Независен: Дали Камчев ќе си ја купи слободата со пари?


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


Орце Камчев, бизнисменот кој реномираниот економски магазин „Форбс“ го прогласи за најбогат Македонец, кој купи болница, земјоделски комбинат и млекарница за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, сега во истражниот затвор во Шутка сигурно размислува како да си ја купи слободата, пишува весникот Независен.

Неговиот адвокат Антонио Апостолски во саботата поднел жалба на одлуката што ја донесе судијата на претходна постапка, Весна Димишкова, која на Камчев во петокот неколку часа по полноќ му одреди триесетдневен притвор.

Во жалбата што ја поднел адвокатот се оспоруваат двете основи врз кои му е одреден притворот, односно опасноста од бегство и влијанието на сведоци. Во жалбата адвокатот не понудил гаранција во пари или имот, но сепак не исклучува дека во иднина ќе поднесе гаранција со која практично Камчев би си ја купил слободата со пари.

Камчев како гаранција дека нема да бега го понудил пасошот и навел дека е фамилијарен човек. Аргументите дека нема да влијае врз сведоци се дека делото за кое се товари се случило од 2002 до 2013 година, односно пред 16 години. Последното кривично дело за кое се товари се случило пред пет години и според жалбата Камчев имал доволно време ако сака да ја уништи документацијата. Уште еден аргумент на одбраната е и тоа дека доказите во овој предмет се темелат токму на документација, која или постои или не постои, и практично не може да се врши влијание врз такво нешто.

Законски, Камчев има можност да бара ослободување од притвор со гаранција бидејќи неговиот притвор е определен врз две основи, можност за бегство и влијание на сведоци, а третиот основ, повторување на делото е изоставен.

Неизвесно е дали неговата гаранција ќе биде прифатена ако ја понуди бидејќи има повеќе основи за притвор, а не само опасноста од бегство.

Жалбите на одбраната вчера стигнаа во судот, веднаш се испратени на одговор кај надлежното обвинителство, а по добиениот одговор ќе одлучува Кривичниот совет. Адвокатот на Камчев побарал од судот да присуствува на јавната седница, при што судот има можност да го прифати неговото барање, но не е обврзан да му дозволи на адвокатот да присуствува на седницата.

Во петокот рано наутро Специјалното јавно обвинителство почна да ги претресува домот и фирмите на бизнисменот и доцна попладне тој беше спроведен на распит кај судија на претходна постапка, а доцна вечерта беше однесен во притвор. Сепак, тој не дозволи новинарите да го видат ниту кога влегуваше во суд, ниту во затворот во Шутка. Освен Камчев, во притвор завршија и Цветан Панделески, директор на ЗК „Пелагонија“ и таткото на директорот на „Пелистерка“, Дејан Панделески, Зорица Арсовска, сметководител во фирмите на Мијалков, Ненад Јосифовиќ, близок соработник на Камчев и Тодор Мирчевски, директор на контроверзната офшор-компанија „Ексико“.

Освен петтемина кои завршија во притвор во истрагата под кодно име „Империја“ осомничени се вкупно 13 лица, меѓу кои мајката и сестрата на Камчев, Ратка Куноска Камчева, Христина Камчева Стојческа, поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, Лилјана Гајдовска, Владислав Стајковиќ, Дејан Јанев, Ванче Мијалчев и Јованче Тасковски.

Целата вест прочитајте ја на Независен.мк