Како „црната принцеза“ на југословенскиот рок почина сама, отфрлена од сите


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Маргита Маги Стефановиќ беше клавијатуристка на култната југословенска рок група EKV, која до денес стана една од иконите на новиот бран и рок музиката во бивша Југославија.

Своевремено ја стекна титулата „црна принцеза“ на новиот бран, а подоцна нејзината титула се претвори и во животна судбина, црна судбина, бидејќи почина осамена, заборавена и отфрлена од сите. Последните денови од нејзиниот живот ги помина во белградскиот центар за бездомници.

Родена е како ќерка единица, а нејзин татко беше театарскиот и ТВ режисер Славољуб Стефановиќ-Раваси. Заврши музичка школа и беше една од најталентираните пијанистки на овие простори.

Имаше понуда за продолжување на образованието на московскиот музички конзерваториум, но таа го одби тоа и запиша (а подоцна и заврши) студии по архитектура. Се зборува дека со својата убавина и харизма го привлекувала вниманието каде и да се појави.

Меѓутоа, нејзиниот живот и иднината се менуваат после средбата со Милан Младеновиќ во 1982 година во Белград. Маги со својата појава и талент го воодушевила Младеновиќ и веднаш добила понуда за место во бендот кој најпрвин се викаше „Katarina II“, а потоа „Ekatarina Velika“.

Маги во тоа време работеше повеќе раобти – компонираше, продуцираше, па дури и глумеше. Беше една од најприсутните личности на белградското боемско-културно милје. Имаше големо влијание на музиката од EKV, а и денес важи за синоним за бендот.

Во EKV беше до 1994 година, односно до распадот на бендот и смртта на Младеновиќ, но и после тоа продолжи да се занимава со музика. Меѓутоа, иако професионално беше многу успешна, Маргита се бореше со личните демони. Се бореше со зависноста од тешки дроги, која ескалираше откако почина нејзиниот татко.

Се обиде да се избори со личните демони да си го спаси животот, но во тоа настојување изгуби сè. Продаде сè што поседуваше и наследи, со надеж дека ќе успее да го промени својот начин на живот, но не успеа во тоа. Пред крајот на нејзиниот живот се пресели во напуштена гаража во предградието на Белград, каде живееше осамена и напуштена од сите.

Набрзо стана бездомничка и заврши во белградското прифатилиште за бездомници. Почина на 18 септември, 2002 година. Зад себе не остави ништо материјално, но остави огромно музичко наследство кое никогаш нема да биде заборавено.

Нејзиниот живот и денес предизвикува голем интерес, а многумина и понатаму се обидуваат да ја разберат и да си ја објаснат. Додека некои ја нарекуваат еден од најголемите уметници генерално на овие простори, други во неа гледаат само зависничка која на крајот успеа да си го уништи целиот живот. Новинарот Душан Весиќ ја напиша и нејзината биографија со наслов „Magi, kao da je bila nekad“.