Од продавач на фалсификат чанти на улица во Атина, до кошаркар со највреден договор во историјата на НБА


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


НБА ѕвездата Јанис Антетокунмпо го потпиша продолжувањето на договорот со Милвоки Бакс за пет години. Според овој договор, тој ќе заработи 228,2 милиони долари, што претставува највреден договор во историјата на НБА.

Тој неодамна наполнил 26 години и е двоен МВП во НБА лигата и има огромен договор со Најк. А пред помалку од десет години, тој продавал фалсификувани чанти на улиците во Атина и делел исти патики со своите браќа затоа што немале доволно пари за секој од петмината да има свој пар.

Американските медиуми биле убедени дека, како и многу американски sвезди, тој сака да оди во поголем град, поголем пазар како Калифорнија. Но, по ваквото детство, непривлечниот Милвоки му била како ветена земја.

Неговото патување потсетува на образец за една од приказните на Дизни, забележува шпанска Марка. Сè започнало во Нигерија, од каде неговите родители Чарлс и Вероника емигрирале во Атина. Тие пристигнале во Грција без документи, работејќи прекувремено за да можат да ги прехранат децата, кои и самите започнале да работат кога ќе можеле.

Така, Јанис и браќата продавале фалсификувани чанти и чаши по улиците на Атина за да заработат пари за храна и, по можност, за обувки.

“Беше тешко, но не беше страшно. Требаше да работиме за да имаме храна”, рече еднаш Јанис.

„Не би го сменил тој дел од мојот живот затоа што тој ме претвори во ова што сум денес.

Двајцата негови браќа се денес во НБА, иако не со приближен статус. Во својата младост, покрај љубовта кон кошарката, тој споделувал и патики со нив, а денес е заштитно лице на спортскиот гигант Најк.

Во кошаркарска смисла, за него едвај да слушале во Европа кога веќе се приближувал на НБА-драфтот во 2013 година. Играл во втората грчка лига и импресионирал со неверојатната должина на екстремитетите и физичките предиспозиции многу повеќе од неговата вештина. Тој бил забележан од спортскиот директор на Сарагоса , кој сакал да го земе, но на Јанис, во последен момент, со посредство на претседателот на Торонто Репторс, Масаи Ујири, му биле дадени грчки документи што му дозволувале да замине во Америка.

Тој бил избран од Милвоки Бакс на 15-ти, а најпрво ја испратил скоро целата своја плата на своето семејство, па дури немал пари за такси и трчал од станот до теретаната секој ден, сè додека седум месеци подоцна постар соиграч не му понудил да го вози.

По седум години напорна работа, тој обезбедил 228,2 милиони долари, повеќе од кој било кошаркар во историјата со само еден договор.