Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Овде е се уште поисплатливо да работиш за мали пари во администрација, но да не те боли глава и да немаш одговорност, отколку да ја чукаш главата на пазарот со „приватњаци„ – цел ден на улица, кај коминтенти и партнери, кај банки и осигурувања, и на крајот се разбира во УЈП (Буџетот од каде не земаш, туку даваш), и сепак, да заработуваш многу повеќе пари оти си храбар, инвестираш (и самиот незнаеш што правиш … така те убедуваат токму овие од администрацијата), си понел ризик (не знаеш зошто) и носиш одлуки (луди сами по себе, оти само ти си веруваш на одлуките) …
Премиерот Зоран Заев, заедно со министерот за финансии Драган Тевдовски беа гости на состанокот на младата амбициозна и креативна организација – Асоцијација на менаџери на Македонија.
Фајтерски и во свој енергичен стил Заев сакаше да ги слушне предлозите и причините – зошто да не се зголемува стапката на персоналниот данок на доход која сега изнесува 10% рамно за сите, притоа објаснувајќи дека е рано за даночни реформи и дека дебатата ќе се води долго во текот на следната 2018 година.
Премиерот бараше аргументи и мислам дека ги доби. Еден од темелните аргументи што во суштина поаѓа од фундаменталните платформи за развој на компаниите, а со тоа и економијата е следниот:
„Најдобро е да нема промени на стапката за пероснален данок на доход. Аргументите за тоа се дека се наградуваат просечните, а бизнисот и успешните поединци се демотивираат и исселуваат надвор, посебно фриленсерите. Парите се лоцираат во странство, се прави одлив на кадар и реално е можно да се зголеми даночната евазија„, е ставот на Асоцијацијата на менаџери на Македонија.
„Македонија вработува“!?
Од подалеку ќе тргнам за да дојдам до главната поента!
Во меѓувреме додека не тргне поенергично „Општата расправа за растот на економијата во Македонија„ да видиме што имаме на теренот …
“Капитал” неодамна објави дека Регистарот на вработени во јавниот сектор покажува дека во Македонија има дури 129 јавни претпријатија во кои се вработени 17.872 лица. Трагичен е податокот дека во јавните претпријатија во Македонија во 2007 година работеле 8.299 луѓе, што значи дека за десет години (време на владеење на Владата на Никола Груевски) бројот на вработени во јавните претпријатија е зголемен за цели 115%, или за повеќе од двојно.Главната причина за големиот раст на вработените може да се бара единствено во фактот дека јавните претпријатија во Македонија отсекогаш биле злоупотребувани од политичарите на власт, како јасли за вдомување на партиски кадри и решавање на социјални случаи. Но, овде нема елементарна економска логика!?
Во владините кругови деновиве кружи една анегдота за еден настан. На некој вработен од администрацијата, со потекло од Гостивар, кој не доаѓал на работа, а примал плата, му дале отказ по основ што три дена последователно не доаѓал на работа (законски основ). Тој се јавил кај надлежните во владата и им рекол: де бре луѓе јас три години не доаѓам на работа сега за три дена ли е проблемот!?
Секако тоа се комедиите поврзани со јавната администрација. Од друга страна трагедиите се во безобразното цицање на Буџетот на земјата од некритични и паразитки слоеви на општество, кои од позиции на членство во партии многу години наназад го јавнаа и самиот централен Буџет, но посредно, ако сакате и непосредно, ги цицаат и оние кои го полнат буџетот со даноци, а тоа се приватните компании и поединци кои заработуваат во она што денес овде се нарекува пазарна економија …!?
На пример, се уште се свежи сеќавањата од пред четири години, на оној глупавиот подпроект, на уште поглупавиот главен проект – „Македонија вработува„, украден од сценариото, на американската серија „Кула од карти„ каде, во суштина беше извитоперен проектот „Америка вработува„, проект во серијата прикажан со многу подлабока суштина и пораки, од онаа што многу површно, и лесно, го смислија овие во нашите националистички и популистички, а духовно празни, владини лаборатории …
Овде во Македонија, замислете, беше организирана своевидна лотарија преку која компјутерски се избраа 1.600 лица од социјално ранливите групи! И замислете за тие 1.600 работни места беа пријавени вкупно 20 илјади лица!
Каква катастрофа! Каква немоќ … И како што бидуваше во тие години под јаремот на Груевски, среќните добитници кои се извлекуваа во присуство на министерот за финансии Зоран Ставрески, министерот за администрација Иво Ивановски и директорот на “Македонски шуми” добија вработување во јавното претпријатие Македонски шуми, со појаснување дека по обуката ќе бидат прераспределни во други државни институции согласно квалификациите.
Каква национална деструктивна психологија градеше владата на Груевски!
Но, во суштина најголеми добитници беа Груевски, Ставревски Ивановски оти добиваа гласови на избори. Ги држеа на узда граѓаните во исчекување дека ако не добијат во оваа тура, вработување сигурно ќе добијат во следната. И така билдаа вработувања во јавните претпријатија, така билдаа трошоци на буџетот, така го слабееја приватниот сектор, и потоа откако го клекнаа на колена „крвта му ја цицаа„.
Губитници на подолг рок се повторно оние кои добија работа во „шумите„ оти ги изгубија годините, и ништо важно не добија со тоа што се таму. Ниту ќе имаат нешто важно да раскажат за својот професионален живот. Напротив, нервно попуштија оти не знаат дали и кога ќе ги избркаат еден убав ден.
Друга голема тема е што голем дел од јавните претпријатија работат со загуба, не можејќи да ги покријат ниту основните трошоци на работење!Трупаатогромни долгови кон државните институции и фондови по основ на даноци, придонеси и други давачки.
Што сакам да кажам?
Ајде да ја свртиме темата.
Само 10% од овие 18.000 вработени во јавните претприја да научиле малку бизнис таму, и да се одважат храбро да излезат на чистина … на улица … на слободен пазар. Да основаат сопствени компании. Тоа се 1.800 нови фирми во македонската економија.
Знаете ли колку и какви можности се тоа? За нив, за нивните семејства, за државата и општеството … Индивидуално ќе вложат многу поголем напор и ќе мораат да употребат многу повеќе вештини, и знаење, кои ќе треба да ги стекнат. Но, ќе бидат многу посреќни и ќе заработуваат многу повеќе пари. Дури и ќе имаат многу повеќе слободно време … Нивните семејства ќе бидат многу посреќни. Државата исто така ќе биде посреќна оти ќе има поширока даночна база со повеќе даночни обврзници за прибирање на данок – како данок на добивка, така пероснален данок, па и ДДВ. Погледнете во еден пасус колку придобивки напишав … И замислете да имате повеќе даночни обврзници со рамен данок од 10%. Нели е тоа повеќе и попродуктивно отколку да имате повисока данок од 10%, а да го примените на помал број даночни обврзници!?!
Но, како што обично бидува овде по долината на Вардар, се соочуваме со многу деструктивен менталитет, отсуство на храброст и дрскост, присуство на големо количество конформизам, клиентелизам и чисто партиско подаништво … Врвните вредностите овде е да се „пикнеш„ во јавната администрација, твојот близок да земе тендер со државата, ти да се бориш по онаа „македонска скала на вредности во администрацијата„ каде треба да станеш некој имагинарен шеф без специјални овластувања (што е добро за тебе) за 2000 денари поголема плата …!? Да имаш добра пауза за топол оброк на улица Македонија (четврт бурек со сирење и едно еспресо). Тоа е целта!?
Со други зборови овде во Македонија се уште е поисплатливо да работиш за мали пари во администрација, но да не те боли глава и да немаш одговорност, отколку да ја чукаш главата на отворен слободен пазар на „приватњаци„ – цел ден на улица, кај коминтенти и партнери, кај банки и осигурувања, и на крајот се разбира во УЈП (Буџетот од каде не земаш, туку даваш), и сепак, да заработуваш многу повеќе пари оти си храбар, инвестираш (и самиот незнаеш што правиш … така те убедуваат токму овие од администрацијата), си понел ризик (не знаеш зошто) и носиш одлуки (луди сами по себе оти само ти си веруваш на одлуките) …
Главната поента на крајот!
Ако е така, а поинаку не е сигурно овде во Македонија, зошто тогаш е потребно да се оданочат примањата што се над 60.000 денари, со повисоки стапки на персонален данок од доход!!!??? Зарем тоа не е дестимулативно за приватниот бизнис!? Зарем тоа нема дополнително да го намали и така тесниот спектар на приватни претприемачки иницијативи? Па зарем сите треба да се „начукаме„ во јавните претпријатија?
Каква порака се праќа кон идните контингенти млади луѓе кои својата животна професионална приказна сакаат да ја раскажат во приватниот сектор. Таму каде што се бијат најсилните!?
И сосема за крај, премиерот Зоран Заев и министерот Драган Тевдовски се одважија и дојдоа меѓу менаџерите во повеќе македонски приватни компании. Ги слушаа … Не знам точно што си мислеја додека ги слушаа, но јас кој бев на состанокот, неколку пати помислив како лесно можеме сите како општество да создадеме таква атмосфера во која можеби две третини од тие млади луѓе менаџери да посакаат, со голем ќеиф, да одморат малку во државна администрација!!?? Таква е состојбата на умот овде.
Минатата недела напишав на ова место дека македонската економија не поседува силни компании, па ако сакате не поседува ни силни банки, што можат да ја пратат стратешката владина цел – високи стапки на раст од 5% и тоа повеќе години едно по друго.
Тие се многу задолжени, квалитетно изрекетирани од претходната власт, а тоа рекетирање траеше 11 години, „исцедени„ како лимон, а основачите на тие фирми, менаџерите, па и работниците се крајно демотивирани за да продолжат да работат, … и сега лежат полумртви на она што значи „економска површина„ во период после цунами.
Затоа, ако нешто е најпотребно во моментов е луѓе со идеи, претприемачи и покренувачи на бизниси. Но, и владина енергија која ќе ги пушти слободно во просторот. Да создаваат. Луѓе кои ќе наоѓаат работа, ќе создаваат шанси и ќе даваат голови … Луѓе кои ќе летаат!
Оттука, прескапо е на нивниот грб да се прекрши потребата од поголема правичност во општеството. Оставете ги да работат и да ЗАРАБОТУВААТ!
Извор: Капитал