Македонскиот Судски совет од утре под лупа на Европската унија


Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


Хрватскиот правник Бранко Хорватин со експертски тим од земји на Европската унија, во четврток и петок ќе ја анализира работата на Судскиот совет во Македонија. Мисијата ја испраќа Европската комисија, а месецов ја најави амбасадорот на ЕУ во земјата, Дејвид Гир откако и ЕУ и САД јавно ја критикуваа состојбата во македонското судство.

„Ги следиме случувањата во Судскиот совет одблиску и со голема загриженост. Судскиот совет треба да игра многу значајна улога – да ја штити и промовира независноста, професионализмот и интегритетот на судството. Јасно е дека не го прави тоа. И она што го видовме неодамна е навистина многу загрижувачки“, изјави Гир за телевизија Телма на почетокот на месецов.

Тим експерти од земјите-членки на ЕУ ќе ја испитува институционалната рамка на Судскиот совет и ќе предложи краткорочни и среднорочни мерки, вклучително законодавни и институционални мерки, со цел да се зајакне независноста, непристрасноста и кредибилитетот на ова важно тело за управување со судството, се наведува во соопштението од ЕУ.

Хорватин ќе ја скенира состојбата на 27 и 28 јули, а целиот процес ќе биде заокружен со посетата на експерти од ЕУ во септември годинава.

Клопчето околу Судскиот совет почна да се одмотува кога на спорен начин на 26 април беше разрешена претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева, која беше обвинета дека го затаила писмото коешто американската амбасадорка Ангела Агелер го испратила до Судскиот совет на 11 април, а во кое се изнесуваат критики за работата на судовите.

Потоа се нижеа низа седници со високи тонови и меѓусебни расправии, на кои што беа избрани нови раководни тела, но остана впечатокот со којшто се согласи и претседателот Стево Пендаровски – дека „целиот состав на Судскиот совет се посрамоти во очите на јавноста“.

И Владата и шефот на државата ја поздравија одлуката на ЕУ, одблизу да ја контролира работата на Советот. Тоа го стори и самото тело.

Во период кога земјата е под засилен мониторинг на патот кон ЕУ, особено во однос на реформите во правосудството, очекувањата на надлежните се дека на овој начин ќе се детектираат слабостите и ќе се подобри работата на независното судско тело, кое се најде под притисок на јавноста за оставки и одговорност поради начинот на неговата работа.