Квентин Тарантино е меѓу најуспешните холивудски режисери, со богатство кое се проценува на 150 милиони долари. Но, уште како дете си ветил дека неговата мајка, Кони Заступил, нема да добие ни денар од парите што ќе ги заработи со пишување.
Причината, според режисерот на „Евтини приказни“, е нејзината потсмешлива реакција на неговите писателски амбиции кога имал само 12 години.
Тарантино се присетил на една случка во која Заступил, која сега има 80 години, го прекорувала поради неговиот однос кон обврските. Според неговото раскажување, таа му рекла: „А, патем, таа твоја мала писателска кариера“, нагласувајќи ги зборовите со наводници во воздух. „Таа мала писателска кариера со која се занимаваш? Со тоа ср*ње е завршено“.
Токму тогаш сценаристот и режисер на „Беше еднаш во Холивуд“ си дал ветување до кое, како што вели, се придржува со децении.
„Кога ми го кажа тоа со таков сарказам, во себе си реков: ‘Во ред, госпоѓо, кога ќе станам успешен писател, нема да видиш ни денар од мојот успех’“, му раскажал Тарантино на водителот на поткастот, Брајан Копелман. „‘Нема куќа за тебе. Нема одмор за тебе, нема кадилак за мама како оној на Елвис. Ништо нема да добиеш затоа што го кажа тоа’“.
Кога Копелман, кој има 60 години, го прашал дали го одржал ветувањето, Тарантино одговорил: „Да“.
Сепак, режисерот посочил дека направил еден исклучок: ѝ помогнал на мајка си кога имала проблем со американската даночна служба, ИРС.
„Но, куќа — не. Нема кадилак, нема куќа“, нагласил тој.
Водителот сугерирал дека можеби токму неодобрувањето на неговата страст од страна на мајка му го поттикнало да постигне уште поголем успех. Но, авторот на „Касапски кучиња“ не се согласил со таквото толкување.

Извор: US Weekly