Хорор во Виена: Вооружени лица пукаа во минувачи по улиците – најмалку 4 мртви и 15 повредени (снимки)


Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


Според податоците кои ги соопшти вчера вечерта австриската полиција, три цивили и еден осомничен терорист се мртви по пукањата на шест локации во центарот на Виена.

Најмалку 15 лица се повредени, од кои седум сериозно, откако повеќе напади ја потресоа Виена во областа близу главната синагога во градот. Полицијата потврди дека е убиен случаен минувач, а застрелан е и еден од напаѓачите.

Вознемирувачки и непотврдени, на социјалните мрежи се споделуваат видеа на кои се гледа како застрелани луѓе крвават околу надворешните маси на локални ресторани.

Виенската полиција повеќе пати побара да не се споделуваат видеа или фотографии на социјалните мрежи.

Министерот за внатрешни работи посочи дека некои напаѓачи сѐ уште може да се во движење, па затоа давањето какви било информации на социјалните мрежи за тоа каде се полициските локации може да бидат опасни.

Во интервју за австрискиот радиодифузер ОРФ, портпаролот на полицијата Харалд Сарос потврди дека органите за спроведување на законот реагирале на шест локации на злосторства, сите лоцирани во истата област во близина на еврејскиот храм, кој бил затворен за време на нападот.

Сарос ниту ги потврди, ниту ги негираше информациите на локалните медиуми за можна заложничка криза во ресторан во центарот на градот, велејќи дека ситуацијата е динамична и дека е „рано“ за да се потврди нешто.

На интернет кружат видео и слики од одреден број мажи, голи од половина нагоре и со рацете кренати во воздух, кон кои се приближува тешковооружена полиција. Не е познато дали овие мажи се директно вклучени во нападот. Точниот број на напаѓачите или на групите вклучени во нападот исто така е непознат.

Австрискиот канцелар Себастијан Курц синоќешното пукање во Виена го нарече „грозоморен терористички напад“.

Тој рече дека вооружените сили ќе преземат некои полициски операции за да ѝ се овозможи на полицијата да се фокусира на својата антитерористичка работа.