Актуелно

На Бајден „му одат воените повлекувања“

Одлуката на претседателот на САД Џо Бајден да ја повлече војската сега не ја критикуваат само републиканците, туку и досегашните сојузници како секогаш верниот Си-ен-ен. Додека Америка со неверување гледа како група пустински борци ја слават спектакуларната победа над најмоќната армија во светот, критичарите укажуваат дека ова е само повторено сценарио: она кое пред десет години се одигра во Ирак.

Имено, американските трупи на идентичен начин се повлекоа од таа земја во 2011. Во рок од три години, војската на милитантите беше на само неколку километри од портите на Багдад, однесе многу животи и зазема многу значајни градови во Ирак. За повлекувањето преговараше истиот човек, тогаш потпретседател, а сега претседател на САД Џо Бајден.

Откако, во 2014 година, ИСИС го почна етничкото чистење во Ирак, убиваше американски новинари и хуманитарни работници, тогашниот претседател Барак Обама ја поништи таа одлука и испрати дополнителна воена поддршка, зголемувајќи го присуството на трупите во таа земја, пишува Си-ен-ен.

Сега Бајден е во слична ситуација и претседава со дебаклот кој целосно самиот го предизвика во Авганистан. Откако Бајден го најави целосното повлекување на американските трупи во април, талибанците зазедоа повеќе од една третина од 34 провинциски града во Авганистан, а сега контролираат речиси сè.

Талибанците ја презедоа контролата на поголемиот дел на северен Авганистан, далеку од своите традиционални упоришта на југот и истокот на земјата, покажувајќи добро смислена воена стратегија.

Американскиот Стејт департмент апелираше до сите граѓани на Соединетите Држави „веднаш“ да ја напуштат земјата, а Пентагон најави дека испраќа дополнителни војници за да помогне во евакуацијата на дипломатите. Во меѓувреме, американската влада ги префрли своите амбасади на аеродромот во Кабул, не сакајќи повторување на сликите на избрзаната евакуација на американската амбасада во Сајгон во 1975 година. Залудно.

Токму како што ИСИС направи во Ирак, талибанците исто така ги напаѓаат затворите низ Авганистан и ги ослободуваат борците кои се придружуваат на бунтот. Авганистанската влада соопшти дека повеќето од овие затворници се осудени за шверц на дрога и оружени грабежи.

Голем број авганистански академици заговараа теорија дека талибанците ќе бараат вистински мировен договор со авганистанската влада, а сега се соочени со суровата реалност во која шанси за таков договор речиси нема.

Меѓутоа, тие се согласија со тоа да се изврши притисок врз авганистанската влада да ослободи 5.000 талибански затвореници, кои потоа им се придружија на соборците на фронтот.

Тешко е да се најде понеуспешно и поконтрапродуктивно дипломатско преговарање од ова. Можеби тоа би можел да биде обидот на британскиот премиер Невил Чембрлен да постигне траен мировен договор со Адолф Хитлер на прагот на Втората светска војна…

Датумот на повлекувањето на американските трупи од Авганистан првично требаше да биде 11 септември 2021 година, но изгледа дека на Бајденовата администрација ѝ текна дека тоа е датумот на 20-годишнината од нападот на Ал каеда.

За глобалното џихадистичко движење, победата на талибанците е значајна исто како победата на ИСИС во Ирак и Сирија. Како што тоа го направија по победите на ИСИС, илјадници странски борци ќе дојдат во Авганистан за да им се придружат на победничките „свети воини“ и да минат воена обука.

Во Авганистан веќе се стационирани 10.000 луѓе од 20 странски џихадистички групи, вклучувајќи ги Ал каеда и ИСИС.

Откако еден по друг главен град на провинциите паѓаа во рацете на талибанците, пораката од Вашингтон до Авганистанците наиде на многу критики, пишува Гардијан.

„Мора да се борат за себе, за својата нација“, кажа Бајден.

„Тие го имаат тоа што им е потребно. Она што треба да го утврдат е дали имаат политичка волја за да го возвратат нападот“, додаде портпаролката на Белата куќа Џен Псаки.

Многу аналитичари тврдат дека наглото повлекување на САД, кое го почна Доналд Трамп, а го продолжи Бајден, придонесе на брзината на колапсот.

„Сржта на проблемот е начинот на кој Бајден ја донесе и најави оваа одлука и моментот во кој ја спроведува“, вели Фредерик Каган, воен историчар кој беше советник на американските команданти во Авганистан.

„Тој го најави повлекувањето на самиот почеток на борбената сезона. Тоа беше навистина непотребно. Можеше да го нареди повлекувањето по завршувањето на големите борби“, смета тој.

To Top