Кратка биографија на Хорхе Марио Бергољо – за светот познат како папата Франциск


Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


Хорхе Марио Бергољо, аргентинскиот свештеник кој моментално е актуелен поглавар на римокатоличката црква и го носи името Франциск е 266. папа кој застанал на чело на католичките верници.

Го наследи Бенедикт XVI, кој поднесе оставка. Тој е првиот верски поглавар на 1,2 милијарда Католици кој доаѓа од Латинска Америка и прв папа кој не е од Европа, по речиси илјада години. Папата Франциск е првиот језуит на чело на Ватикан.

Роден е на 17 декември 1936 година во Буенос Аирес. За кардинал бил избран во 2001 година. Работел на подобрување на угледот на црквата, која загубила многу верници, бидејќи отворено не застанала против диктатурата во Аргентина во 70-тите години од 20 век.

Во 2005 година бил во најтесниот избор на претходната конклава кога кардиналот Џозеф Рацингер бил избран за папа Бенедикт шеснаесетти.

Токму приврзаноста на редот на језуитите ја објаснува неговата одлука како папа да го носи името Франциск, по светиот Франческо Асишки, светец заштитник на сиромашните.

Папата Франциск е дете на италијанските имигранти Хосе Марио Франциско Бергољо и Реџина Марија Сивори.

Папата учел средно технолошко и добил диплома за хемиски техничар. Пред да им се приклучи на језуитите, Бергољо работел како вратар, а работел и во лабораторија. Кога стана папа, за Бергољо се пишуваше дека е магистер по хемија, но подоцна беше утврдено дека тоа не е вистина.

12-годишниот Хрохе (четвртото момче од лево во третиот ред од горе надолу)

Наклонетоста кон свештенството папата ја открил кога одел на прослава на Денот на пролетта. Поминал покрај црква за да оди на исповед и бил инспириран од свештеник. Бергољо учел на архиепископската богословија „Инмакулада Консепсион семинари“ (Inmaculada Concepción Seminary) во Вила Девото, Буенос Аирес, Аргентина. Три години подоцна, на 11 март 1958 година, тој влегол во језуитите. Бергољо има признато дека додека бил ученик во семинарија, му се допаѓала девојка која ја сретнал тогаш и кратко се двоумел дали да продолжи со религиозната кариера.

Како нов језуит, тој студирал хуманистички науки во Сантијаго, Чиле. По учењето во „Друштвото на Исус“, Бергољо официјално станал језуит на 12 март 1960 година.

Истата година тој зел диплома за филозофија од „Колехио Максимо де Сан Хосе“ во Сан Мигел, Аргентина. Од 1964 до 1965 година предавал литература и психологија во средното училиште „Колегио де ла Инмакулада Консепсион“ во Санта Фе. Во 1966 година ги предавал истите предмети во „Колегио дел Салвадор“ во Буенос Аирес.

Во 1967 година Бергољо ги завршува студиите по теологија и на 13 декември 1969 година бил ракоположен за свештеник. Тој студирал на Филозофско-теолошкиот факултет во Сан Мигел. Служел како учител на дојденците во провинцијата таму и станал професор по теологија.

Последната фаза од неговата духовна обука како језуит ја завршува во Шпанија. Во 1973 година Бергољо бил именуван за провинциски игумен на „Друштвото на Исус“ и на таа функција бил до 1979 година.

Во 1980 година Бергољо бил поставен за ректор на Филозофско-теолошкиот факултет во Сан Мигел. Пред да стапи на функцијата, тој минал три месеци во Ирска за да научи англиски, а потоа се вратил во Аргентина и бил ректор до 1986 година.

Потоа Бергољо оди на истражувачки престој во Филозофско-теолошката висока школа „Санкт Георген“ во Франкфурт, Германија, за да ги разгледа можностите за темата на неговата докторска дисертација, која сепак останала недовршена. Потоа работел како духовен соработник во Кордоба.

Покрај италијански, папата Франциск течно зборува и шпански и германски, а се служи и со англискиот, францускиот и португалскиот јазик. Покрај тоа, додека студирал, тој учел и латински и старогрчки.

Бергољо е фан на фудбалскиот клуб „Сан Лоренцо де Алмагро“. Тој ги сака филмовите на Тита Мерељо и тангото, со наклонетост кон традиционалната аргентинска и уругвајска музика позната како милонга.