На тлото од Сибир измерени загрижувачки 48 степени Целзиусови


Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


Два европски сателити на 20 јуни во областа на арктички Сибир измериле температура од 118 Фаренхајти, односно 47,7 Целзиусови степени. Станува збор за температура на тлото така што не станува збор за температурен рекорд. Температурата на воздухот во таа област тогаш изнесувала околу 30 Целзиусови степени.

И покрај тоа, сепак е многу необично висока температура за Арктичкиот круг и ваквите жештини би можеле да го забрзаат понатамошното топење на вечниот мраз и да ги забрзаат климатските промени. Имено, вечниот мраз спречува древните резервоари на гасови со ефект на стаклена градина да се вратат во Земјината атмосфера, пишува Лајв сајенс.

ЕУ сателитите Коперник сентинал 3А и 3Б ги забележале овие високи температури за време на топлотниот бран кој го погоди речиси целиот Сибир. Овие жештини укажуваат на можност од жежок почеток на летото, по пролетта кога во Сибир беа забележани стотици шумски пожари.

Многу од овие пролетни пожари беа таканаречени „зомби пожари“ бидејќи всушност станувало збор за повторно почнати шумски пожари кои гореле минатото лето и кои никогаш не биле целосно изгасени. Зомби пожарите со месеци тлееле под зимскиот мраз и снегот, хранејќи се со тресет богат со јаглерод кој се наоѓал по ледената површина. Кога снегот се топи на пролет, пожарите повторно се разгоруваат.

Пред една година, на 20 јуни 2020, во истата област во Сибир беше забележана рекордна температура на воздухот за тој период – 38 Целзиусови степени. Веќе со години просечните температури на Арктикот растат побрзо отколку каде било во светот, а најголема причина за тоа е топењето на морскиот мраз поради глобалното затоплување.