Нов полициски час за продолжениот викенд: Во некои општини целодневен, во некои скратен


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Како реакција на драстично зголемениот број на новозаразени од коронавирусот во еден ден, почнувајќи од денешниот ден, вечер, во 21 часот до 5 часот во понеделник наутро се воведува полициски час во сите скопски општини, Куманово, Општина Липково, Штип, Тетово, како и во општините Боговиње, Брвеница, Теарце, Желино, Карбинци и Јегуновце, одлучи владата на вчерашната седница, а соопшти министерот за здравство Венко Филипче.

Во сите останати градови, полициски час денес ќе почне во 21 часот и ќе трае до петок во 5 часот наутро, додека во останатите денови ќе почнува од 16 часот до 5 часот наутро. Се забранува и посета на гробишта во цела Македонија, освен за погреби. Во петок и во сабота е Задушница, кога православните верници ги посетуваат гробовите на своите најблиски и раздаваат храна за душа на покојните.

Петок се прогласува за неработен ден за сите граѓани.

Министерот Филипче рече дека земјоделците ќе може да се движат само за извршување на работните задачи, а аптеките ќе работат непречено. За претстојниот карантин ќе важат дозволите за движење претходно издадени.

Од вторникот до средата, во тоа деноноќие, беа направени 974 тестирања, а регистрирани се 101 нови случаи на ковид-19. Новозаразени по градови се регистрирани во Скопје 59, Куманово 12, Штип 7, Прилеп 1, Тетово 5, Струга 6, Велес 1, Охрид 1, Кавадарци 1, Гостивар 3, Кочани 3 и во Пробиштип 2.

Се надевам дека, конечно, и на последните скептици ќе им стане јасно дека вирусот не е шега. Вирусот нема да замине додека сите не прифатиме дека претставува закана за секој што не ги почитува мерките за заштита од него, изјави министерот за здравство, Венко Филипче.

Тој рече дека новиот бран е директна последица на непочитување на јасно пропишаните мерки, но и на задоцнетата или слаба активност за казнување од страна на надлежното министерство.

Според Филипче, анализите покажуваат дека во овој момент има неколку локации во земјата каде што има брзо ширење на вирусот и кластери што се настанати најчесто како резултат на непочитувањето на пропишаните мерки.

„Групирање на граѓаните на семејни собири и прослави, неносење заштитна опрема, непочитување на мерките од страна на компании за превоз и организација на работата и други слични прекршувања се главните причини за брзиот раст на новозаболени во Скопје, Кумановско-липковскиот Регион, Тетово со околните општини, Штип и околината. Добро е што во преостанатиот дел од земјата состојбата е стабилна со спорадични случаи. Ова е само потврда дека стратегијата дала резултат онаму каде што се почитувале мерките“, изјави министерот Филипче.

Тој рече дека заради спречување дополнително ширење на вирусот во критичните региони, но, пред сè, заради спречување евентуално ширење на вирусот надвор од овие региони, Владата донесе одлука за враќање на полицискиот час и рестрикциите на движењето.