Иванов распали на Мечкин Камен: Со договорот не се менува само името, туку и македонскиот државен и институционален идентитет!


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Претседателот на Република Македонија на Мечкин Камен по повод Илинден имаше прилично впечатлив говор во кој уште еднаш го потенцираше својот став за непопуштање во однос на притисоците да се промени нашето име и идентитет, што според него и ќе се случи, доколку се прифати договорот со Грција.

„За да се живее живот во светлина потребна е пожртвуваност“, порача Иванов денеска од Мечкин Камен, повикувајќи ги граѓаните да се спротивстават на промената на името и на договорот со Грција.

„Како што Илинденците со својата жртва го подготвија патот за партизаните, и како што партизаните со својата жртва го отворија патот за нашата генерација во Република Македонија, така и нашата жртва е некогаш неопходна за да опстои тој дух на републиката“.

Во говор кој изобилуваше со критики и обвинувања на сметка на владата, Иванов го спореди договорот со Грција со признавањето на Тајван од страна на владата на Љубчо Георгиевски во 1998 година. Тајванската авантура, според Иванов, била резултат на „среброљубие“, додека договорот со Грција е „резултат на славољубие“.

„Ако Тајванскиот договор беше резултат на среброљубие, Грчкиот договор е резултат на славољубие. Заслепени од рефлекторите, на некои наши политичари како личната слава да им е помила од достоинството и судбината на цел еден народ. Ако со тајванскиот договор се направи обид да се редефинира позицијата на Република Македонија на меѓународен план, со грчкиот договор се редефинира самата наша држава“, порача Иванов.

Во говорот тој се повикуваше на ставови на историски дејци и револуционери, но и на поранешните претседатели Борис Трајковски и Киро Глигоров, додека од публиката скандираа „Иванов, Иванов“.

Шефот на државата обвини дека е „лага дека со грчкиот договор се менува само името“. Според него, се менуваат и „македонскиот државен и институционален идентитет“.

„Лага е дека со овој договор се јакне македонскиот идентите,т напротив со него правно се укинува македонскиот народ. Со него се брише идеалот на македонскиот народ да има своја држава“, рече Иванов.

Овие пораки на прославата на Мечкин Камен Иванов ги искажа во присуство на Метју Палмер, заменик помошник државен секретар во Стејт Департментот на САД за Европа и Евроазија, кој беше придружуван од американскиот амбасадор Џес Бејли.

Владината делегација во Крушево ја претставуваа вицепремиерот Кочо Анѓушев, министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, за информатичко општество Дамјан Манчевски, за здравство Венко Филипче и за локална самоуправа Сухејл Фазлиу.

Има информации дека владината делегација била гаѓана со пластични шишиња.

Иванов целиот говор ја критикуваше Владата:

-Истовремено, повикувам да престане да се злоупотребува остварувањето на нашите стратешки цели и определби. Европската Унија и НАТО не смеат да бидат алиби за лош договор, кој ќе предизвика несогледливи и штетни последици по државните и националните интереси на Република Македонија

Лекцијата што постојано ни се повторува бидејќи никако да ја научиме е следната: најголемите национални катастрофи на Македонија и се случувале тогаш кога е заобиколувана општата волја и кога е напуштан националниот консензус, порача Иванов.

Републиката постои за да го заштити општото добро од секој оној што ќе посака да го присвои само за себе.

Смислата на републиканските механизми е да ја спречат злоупотребата на власта за тесни лични и партиски интереси. Секогаш кога тесните лични и партиски интереси го завземаат местото на трајните интереси на Републиката се завршувало со национална катастрофа, подвлече македонскиот претседател.

Потсетувајќи на познатата мисла од Блаже Конески „Големо ни е името, ќе посакаат да ни го земат“, Иванов рече дали со штетниот грчки договор сега ние сами, доброволно им го даваме името.

– Прашањето за името и идентитетот е постаро од секој Устав, од секоја Влада, од секоја партија, од секој претседател. Постаро е дури и од државата. Ниту еден поединец, од ниту една генерација, нема право да тргува со тоа има и со тој идентитет, порача Иванов од Мечкин Камен.