Научникот кој тврди дека генетски модифицирал бебиња отпорни на ХИВ ставен под истрага


Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


Откако низ светската јавност се рашири веста дека кинескиот научник Хе Џианку прв пат во историјата на човештвото генетски модифицирал бебиња кои се отпорни на ХИВ вирусот со кој биле заразени нивните татковци, ова негово научно достигнување на големо ја разбранува научната фела, а Хе се најде под истрага за истото.

Хе, кој студирал на престижниот американски универзитет Стенфорд, а работи на Универзитетот за наука и технологија во Шенжен, објасни дека се одлучил на зафатот затоа што ХИВ е голем проблем во Кина. Експериментот со техниката на едитирање гени наречена КРИСПР на крајот „резултирал“ со две здрави бебиња, и тоа сестри близначки.

„Двете прекрасни мали кинески девојчиња Лула и Нана дојдоа плачејќи на овој свет, здрави како и секое друго бебе, пред неколку недели. Бебињата се сега дома, со нивните мајка Грејс и татко Марк“, кажа Хе во видеото што го објави на Јутјуб. Објасни дека мајката забременила со вештачко оплодување (ИВФ), но дека покрај тоа била извршена „генетска операција“ со која бил отстранет „преминот низ кој влегува ХИВ за да ги инфицира луѓето“.

Но, неговото научно достигнување предизвика бројни критики на Западот.

„Ако е вистина ова за што се известува, тогаш ова е екстремно преранет и спорен експеримент во креирање генетски модифицирани деца“, смета Џефри Кан, биоетичар од Институтот по биоетика Хопкинс Берман кој, како и Хе, бил на Меѓународниот самит за едитирање гени во Хонг Конг.

А, освен критиките, почнаа и истрагите за целиот случај, барем академски. Како што јавува Асошиејтед прес, Хе сега е под истрага на својот локален одбор за медицинска етика со која ќе се утврди дали тој со својот експеримент ги прекршил законите или регулативите.

Универзитетот во Шенжен изјави дека неговите вработени се „длабоко шокирани“ од експериментот, но истакна и дека тој бил направен на друго место и дека Хе е на неплатено отсуство.

Тоа не е единствената истрага – и универзитетот Рајс во САД соопшти дека истражува свој професор по физика и биоинженеринг кој за АП призна дека му помогнал на кинескот доктор во создавањето на првите генетски модифицирани бебиња.

Професорот Мајкл В. Дим изјавил за АП дека бил во Кина кога учесниците на истражувањето ја дале согласноста на неговиот соработник Хе, на кој му бил советник. Универзитетот Рајс предупреди дека истражувањето со генетски модифицирани бебиња отвора „загрижувачки научни, правни и етички прашања“. Портпаролот на универзитетот во пишана изјава кажа дека Рајс не знаел ништо за проектот и дека ќе ја истражи вмешаноста на Дим.

„Колку што знае Универзитетот Рајс, ништо од кличничкиот процес не е објавено во САД. Без оглед каде е спроведен, овој експеримент, како што е опишан во извештаите на медиумите, ги крши правилата на научната професионална етика и не е во согласност со етичките норми на научната заедница на Универзитетот Рајс“.

Кинеските закони засега сѐ уште не дозволуваат генско модифицирање на деца, иако се предвидува дека постоечките ограничувања во иднина би можеле да се олабават. Научните власти и членовите на етичката комисија на таа земја отворија истрага за целиот случај. Изразија „голема загриженост“ околу веста и им наредија на покраинските власти „веднаш да спроведат истрага и да го разјаснат целиот случај“.

Најголемата етичка дилема поврзана со генетскиот инженеринг на луѓето, односно едитирањето на човечката ДНК, е тоа што изменетата ДНК би можела да воведе нови болести или нарушувања кои ќе бидат наследени со генераци потоа. Втората причина е што оваа метода може да доведе до таканаречени „дизајнерски бебиња“, односно деца кои генетски се модифицираат не од медицински, туку од естетски или слични причини – за да бидат повисоки, поубави, посилни или попаметни.