Од просечен англиски напаѓач, до еден од најдобрите на светот – фудбалското патешествие на Хари Кејн


Уствари викендов е затишје пред бура! ↓↓↓


„Не е лесно да го замените Игуаин, но ако ме прашате мене, јас би го избрал играчот на Тотенхем, Хари Кејн. Не знам колку чини, но би го довел“, им порача Диего Армандо Марадона на неполците во едно вкучување во живо во емисија преку видео линк, пишува Спортски.мк.

Кога со својата игра ќе го импресионирате еден Марадона и ќе го натерата да ве препорача на својот оимлен клуб, тогаш недвосмислено сте го достигнале нивото на голем и светски играч. А Хари Кејн е токму таков. И прашање е колку уште допрва ќе напредува и каде ќе бидат неговите фудбалски граници.

Неговото шоу против Борусија Дортмунд на Вембли, неговите два погодоци, посебно оној првиот, каде покажа колку комплетен напаѓач е тој, покрај сето она кое претходно го има покажано и докажано во неговата кариера, е уште еден доказ дека станува збор за фудбалски талент кој после Алан Ширер и Вејн Руни, сигурно ќе го предводи нападот на англиската репрезентација. И можеби и ќе ги надмине и двете споменати легенди до англискиот дрес.

Интересен е податокот дека Кејн всушност својата фудбалска кариера ја започнал како голман во Риџвеј Роверс, но тоа не траело долго, иако се покажал како добро решение меѓу стативите. Денес, според мислење на многумина, Хари е еден од најдобрите напаѓачи на светот, но неговиот пат до врвот беше исклучително тежок, бидејќи тој не спаѓаше во онаа група на среќни момци на кои големата кариера им беше прогнозирана уште во тинејџерските години.

Од 13 години бил свесен за своите недостатоци и ги поправал

„Би сакал да речам дека беше дечко со златен медал во групата и дека први забележавме оти е фантастичен играч, но би излагал. Тој веројатно не беше ни на подиумот“, сликовито опишува Алекс Инглторп, бившиот тренер на младинците на Тотенхем, кој со Кејн работел додека овој имал 13 години.

Можеби Хари не бил голем талент, но според зборовите од Инглторп „сам себеси си бил најдобар тренер“. Без оглед на фактот што бил толку млад, бил свесен за своите недостатоци. Постојано размислувал за тоа што треба да поправи во својата игра.

„Тој 13-годишен дечко, кој немаше сè, самиот себеси се научи многу работи во тие пет години кои следеа. Беше свесен што му недостасува и доста свесен што би можело да го запре во градење успешна фудбалска кариера, па беше одлучен да ги поправи тие недостатоци. Во своите мисли знаеше како да стане успешен. Беше комплициран за тренерите, бидејќи постојано бараше да работи дополнително и повеќе. Постојано велеше ајде уште пет пати или само уште неколку завршници. Мојата работа беше лесна, да му ја донесам топката назад и тој повторно да почне“, опишува Инглторп.

Тешко е да се каже каде точно во него се „роди“ таа негова волја. Ако ги занемариме шансите дека едноставно бил роден со таква волја, тогаш пресвртницата можеме да ја најдеме во одбивањата и отфрлањата кои ги имал во раната фаза од кариерата. Со осум навршени години стигнал во Арсенал, но година-две подоцна му била покажана излезната врата. Го одбиле и во Ватфорд, така што како 11-годишно момче стигнува во Тотенхем, каде давал сè од себе да покаже дека вреди, за оние кои му порачаа дека „не е доволно добар“ еден ден да зажалат и да се покајат.

Патување во други клубови

Тотенхем со Кејн потпиша професионален договор летото 2010 година, откако тој изигра брилијантен фудбал во У18 тимот, но од јануари 2011 година до мај 2013 година беше праќан на позајмици и повремено беше користен во првиот тим. Првин, како 18-годишен фудбалер, се проба во тимот Лејтон Ориент во Лига 1 (трета фудбалска лига во Англија), за кој постигна пет гола на 18 натпревари.

Потоа, летото 2011 година, конечно дебитираше за Тотенхем во плејофот за Европската лига. Петлите на првиот меч на гости славеа со 5:0, така што реваншот беше само рутина. Сепак, голови немаше, а натпреварот го одбележа еден пенал кој го обезбеди Кејн. И го промаши. Тоа беше еден од вкупно шесте натпревари, сите шест во Европската лига, кои таа сезона Хари ќе ги одигра за Тотенхем. Всушност, еден од шесте кои ќе ги одигра во полусезоната, бидејќи во јануари 2012 година е пратен на позајмица во Милвол.

Се надеваше дека следната 2012/2013 годишна сезона Тотенхем ќе му даде повеќе шанси, дека конечно ќе дебитира во Премиешипот. И дебитираше. Но одигра само пет минути против Њукасл, во август 2012 година. Всушност, тоа беа единствените пет минути кои ги доби во цела сезона во дресот на Тотенхем.

Не долго после тоа деби беше испратен во Норич, каде го повреди стапалото и настапи на само пет натпревари до крајот на јануари, 2013 година. Ниту во еден од тие пет натпревари не постигна гол, а Норич славеше само еднаш – против нисколигашот Донкастер, во третата рунда од EFL купот.

Тотенхем во февруари, 2013 година, го врати од позајмица и му врати надеж дека сепак ќе добие шанса, но набрзо Кејн сфати дека од шансата во дресот на Петлите за таа сезина нема да има ништо, бидејќи овој пат беше пратен на позајмица во Лестер Сити. Лестер кој се бореше за влез во Премиешипот.

Броење на поразите

Лисиците во моментот кога стигна Кејн беа петтиот клуб на табелата со 17 победи во 33 одиграни натпревари. На 15 кола до крајот на сезоната во кои Кејн запиша 11 настапи – само пет како стартер – Лестер запиша само три победи, шест ремизирања и шест порази. Сепак, успеа како осмопласиран да влези во плејоф фазата за влез во Премиершип. Таму го дочека Ватфорд и онаа епска завршница кога Ентони Нокерт во судиското продолжение промаши пенал за 2:2 и одење понатаму за Лестер, а Трој Динеј во контранапад постигна гол за Ватфорд и 3:1 со што влезе во финалето од плејофот во кое славеше Кристал Палас.

Кејн на тој натпревар на теренот влезе во 61-та минута. Четири минути подоцна Ватфорд постигна гол за 2:1, а потоа следеше претходно опишаното сценарио.

Така изгледаше тинејџерскиот фудбалски живот на Хари Кејн – шетање по позајмици, промашен пенал во дебито за Тотенхем и неостварени желби на Вајт Харт Лејн, тешки порази, влегувања од клупа. И самиот тој почна да се сомнева во својот пат и фудбалска иднина.

„Тоа беше најниската точка. Имав 19 години, живеев далеку од дома и не играв. Секогаш го имаш тој сомнеж. Ако не играш во тие клубови, како тогаш мислиш да заиграш за Тотенхем? Тоа беше тежок, но и важен дел од мојата кариера. Да го немав тоа искуство во Норич и Лестер, можеби ќе посакав да го напуштам Тотенхем. Но, тогаш научив како да се носам со фрустрациите“, открива Хари во разговор за Daily Mail.

Оваа поука која Кејн ја извлече од сите потешкотии го научи дек амора да биде трпелив и истраен. Бидејќи, како што и самиот вели, подоцна тешко би го поднел седењето на клупата, бидејќи во идната 2013/2014 сезона запиша само шест настапи за Тотенхем до јануари 2014 година, при што само два пати беше стартер. Во сето тоа претрпе и повреда на грбот. Но, затоа во последните шест лигашки кола во таа сезона, дури пет пати беше стартер при што постигна три гола и запиша две асистенции.

Секој пат тренира како да го живее последниот ден од животот

Како награда за сиот тој труд и трпение, следеше сезоната 2014/2015. Во неа постигна 31 гол во 51 настап во дресот на Тотенхем во рамки на сите натпреварувања, а на Вајт Харт Лејн одигра симултанка против Челзи кој таа сезона рутински ја освои титулата. Кејн на тој Челзи му закачи два гола и запиша две асистенции, а Петлите славеа со резултат од 5:3. Тоа беше навестување за сјајната кариера која доправа му претстои на Хари Кејн.

„Да, Кејн беше во Тотенхем додека и јас играв“, со насмевка за Sky Sport изјави Лука Модриќ, кој за Петлите играше од 2008 до 2012 година, додавајќи: „Само тренираше со нас. Тогаш беше помал дечко, а сега е голем и докажа дека може многу. Неверојатен играч е. Тогаш не очекував дека ќе стане она што е денес, но тоа што го гледав беше екстремна работна навика. Тренираше како луд, како што тоа го прави и денес. Имаше квалитети и со таа работна навика го постигна тоа што самиот тој е денес“.

А Кејн денес има феноменална статистика. Во 170 натпревари за Тотенхем постигна 103 гола. Во последните 22 натпревари за клубот и репрезентацијата постигна 30 гола. Две сезони по ред ја освојува титулата најдобар стрелец во Премиершипот. Заедно со Руд ван Нистелрој, Тиери Анри и Алан Ширер, тој е единствениот фудбалер во историјата на Премиершипот кој во три сезони една по друга постигнал минимум 20 гола.

И како шлаг на сите тие бројки – во јули го прослави само 24-от роденден

Ако се прашувате како играч кој до 21 година настапувал за Милвол и Лејтон Ориент, каде главно бил стартер, а потоа за Тотенхем, Лестер и Норич, каде главно бил резерва, постигнал 21 гол во 91 натпревар и успеал во наредните 144 натпревари за Тотенхем да постигне 98 гола и да стане еден од најдобрите напаѓачи на светот, одговорот можете да го побарате кај еден од неговите поранешни тренери, Тим Шервуд.

„Хари тренираше како секој ден да му е последен на овој свет“, изјави Шервуд.

1 COMMENT

Comments are closed.