Home Актуелно Македонците со ниска свест за поседување противпожарен апарат во домовите и автомобилите

Македонците со ниска свест за поседување противпожарен апарат во домовите и автомобилите

Според статистичките податоци со кои располагаат надлежните институции, само десет проценти од македонските граѓани во своите домови или во автомобилите имаат противпожарен апарат. Свеста за потребата е многу мала, како и едукацијата за нивната примена.

Марија Кукуноска, менаџерка во БИСПАГ противпожарна техника, една од компаниите што имаат лиценца за работа на македонскиот пазар, вели дека покрај ниската свест за потребата да се поседува во домот и во автомобилот, проблем е и староста на противпожарните апарати што ги поседуваат институциите.

– Противпожарен апарат потребно е да поседува секој дом, секој автомобил и секој правен субјект, бидејќи претставува превентивно средство за лична безбедност. Важно е да се поседува како средство за почетно гаснење пожар, за да се спречи понатамошно ширење, но исто така во случаи каде што имаме пожар со правилна употреба на ПП-апаратот и за трасирање пат кон најблискиот излез за евакуација од просторијата што е зафатена со пожар, вели Кукуноска.

Законски за домаќинства и за автомобили во приватна сопственост не е задолжително поседување противпожарни апарати, а обврска е за возилата што вршат превоз на патници и за институциите и фирмите.

Според Кукуноска, внимание треба да се обрне и на едукацијата на граѓаните за користење на противпожарните апарати. Како што најави, нивната компанија ќе спроведе едукативна кампања месецов, кој е определен за заштита од пожари и безбедност во светски рамки.

– Употребата на ПП-апаратот е многу едноставна, но секако потребно е да претходи обука за правилно користење со придржување кон упатството на производителот на ПП-апаратот што се наоѓа на секој апарат со шематски приказ за начинот на употреба, како и векот на траење, истакнува Кукуноска.

Појаснува дека новите апарати имаат век на траење 20 години. Во некои институции, укажува, има ПП-апарати од седумесеттите години на минатиот век, кои иако се со рок на траење од седум години, сè уште се во употреба и претставуваат опасност. Тие, порачува, треба да се заменат со нови.

Месецов ја интензивираат активноста наречена „Старо за ново”, со цел подигнување на безбедноста на највисоко ниво, со што би ги замениле старите апарати што се максимално небезбедни со нови. /MИА

Вчитај повеќе поврзани статии
Comments are closed.

Check Also

Ген Зет повеќе се плаши да побара зголемување на плата отколку да раскине врска!

Кога е полесно да кажеш „веќе не те сакам“ отколку „сакам повисока плата“! Во свет кој се …