Обвинителството ја прифати милионската сума како гаранција за излегување на Мијалков од притвор


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Притворениот бивш шеф на УБК, Сашо Мијалков, понуди безмалку 11 милиони евра во Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал. Ова е прва толку голема сума што е понудена до сега во Обвинителството како гаранција дека ако обвинет излезе од притвор, нема да бега. Пред неколку дена првичните неофицијални информации беа дека ексшефот на УБК нуди 7 милиони евра, но гаранцијата што е дадена во ОЈО ГОК за мислење е многу поголема. ОЈО ГОК ја прифати оваа гаранција, пренесува Мкд.мк.

„Обвинителството ценејќи ги околностите и имајќи ги предвид наводите во предлогот и дополненијата за укинување на мерката притвор и нејзина замена со мерка гаранција, ценеше дека висината на понудената гаранција во доставените предлози во вкупен износ од 10.871.170,00 евра е прифатлива за обвинителството за обезбедување на присуство на обвинетиот до правосилноста на пресудата“, ни одговорија од Обвинителството.

Кривичниот совет при Основниот суд во Скопје треба да донесе одлука дали ќе дозволи Мијалков да излезе од притвор и да се брани од слобода.

Ако излезе да се брани од слобода, а потоа побегне, односно не го почитува решението, се што му е понудено како гаранција го губи и останува во сопственот на државата.

Мијалков во моментов има вкупна затворска казна од 20 години за два предмети, но ниту едната, ниту другата не се на сила.

Поранешниот прв човек на УБК, е во Истражниот затвор во Шутка каде ја издржува мерката притвор која што му е определена по изречените пресуди, прво за „Тврдина-Таргет”, па потоа и за „Трезор”.

Ако гаранцијата биде прифатена, тоа значи дека Мијалков ќе излезе од притвор и ќе биде на слобода до правосилност на одлуките.

Сашо Мијалков во февруари годинава доби 12 години затвор во случајот „Таргет-Тврдина”, ( 5 години се за злосторничко здружување, 5 за злоупотреба на службената положба и овластување и 3 за примање награда за противзаконито влијание).

За случајот „Трезор” во април, годинава Мијалков доби затворска казна од 8 години за злоупотреба на службената положба и овластување.

И двете пресуди со кои поранешниот шеф на УБК треба да одлежи казна затвор во траење од 20 години не се правосилни. За овие одлуки на првостепениот суд се чека примерок во писмена форма. По добивањето на хартиена форма на пресудите, странките во постапката во рок од 15 дена можат да поднесат жалба до Апелацискиот суд во Скопје.

Овие две пресуди со кои Мијалков доби 20 години затвор се неправосилни, односно за нив течат роковите за жалби.

За пресудата за случајот „Титаник 2″ која всушност беше и прва пресуда од предметите на СЈО отворени против Мијалков, поминаа роковите за жалби и овој предмет повторно се врати во Основниот суд Скопје 1. Оваа пресуда Мијалков ја доби на 8 март, 2019 година, а со неа доби казна затвор од 3 години. Но, второстепените судии одлучија дека оваа постапка треба да почне одново.

Апелациониот суд констатирал дека првостепениот суд при постапувањето по овој предмет сторил бројни суштествени повреди на постапката од апсолутен карактер, поради кои одлуката е во целост незаконита и неправилна.

Во таа насока, Апелациониот суд констатирал дека утврдените факти што го чинат законското обележје на кривичните дела што им се ставаат на товар на обвинетите во целост противречат на содржината на изведените докази, а воедно првостепениот суд неосновано се впуштил и утврдувал факти за постоење на кривична одговорност за лица кои немаат својство на обвинети во конкретната постапка.

Пред пресуда е и случајот „Тортура” во кој обвинет е и Мијалков и овој предмет е во фаза на завршни зборови, односно се ближи кон пресуда.

Пред неколку дена против Мијалков е поднесено ново обвинение, овој пат за плацевите на Водно каде е обвинет за перење пари.

Основното јавно обвинителство за гонење на организаран криминал и корупција, освен против Мијалков, обвинениет поднесе и против поранешниот премиер, Никола Груевски, неговиот кум, Ристо Новачевски, бизнисмените Ненад Јосифовиќ и Јордан Камчев и Ратка Камчева.