при што загинаа 45 лица меѓу кои и 12 деца, немал лиценца за меѓународен транспорт на патници и воопшто не бил заведен во електронската евиденција на министерството за транспорт и врски. Колку време „Беса транс“ превезувала патници во странство со овој автобус и како тој воопшто ја минувал границата без соодветна документација, надлежните допрва ќе утврдуваат.
Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски соопшти дека „Беса транс“ имала лиценца за меѓународен слободен превоз на патници од 2018 година и која била важечка до 2022 година а биле пријавени четири автобуси со лиценци, но не и возилото во кое изгореа 45 патници.
Затоа е почната постапка за одземање на лиценцата за работа на „Беса транс“ а Владата му наложи на Државниот инспекторат за транспорт да изврши вонреден надзор во фирмата.
„Автобусот не е пријавен од превозникот дека ќе врши меѓународен транспорт и затоа го нема во базата на податоци на министерството за транспорт и врски. „Беса транс“ е должен во рок од 15 дена да пријави или одјави возач или возило, односно секоја промена но тоа не е сторено. Точно е дека вршел меѓународен превоз без лиценца за тоа возило и министерството за транспорт и врски почна постапка за одземање на лиценца за работа на превозникот“, изјави министерот Бочварски.
Покрај Државниот инспекторат, одговори ќе се бараат и во Царината како овој автобус сообраќаел без лиценца, како минувал граница без документи и како никој во инспекторатот не проверил дека нешто вакво се случува.
„Контрола врши Државниот инспекторат за транспорт. Може да биде контролирана и на граничните премини. Сега немаме информација дали и колку пати ова со возило се вршел меѓународен транспорт на патници. Ќе треба да побараме информација и од Царинската управа. Но точно е, овој автобус не можел да ја напушти границата и да превезува патници во странство без оваа лиценца“, рече Бочварски.
На прес конференцијата која предмалку се одржа во Владата, првиот човек на полицијата, Оливер Спасовски, информираше дека тимови на сообраќајната и крим полицијата се веќе во Бугарија но истрагата ќе ја води бугарската полиција и Обвинителство.
Тој потврди дека автобусот бил на технички преглед на 5 октомври.
„Очекувам брза и сеопфатна реакција на надлежните служби и верувам дека со заедничка соработка ќе имаме многу брзо одговор и утврдување на одговорност. Она што можам да кажам е дека последна техничка проверка на автобусот е на 5 октомври 2021 година“, рече министерот Спасовски.
Тој додаде дека транспортот на телата на настраданите ќе го организира и финанскиски ќе го покрие државата.
Обдукцијата и идентификацијат на телата на жртвите се очекува да почне ноќеска или најдоцна утре, бидејќи до доцна попладнето тие сеуште се извлекуваа од изгорениот автобус а според изјавите на надлежните тие се изгорени до непрепознатливост.
Затоа откако беше објавен списокот на патници, роднини на патниците беа повикани во Институтот за судска медицина за да дадат биолошки материјал неопходен за ДНК идентификација на жртвите во Софија.
Тим на судските вештаци замина за Софија за да ги достави ДНК материјалите на роднините но и за според протоколите да присуствува на обдукцијата, но не биле примени од нивните колеги. МНР мораше да реагира со писмена нота а шефот на дипломатијата, министерот Бујар Османи, се надева дека проблемот ќе биде надминат.
„Да, ме информираше министерот Филипче. Веднаш го контактирав мојот колега, кој ми рече да испратиме нота до бугарското МНР за да се вклучат наши експерти. Тоа го сторивме, упативме писмена нота до бугарското Обвинителство во која бараметројца експерти од Судска медицина од Скопје да учествуваат во обдуцијата. Очекувам дека утре тоа ќе биде одобрено и тие ќе учествуваат во процесот“, рече Османи.
А здравствената состојба на седуммината преживеани е стабилна. Пред болницата „Пирогов“ во Софија се наоѓаат десетици роднини на преживеаните но и на настраданите кои очекуваат било какви информации.
Бугарските истражители но и тимовите на обвинители од Македонија разговарале со двајца од преживеаните. Останатите биле во шок и не можеле да зборуваат.
Српскиот државјанин кој ја загуби вереницата од Куманово во трагедијата е човекој кој го скршил прозорецот и успеал да се спаси себе но и уште шестмина од автобусот кој горел. Тој изјавил дека бил буден во моментот на трагедијата и на истражителите им кажал дека прво се слушнал удар во банкината, па потоа експлозија, најверојатно од гумата, по што пожарот започнал брзо да се шири од предниот дел.
Трагедијата се случи утрово околу 3 часот кај селото Бошнек на автопатот Струма меѓу Перник и Дупница, на 31 километар југозападно од Софија а во не ансатрадаа 45 лица, 12 се деца помлади од 18 години а меѓу нив има и двајца близнаци.
Извор: Глас на Америка